Таа освои четири кристални глобуси, за севкупна победничка (третпат во низа), во слалом (шести пат), велеслалом и во супервелеслалом (прв-пат)

Американката скијачка Микаела Шифрин во феноменален стил, со триумф на велесаломската трка во Андора, вкупно 17-та, рекордна сезонава во Светскиот куп (СК), три повеќе од доскорешната рекордерка Швајцарката Френи Шнајдер (од сезонава 1988/1989), 60-та во кариерата, 26 помалку од рекордните 86 на Ингемар Стенмарк, но освоени за 16 сезони (Шифрин се натпреварува од 2012-та), ја заврши годинашнава сезона.

Со оваа победа Шифрин го освои четвртиот кристален глобус сезонава во СК, за севкупна победничка (третпат во низа), во слалом (по шести пат), велеслалом и во супервелеслалом (првпат). По четири победи во една сезона претходно забележале само нејзината сонародничка, Линдзи Вон, двапати (2010 и 2012) и Словенката Тина Мазе (2013). Повеќе кристални глобуси од овие три скијачки, како и од Французинот Жан Клод Кили во 1967-та и Американецот Фил Мер во 1982-та, има освоено само Швајцарецот Пирмин Цурбриген, пет, во сезоната 1986/1987 (за севкупен победник, во велеслалом, супервелеслалом, спуст и во комбинација).

Шифрин сезонава ја заврши со 2.204 поени, што е втор најдобар ефект во историјата на СК, по рекордните 2.414 на Тина Мазе во 2013 година (Херман Маер во 2000-та освои 2.000 поени).

На овие речиси неверојатни постигнувања на Шифрин, треба да се додадат и двете титули светска првенка од Оре, Шведска, во слалом и во супервелеслалом.

Доколку продолжи да победува со исто или слично темпо, Шифрин, која пред десетина дена наполни 24 години, би можела да го достигне па и да го престигне Стенмарк за две, до три сезони. Нејзината сонародничка Линдзи Вон, која сезоната ја заврши кариерата на 34 години, забележа 82 победи во СК.