Германскиот голман Мануел Ноер на средбата против Франција во Минхен

Коментарите во француските медиуми за победата на Франција над Германија (1-0) на Европското првенство во фудбал, предизвикаа незадоволство во германската јавност, со што беа принудени да реагираат и германските дипломати. А Грција и Русија протестираа за изгледот на дресовите на Украина, односно на Македонија, со што станува извесно дека нерасчистените меѓудржавни односи ја вмешуваат политиката веќе во воведните денови од големото спортско натпреварување.

Министерот за спорт на Грција, Лефтерис Авгенакис, ѝ се обрати на УЕФА поради, како што истакна, изоставањето на буквата „Н“ во националниот грб на македонските дресови, која треба да го означува зборот „Северна“, при што наведе дека амблемот претставува кршење на Преспанскиот договор. УЕФА ја одбила жалбата, посочувајќи дека кратенката „МКД“ и амблемот на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) се во согласност со Преспанскиот договор, како што пренесоа грчките медиуми. Русија, пак, изрази незадоволство поради присуството на слоганот „слава на хероите“ и поради мапата на Украина на која се наоѓа и полуостровот Крим, на дресовите на украинската репрезентација, по што УЕФА ѝ наложи на Украина да го тргне слоганот од дресовите.

Овие примери на засилена политизација на ЕП 2020 ги забележа и германскиот весник „Зидојче цајтунг“, заедно со случајот „Арнаутовиќ“, посочувајќи дека е можно ширење на ваквата појава во текот на турнирот. Австрискиот весник „Стандард“ пак, навредите кои австрискиот фудбалер Марко Арнаутовиќ ги упати кон македонскиот репрезентативец Езџан Алиоски ги поврза со недостатокот на разјаснување за историјата на Балканот во написот насловен „Расизам на фудбалскиот терен“.

Дали француските медиуми „отидоа во офсајд“ со реакцијата за победата над Германија? Ова прашање ги преокупира политичарите, дипломатите и аналитичарите откако „Л’Екип“ на насловната страница напиша „Како во 18-та“, што се однесуваше или на освојувањето на Светското првенство во 2018 од стран на Франција, или на крајот на Првата светска војна во 1918, или пак на двете ситуации. За многумина, насловот кој уследи по победата од 1-0, беше невкусен.

„Црвен картон“ беше одговорот на лидерот на француската Социјалистичка партија Оливие Фор. А германскиот амбасадор во Франција Ханс-Дитер Лукас се одлучи за дипломатски одговор преку Твитер.

– Сеќавањето на германскиот настап на Светското првенство во 2018 година останува болно, но за среќа нашите пријатели „сините“ (се мисли на француската репрезентација – н.з.) ни овозможија убави емоции таа година. Да живее француско-германското пријателство.

Насловот на „Л’Екип“ е парафразирање на француската фраза „почнувајќи одново како во 14-та“ што може да означува нов почеток, но честопати се користи за опис на несоодветен ентузијазам, потсетувајќи на националното расположение на почетокот на Првата светска војна во 1914 година.

Во написот на францускиот весник се зборуваше и за фудбалското ривалство помеѓу Франција и Германија кое не може да се одвои од двете светски војни, но кое со текот на времето го отстапило местото за „еволуцијата на европската конструкција“.

„Зидојче цајтунг“ смета дека УЕФА веројатно ќе има уште многу работа со политизацијата на натпреварувањето до крајот на ЕП и оти може само да се надева дека нема да дојде до можното четврт-финале помеѓу Русија и Украина во Санкт Петербург. M.Ж.