И покрај економската криза предизвикана од ковид-19, Барселона веќе вложи 91 милион евра во следната сезона. Ако кон нив се додадат и досегашните 989, тогаш вкупната потрошувачка за нови фудбалери од 30 јануари 2015 изнесува неверојатни една милијарда и 80 милиони евра

Барселона последен пат триумфира во Лигата на шампионите (ЛШ) во сезоната 2014/2015, кога на Олимпискиот стадион во Берлин го совлада Јувентус со 3-1. Оттогаш иако се потрошени неверојатни 989 милиони евра за 23 нови играчи (што претставува клуб со најголема потрошувачка во Европа), оваа бројка, сепак не беше доволна да им донесе на Каталонци нова титула во ЛШ. Шпанска „Марка“, пишува за кого се потрошени овие големи пари.

СЕЗОНА 2015/2016: 62 МИЛИОНИ ЕВРА

Првото потпишување на клубот по нивниот европски триумф во Берлин беше за фудбалерот Арда Туран вреден 40 милиони евра, кому истото лето му се придружи и Алеиш Видал за 22 милиона евра, иако тие не можеа да бидат регистрирани до зимата поради забраната на трансфери.

СЕЗОНА 2016/2017:140 МИЛИОНИ ЕВРА

Во сезоната 2015/2016, Барселона ги освои титулите во Ла лига и купот „Копа дел реј“, но беше елиминирана од Атлетико Мадрид во ЛШ и затоа посакуваше следната сезона да ја почне со посилен состав. Шест нови играчи стигнаа на „Ноу камп“ со вкупна цена од 140 милиони евра и ни еден од нив не ги исполни очекувањата. Нови ликови во клубот беа Андре Гомес (50 милиони евра), Пако Алкасер (30), Самуел Умтити (25), Лукас Дигне (16), Јаспер Силесен (16) и Денис Суарез (3). Тоа беше сезона во која го направија незаборавното враќање против ПСЖ (по поразот од 0-4 во Париз), но, сепак, недоволно да се избегне нов европски неуспех, за кој се погрижи Јувентус во следното коло.

СЕЗОНА 2017/2018: 389 МИЛИОНИ ЕВРА

Претходната сезона беше тешка за Барселона, оти Реал Мадрид ја освои својата втора титула во низа во ЛШ, како и титулата во Ла лига. Покрај тоа, Бразилецот Неимар му беше продаден на ПСЖ за огромни 222 милиони евра. Претседателот на клубот Жозеп Мариа Бартомеу реагираше на тој начин што потроши 389 милиони евра на пет играчи: Филипе Кутињо (160 милиони евра), Осман Дембеле (145), Паулињо (40), Нелсон Семедо (35) и Јери Мина (9). Од нив, само Семедо играше и во годинашната ЛШ (против Баерн), додека Кутињо е на заем во баварскиот клуб (во истиот меѓусебен дуел и даде два гола на Барселона). Каталонците таа сезона предводени од тренерот Ернесто Валверде, во ЛШ беа елиминирани од Рома на „Олимпико“ со 0-3, но, сепак, успеаја да го освојат домашното првенство.

СЕЗОНА 2018/2019: 136 МИЛИОНИ ЕВРА

Барселона одлучи таа сезона да не потпишува нови големи договори и повеќе да им верува на Кутињо и на Дембеле како стартери на дуелите. Сепак, трошењето тоа лето достигнаа 136 милиони евра за пет играчи: Малком (42 милиони евра), Артур (40), Клемент Ленглет (35), Артур Видал (18) и Жан-Клер Тобидо (1).

СЕЗОНА 2019/2020: 262 МИЛИОНИ ЕВРА

Барселона минатото лето потпиша договор со Антоан Гризман (кој претходно блескаше во Атлетико Мадрид), вреден 120 милиони евра. Сепак, Французинот во мечот против Баерн годинава во ЛШ влезе во второто полувреме и даде мал придонес. Френки де Јонг стигна во Барселона за 85 милиони евра, по блескавата сезона во Ајакс, а му се придружија и голманот Нето од Валенсије (35) Педри (5), иако потоа беше позајмен назад во Лас Палмас.
Таа зима Барселона повторно беше принудена на нови трансфери по повредите на Луис Суарез и Дембеле. Потпиша договори со Леганес и Мартин Братвајт, откако ја плати клаузулата за трансфер, вредна 18 милиони евра.

СЕЗОНА 2020/2021: 91 МИЛИОН ЕВРА

И покрај големата економска криза што ја предизвика ковид-19, Барселона веќе вложи 91 милион евра во пресрет на следната сезона. Франциско Тринкао од Брага потпиша за 31 милион евра, а Миралем Пјаниќ од Јувентус за 60. Ако на овие 91 милион евра се додадат и тие 989 милиони евра, кој клубот ги потроши во последните пет години, тогаш вкупната потрошувачка за нови фудбалери од 30 јануари 2015 година изнесува неверојатни една милијарда и 80 милиони евра. Во меѓувреме клубот од продажба на свои играчи, оствари добивка од 539 милиони евра, пишува „Марка“.