На двата осминафинални натпревари, Хрватска – Шпанија (3-5) и Франција – Швајцарија (3-3, 4-5, пенали), Хрватите и Швајцарците со головите во финишот на 90-те минути ги анулираа негативите од 1-3, па се играа продолженија, а се изведуваа и пенали, по што беше елиминиран светскиот првак Франција

Прекрасна, волшебна понеделничка фудбалска вечер на Европското првенство (ЕП) 2020, можеби најинтересна во 60-годишната историјата на ЕП. На двата осминафинални натпревари, Хрватска – Шпанија (3-5) и Франција – Швајцарија (3-3, 4-5, пенали), беа постигнати вкупно 14 гола, Хрватите и Швајцарците со головите во финишот на 90-те минути ги анулираа негативите од 1-3, па се играа продолженија, вкупно 240 минути полни со драма и возбудувања, пишува „Би-би-си“.
Меѓу другото, во Копенхаген имаше бизарен автогол (на Педри), а во Букурешт прекрасен погодок (на Пол Погба), пенали и елиминација на еден од фаворитите, светскиот првак и европски вицепрвак Франција.
„Ова е можеби најдобриот фудбалски ден во мојот живот. Два извонредни натпревари, кои по многу наликуваа еден на друг. Неверојатни сцени“, напиша на Твитер Гари Линекер, поранешен репрезентативец на Англија, сега ТВ-коментатор.
Шпанија се пласира во четврт-финалето, победувајќи ја Хрватска со 5-3 по продолженијата. Тимот на Луис Енрике водеше со 3-1 до 85-та минута и се чинеше дека сѐ е готово. Но работите се сменија кога неговиот колега Златко Далиќ ги внесе во игра Мислав Оршиќ и Марио Пашалиќ, кои погодија двапати во последните пет минути за израмнување, 3-3. Но Шпанците се консолидираа во дополнителните 30 минути и на крајот славеа.

– Епски натпревар со убава завршница, Имав навистина интензивни натпревари како играч, како тренер и селектор, но на овој имаше од сѐ по малку. Подготвен сум за следни вакви натпревари, но не сум сигурен дали моето семејство или навивачите го посакуваат тоа. Крајот на мечот беше многу убав, мило ми е што имавме втора шанса да го добиеме – изјави Енрике.
И додека Шпанците се радуваа, Хрватите во голема тага.
– Кога ги постигнавме двата гола по ред и израмнивме, моето срце беше големо како куќа, но потоа се скрши откако ги примивме двата гола – изјави Никола Влашиќ за хрватската телевизија (ХРТ).
Возбудувањата продолжија и на мечот во Букурешт, каде што Швајцарија го шокира светскиот првак Франција. Избраниците на францускиот селектор Дидие Дешам беа во нагатива од еден гол на полувремето, потоа беше досуден и пенал за Швајцарија што лошо го изведе Рикардо Родригез, поточно го одбрани Уго Лорис.

Веднаш потоа, Карим Бензема даде два гола за две минути, за 2-1, а ударот од далечина и голот на Пол Погба во 75-та минута за 3-1, се чинеше дека се доволни за победа на Франција. Но Швајцарците во последните десетина минути, со головите на Харис Сеферовиќ и на Марио Гаврановиќ, изборија продолженија и пенали. Одлучувачкиот петти удар од белата точка го промаши Килијан Мбапе, поточно Јан Зомер го одбрани неговиот удар.
– Каков натпревар, каква фудбалска вечер! Ова беше наша шанса конечно да го минеме осминафиналето бидејќи никогаш порано не успевавме. Неверојатно е, игравме со срце и со карактер. Бевме во тешка ситуација по промашениот пенал. Горд сум на тимот, како ја анулиравме негативата. Ние секогаш верувавме – изјави Зомер.


Прв триумф на Швајцарците во пенал-рулетот

Првпат по Светското првенство (СП) 2010 година, Франција не успеа да се пласира во четврт-финалната фаза на голем турнир (ЕП/СП). Французите прв пат примија три гола на нокаут-натпревар во ЕП, по 1960 година (против Југославија, 4-5).
Швајцарија првпат по СП 1954 година е меѓу најдобрите осум на едно големо натпреварување (ЕП/СП). Победата над Франција беше прва за нив во пенал-рулетот во двете конкуренции, откако претходно ги загубија трите меча. Швајцарија првпат постигнува три и повеќе гола на два последователни дуела на големите турнири, првпат по СП 1954 година. Стивен Зубер ја забележа четвртата асистенција на ЕП, најмногу од сите играчи на ЕП, од 1980 година, па наваму.


Втор најефикасен меч во историјата на ЕП

Хрватска и Шпанија го одиграа вториот натпревар со најмногу голови во историјата на ЕП, по оној меѓу Франција и Југославија во полуфиналето на ЕП 1960 година (Југославија победи со 5-4). Шпанија е првата репрезентација во историјата на ЕП што постигнала пет гола на два последователни меча (против Словачка, 5-0).
Шпанија првпат имаше пет различни стрелци на натпревар на голем турнир. Автоголот на Педри беше прв за Шпанија на ЕП и од најголема оддалеченост во ова натпреварување, прв постигнат надвор од шеснаесетникот, деветти на ЕП 2020, колку што вкупно беа постигнати на претходните 15 изданија на ова натпреварување. Алваро Мората, пак, го постигна петтиот погодок на ЕП, со што се израмни со Фернандо Торес. На возраст од 18 години и 215 дена, Педри стана најмладиот играч што започнал нокаут-натпревар во историјата на ЕП, надминувајќи го Англичанецот Вејн Руни (18 години и 244 дена, против Португалија во 2004 година).


ЕП 2020, ОСМИНАФИНАЛЕ

1. Велс – Данска 0-4
2. Италија – Австриjа 2-1
3. Холандија – Чешка 0-2
4. Белгија – Португалија 1-0
5. Хрватска – Шпанија 3-5
(продолженија)
6. Франција – Швајцарија 3-3
(4-5, пенали)
7. Англија – Германија синоќа
8. Шведска – Украина синоќа

ЧЕТВРТ-ФИНАЛЕ
Италија – Белгија петок
Шпанија – Швајцарија петок
Победник 7 – Победник 8 сабота
Чешка – Данска сабота