ФУДБАЛ – БАРСЕЛОНА
Новиот тренер на шпанскиот фудбалски клуб Барселона, Роналд Куман, сака поголемиот дел од тимот да биде познат кога ќе ги почне подготовките од следната недела, a тоа, пак, го наведе стратегот да ги извести Уругваецот Луис Суарез и Чилеанецот Артур Видал дека не се повеќе во неговиот план за состав на екипата, пишува шпанскиот дневен спортски весник „Марка“.
Во следните денови Куман ќе разговара и со остатокот од екипата. Меѓу другите фудбалери на Барселона што Куман ги нема во своите планови се претпоставува дека се и Иван Ракитиќ, Умтити и Фирпо, а на пример Жорди Алба ќе биде играч на Барселона, пишува „Марка“. Во меѓувреме Серхио Бускетс, Серхи Роберто и Жерар Пике чекаат да видат што има да им соопшти нивниот нов тренер. Фелипе Кутињо, пак, позајмениот играч на новиот европски првак во Лигата на шампионите (ЛШ), Баерн, посакува да се врати во Барселона.
– Секако дека морам да се вратам во Барселона и тогаш ќе видиме што ќе се случува понатаму. Не сум размислувал многу по ова прашање, оти бев фокусиран на финалето во ЛШ. Она што можам да го кажам е дека сакам напорно да тренирам за да имам блескава година – вели бразилскиот играч за врска во интервјуто за „Мувистар“, пренесе „Марка“.
Тој верува дека нијанси го одвеле неговиот тим до трофејот во ЛШ.
– Финалињата секогаш се такви, дефинирани од најситните детали. Ги контролиравме своите емоции и сега сме прваци – рече Кутињо за „Мувистар“.