Холандски Ајакс води на листата на Меѓународниот центар за спортски студии (ЦИЕС) за тоа кои клубови се најдобра отскочна штица за младите фудбалери. Според ЦИЕС, Ајакс во моментов има 22 фудбалери што по заминувањето оствариле трансфер во некои од најдобрите пет лиги во Европа (Англија, Франција, Шпанија, Италија и Германија), што претставува и основен критериум за рангирањето на клубовите.
Ајакс отсекогаш имал статус на клуб што знаел да создаде фудбалер и потоа скапо да го продаде, а неодамнешни примери се Френки де Јонг и Матијас де Лихт, со кои лани ја освои двојната круна во Холандија, а малку недостигаше да биде финалист во Лигата на шампионите (ЛШ).
На второто место е португалска Бенфика (21 фудбалер), а трет е австриски Салцбург (20), кој сезонава остана без еден од најталентираните напаѓачи на денешницата, Норвежанецот Ерлинг Холанд. Следува мало изненадување, а тоа се дури 17 фудбалери што играа за младиот тим на Реал Мадрид (Б-тим), а сега играат во најсилните европски лиги. Исто толку фудбалери извезе и Спортинг, а потоа следуваат Генк (16), Порто, Базел (по 15), Андерлехт (13), Бриж (11), Динамо Загреб (11), Барселона Б (11), Копенхаген (10) итн.