Бошковски го постигнува првиот историски гол за Македонија

Тој и од невозможна позиција знаеше да постигне гол и претставуваше страв и трепет за голманите. Имаше богата клупска и репрезентативна кариера. Во првите сезони по осамостојувањето на Македонија, Бошковски двапати беше прв стрелец, а со вкупно 132 гола, повеќе од 15 години, беше рекордер во МФЛ

Зоран Бошковски-Чоко е запишан во македонската фудбалска историја како еден од најефикасните играчи. Тој беше долгогодишен рекордер со постиганите 132 гола во шампионатите на Македонија, а како член на македонската репрезентација во првиот официјален натпревар против Словенија во 1993 година во Крањ, беше стрелец и на првиот гол за националниот тим. Популарниот Чоко убаво се сеќава на тој погодок, како тоа да беше вчера.

– Акцијата почна од средината на теренот, Бабунски го проигра Панчев на левата страна, тој веднаш нафрли во шеснаесетникот, јас втрчав и со волеј ја сместив топката во голот. Така течеше акцијата преку која беше постигнат првиот гол за Македонија на еден официјален натпревар. Потоа постигнавме уште три, примивме еден и крајниот резултат за голема радост на сите нас, а и за љубителите на фудбалот во Македонија, беше 4-1. Така со победа беше означен почетокот на официјалните настапи на македонскиот национален тим на меѓународната сцена – вели Бошковски.

ПИОНЕРСКИТЕ ДЕНОВИ ВО ВАРДАР

Чоко имаше слична кариера како сите деца во тоа време од Скопје. Најнапред ја шуткаше топката на улица, за подоцна да се пресели во училишниот двор на ОУ „Браќа Миладиновци“. Во тоа време тренерите на Вардар, кои беа задолжени за селектирање таленти т.н. скаути често ги обиколуваа училиштата, ја снимаа ситуацијата и ги селектираа најдобрите. Во таа селекција на тренерот Златко Илиевски се најде и Чоко.

– Тоа за мене беше убав момент, зашто почувствував оти вредам и располагам со квалитети, кои, ете, ми овозможија да дојдам во средината за која многу мои врсници сонуваа. Во школата на најпопуларниот наш клуб, покрај Златко Илиевски, со мене работеа и познатите вардарови фудбалери Кирил Дојчиновски, Сократ Мојсов, Бошко Трпевски, Петар Шулинчевски, а подоцна тренери ми беа Андон Дончевски и Часлав Божиновски. Со еден збор минав низ рацете на некогашните фудбалери, а сега тренери. Но првите фудбалски тајни, сепак, ги научив од Илиевски – се сеќава на своите фудбалски почетоци Чоко.

Уште во пионерските денови Бошковски се истакнуваше со своите реализаторски способности. За него уште на почетокот од кариерата не постоеше дилема дека е тој всушност роден за голови.

ПРВОЛИГАШКО ДЕБИ СО 18 ГОДИНИ

Брзиот напредок го исфрли Бошковски во прв план и веќе на 18 години тој се најде во сениорскиот тим на Вардар, кој, пак, во тие години постигнуваше забележителни резултати во Првата лига на поранешна СФРЈ.
– Еден период тренирав со Вукашин Вишњевац, а шансата да заиграм во првиот тим ми ја даде тренерот Илија Димоски, во натпреварувачката сезона 1985/1986 година. Тој ме внесе во тимот на средбата против Динамо од Винковци. Нормално, бев малку збунет, но и подготвен да заиграм и да не разочарам. И така се случи, играв солидно, дури и му асистирав на Дарко Панчев да постигне гол. Конечниот резултат во овој дуел беше 4-0 за Вардар – со насмевка се сеќава на своето прволигашко деби, Бошковски.

Потоа следува период кога Чоко мораше максимално да се докажува во силната конкуренција за да обезбеди место во првиот тим. Таа неизвесност дали ќе игра или не, постојано го оптоваруваше и не можејќи да го издржи тој притисок, помислуваше на промена на средината. Откако одигра десетина натпревари за Вардар, тој реши да замине во битолски Пелистер. Во тоа време битолчаните имаа солиден тим, кој постојано беше во врвот на Втората лига, но со големи амбиции да се пласира и во Првата лига. Откако се успеа во тоа, почна да се чувствува распадот на поранешната држава, што нормално се рефлектира во сите сфери од животот, па и во фудбалот. Така, Првата лига почна без екипите од Словенија и Хрватска, за по сите драматични политички случувања на територијата на поранешна Југославија, предвреме да дојде нејзиниот крај.

– Тоа беше еден турбулентен период во кој секој на свој начин се снаоѓаше. Тогаш секоја република си воведе своја фудбалска лига, па така и Македонија. Со оглед на тоа што во претходните две сезони во Пелистер солидно одиграв, бев интересен за неколку македонски клубови. Дилемата беше каде ќе продолжам – вели Чоко.

СИЛЕКС – ВИСТИНСКИ ИЗБОР

Ставајќи ги на маса сите примени понуди, сепак изборот падна на Силекс од Кратово. Се чини дека Бошковски не згреши, оти кратовци на чело со својот претседател Љубисав Иванов-Зинго, кој беше прв човек и на Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ), имаа големи амбиции да создадат конкурентен тим, кој ќе може рамноправно да се носи во прволигашката конкуренција.

– Силекс во тој период беше предводен од тренерот Лазар Плачков, кој ми даде голема слобода во играта, а тоа беше токму она што го посакував. Откако дојдов во клубот во 1992 година, во следните пет години бев стандарден првотимец и веќе на почетокот од формирањето на нашата Македонска лига, станав и прв стрелец. Во првите четири се менувавме со Саша Ќириќ, една сезона беше тој, потоа јас, па тој, па јас, додека на преден план не избија некои други фудбалери, кои станаа први стрелци во лигата. Јас постојано бев тука, во врвот, па статистичарите собирајќи ги моите прволигашки голови, стигнаа до бројката од 132, постигнати во Првата македонска лига. Таа бројка опстојуваше речиси 15 години, додека не беше соборена од Баже Илиовски – појаснува Бошковски.

Меѓутоа во годините кога Бошковски беше безмилосен кон противничките голмани и ги тресеше нивните мрежи, треба да се истакне дека Силекс имаше силен состав. Во него беа Трајчев, кој е вистинска легенда на кратовскиот фудбал, потоа Сенев, Андовски, Георгиевски-Гусар, Боров, Зефиќ, Николов, а подоцна Захариевски, Ѓокиќ, Гошев, В. Мицевски, Каранфиловски и уште неколкумина извонредни фудбалери. Затоа не случајно кратовци три години во низа ја освојуваа титулата во Македонската лига, а двапати и домашниот Куп.
Откако минаа убавите фудбалски години во Кратово, Бошковски се врати во Вардар и со него триумфира во Купот на Македонија. Една сезона настапуваше за Македонија Ѓ. Петров, за потоа да замине во Словенија. Оттаму пак се врати во Скопје, во Работнички и на 36 години ја заврши кариерата во редовите на Вардар.

МАЈСТОРСКИ ГОЛ НА „ГРАДСКИ“

За репрезентацијата на Македонија Бошковски заигра уште на првиот официјален натпревар против Словенија, а потоа против истата селекција на реваншот во Скопје, пред 25.000 гледачи, го постигна можеби најубавиот и најефектен гол што воопшто е постигнат на „Градскиот стадион“.
– Од левата страна Мемети нафрли во шеснаесетникот, јас ја следев топката и единствено што можев да сторам беше во скок да ја пречекам и со прецизен волеј-удар да ја испратам во противничката мрежа. Стадионот занеме, за по неколку секунди да одекне силен аплауз. Тоа беше мојот најубав и најефектен гол, кој ја разгали публиката – коментира Чоко.

На тој натпревар Македонија повторно ја совлада Словенија, овој пат со 2-0. Потоа, откако во 1994 година на Конгресот во Чикаго и официјално бевме примени во Светската фудбалска федерација (ФИФА), следуваа првите квалификациски натпревари, најнапред за Светското, а потоа и за Европското првенство (ЕП).
– Одиграв 16 мечеви за репрезентацијата на Македонија и постигнав пет гола. Најмногу жалам за ремито со Данска во Скопје, кога до 87-та минута водевме со 1-0, за во финишот да примиме гол. Тогаш сиот европски печат пишуваше за нас како големо фудбалско откритие. Дадов гол и во ремито (1-1) со Белгија во Брисел. Имаше и други возбудливи моменти со националниот тим, но подоцна дојде повредата што ме оддалечи од него – додава Бошковски.


Лична карта
Роден: во 1967 година во Скопје
Кариера: Вардар, Пелистер, Силекс, Македонија Ѓ. Петров, Публикум (Словенија), Работнички, сениорска репрезентација на Македонија
Успеси: три титули со Силекс, три купа на Македонија, два со Силекс и еден со Вардар, две сезони прв стрелец во МФЛ, 16 настапи и пет гола за репрезентацијата на Македонија, а вкупно 132 гола во првенствата на Македонија


Дванаесет хет-трика!

Колку Зоран Бошковски беше опасен за противничките голмани говори и податокот што тој има постигнато дури 12 хет-трика! Во МФЛ на два меча има постигнато по шест, а на еден пет гола.
– Но се сеќавам и на мечевите, како оние против Караорман и Кожуф, кога буквално се изнапромашив – низ смеа вели Чоко.


Тренер на младата репрезентација

Пет години Чоко, заедно со селекторот Бобан Бабунски, беше тренер на младата репрезентација на Македонија.
– Малку недостигаше да бидеме првата македонска фудбалска селекција што ќе настапи во една завршница на Европско првенство. Ни требаше само уште еден бод, за да го оствариме големиот сон – носталгично вели Бошковски.