Една од најстарите копии од правилата за фудбалската игра е продадена за 56.700 фунти, или 65.900 евра, соопшти аукциската куќа „Сотби“. Книгата со правилата на која рачно се внесувани некои измени е откриена во бележник од периодот на Викторија. Таа била отпечатена во 1859 година, по серија состаноци што ги одржал фудбалскиот клуб Шефилд за да се официјализира играта, велат од „Сотби“.
Единствената друга зачувана копија од оваа книга за правила беше дел од историската архива на Шефилд, која во јули 2011 година беше продадена на аукција за 881.000 фунти (1,02 милион евра).
Основан во 1857 година, фудбалскиот клуб Шефилд, од англиската асоцијација (ФА) и од Светската фудбалска федерација (ФИФА) е признаен како најстар клуб во светот. Шефилд имаше клучно влијание врз развојот на фудбалската игра, воведувајќи ги индиректниот удар, ударот од аголот, како и пречките над головите. Во брошурата некои промени на правилата се напишани рачно, вклучувајќи го и правилото за играњето со топка.
– Ова исклучително парче спортска историја нѐ враќа назад кон потеклото на убавата игра „пред повеќе од 160 години“. Покрај тоа што е важен артефакт сам по себе, книгата, исто така, ни дава единствен увид во развојот на правилата на играта со рачно напишаните појаснувања – вели Габриел Хитон, специјалистот за ракописи и книги на „Сотби“.