Покрај коалицискиот договорот за премиер од редовите на ДУИ, сто дена пред избори, голем број реакции во јавноста предизвика и најавата за нови ингеренции на т.н. прв вицепремиер, чии овластувања многу личат на улога на „двоен премиер“

МНОГУ ДИЛЕМИ ЗА ФОРМИРАЊЕТО НА НОВАТА ВЛАДА

Со повторниот избор на Талат Џафери за претседател на Собранието, во петокот, по повеќе од еден месец од одржувањето на изборите, е направен првиот чекор кон создавање ново парламентарно мнозинство и формирање влада. По завршувањето на конститутивната седница на Собранието, Талат Џафери треба да закаже седница за избор на нова влада, за што мандатот го доби лидерот на СДСМ, Зоран Заев. Крајниот рок за поднесување предлог за избор на новата влада е втори септември.
Иако предлозите за новите министри беа објавени уште минатата среда, откако претходно беше официјализирана коалицијата меѓу СДСМ и ДУИ, се чини дека внатрепартиските превирања кај коалицискиот партнер на СДСМ предизвикуваат извесна драматика во формирањето на Владата. Според првичната најава, од редовите на СДСМ во состав на новата влада влегуваат Оливер Спасовски, кој ќе раководи со Министерството за внатрешни работи, Радмила Шекеринска, која ќе продолжи да го води Министерството за одбрана, а предлогот за нов министер за правда е Бојан Маричиќ.

Благој Бочварски ќе раководи со Министерство за транспорт и врски, Јагода Шахпаска со ресорот за труд и социјална политика, а Ирена Стефовска ќе биде нова министерка за култура. Венко Филипче останува министер за здравство, додека вицепремиерката Мила Царовска ќе раководи со Министерство за образование и наука. Досегашниот шеф на дипломатијата Никола Димитров ќе биде вицепремиер задолжен за европски прашања. Фатмир Битиќи ќе биде вицепремиер за економски прашања, а Љупчо Николовски вицепремиер за борба против корупцијата.
ДУИ ќе раководи со министерствата за финансии, за надворешни работи, за економија и за животна средина. Ќе има и вицепремиер и министер за политички систем. Предлогот на ДУИ беше Артан Груби да биде вицепремиер и министер за политички систем, Фатмир Бесими министер за финансии, Бујар Османи за надворешни работи, Крешник Бектеши министер за економија и Насер Нуредини за животната средина. Предлозите за нови министри во средата беа одобрени од највисоките тела на двете партии.

Во меѓувреме, во текот на викендот, ДУИ го објави и името на новиот министер за информатичко општество и администрација, Јетон Шаќири, професор на Меѓународниот универзитет во Струга и директор на комунално претпријатие, со што се комплетира составот на новата влада, која треба да биде избрана во Собранието. Сепак, покрај официјалните партиски соопштенија, во јавноста гласно циркулираат и шпекулации за несогласувања во редовите на ДУИ, за министерската предлог-листа, па се говори и дека е можно Бујар Османи да не биде министер за надворешни работи, а на негово место да биде поставен Артан Груби, додека вицепремиерското место, како и Министерството за политички систем да го раководи Изет Меџити. Но од партијата нема официјална потврда, ниту демант на таквите шпекулации.
Како што најави мандатарот Зоран Заев, во новата влада наместо 26, како досега, ќе има 19 министри, или седум помалку.

Покрај коалицискиот договорот за премиер од редовите на ДУИ, сто дена пред избори, во јавноста предизвикаа реакции и новите ингеренции на т.н. прв вицепремиер, чии овластувања многу личат на улога на „двоен премиер“.
– Ако и претходно ДУИ имаше големо влијание во функционирањето на Владата и воопшто во политичкото живеење во Македонија, сега во буквална смисла се воведува директна контрола на партијата над сите дејства и одлуки на Владата. Ингеренциите на т.н. прв вицепремиер многу личат на нешто како „двоен премиер“ што апсолутно излегува надвор од Уставот и значи воведување нови контролни механизми во Владата од страна на ДУИ. Тоа, секако, води кон разградување на македонската (каква-таква) државност, а ДУИ како партија (сепак не и Албанците во Македонија), на некој начин стануваат уставна категорија – вели политичкиот аналитичар Александар Пандов.
И универзитетската професорка Билјана Ванковска се осврна на овој феномен во нејзината колумна за „Нова Македонија“.

– Сега сè е на виделина – вистинскиот лост на моќта е во рацете на ДУИ, тој пали и гаси – македонските партии се спаринг-партнери во владеењето и во грабежот. Заев изјави дека на сто дена пред наредните избори „ќе му се придружи“ и Албанец премиер! Замислувам сцена од научнофантастичен филм (жанр хорор) во која две тела стануваат едно (двоглаво) чудовиште. Ако се точни вестите од соседството (од каде што обично и стигнуваат непријатни информации, кои овде никој не се осмелува да ги каже) премиеров ќе си има сенка за целото време на „владеењето“ во ликот на „првиот вицепремиер“ – пишува меѓу другото Ванковска.
Инаку, Џафери беше избран со 62 гласа „за“ и 43 „против“. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ гласаа против изборот на Џафери, а по гласањето ја напуштија собраниската сала. Исто така „против“ гласаа и двајцата пратеници од „Левица“, додека 12-те пратеници од Алијанса за Албанците и Алтернатива воопшто не присуствуваа на седницата.