Предизвикот ми изгледаше апсолутно неодолив, вели Гил

Британката Гил ги истрча седумте маратона, на седум континенти, за седум дена
(Антарктикот, Кејптаун, Перт, Дубаи, Мадрид, Сантијаго и Мајами) за 24:19,09 часа

Британката Сузана Гил (34) триумфира во Светскиот челенџ-маратон, најтешката светска трка за издржливост. Таа истрча седум маратони за седум дена на седум континенти – на Антарктикот, во Кејптаун, Перт, Дубаи, Мадрид, Сантијаго и во Мајами, во должина од 295 километри, во рекордно време од 24:19,09 часа, или во просек 3,28 часа (стариот рекорд на Американката Бека Пици изнесуваше 3,55 часа), притоа согорувајќи до 5.000 калории дневно.

– Тоа беше луда амбиција, која сакав да ја реализирам. Предизвикот ми изгледаше апсолутно неодолив. Пред 10 години само сакав да бидам во добра кондиција и да трчам на маратонот во Лондон. Сега трчањето маратони буквално ме однесе низ целиот свет – изјави Гил за Би-би-си.

Во минатата деценија таа има истрчано 45 маратони, вклучувајќи ги 10-те во Лондон, каде што најбрзото време ѝ е 2,58 часа. Гил беше втора на првиот маратон на Антарктикот, на температура и до минус 35 степени, а потоа победи на преостанатите шест. За првите четири трки Гил вели дека биле во ред, но петтата, шестата и седмата биле навистина, навистина тешки.

– Почнав да се прашувам дали е добро што го правам тоа, но некако успеав да се справам. Во почетокот јадев доста добро и консумирав доволно калории, но потоа се будев, бидејќи бев прегладнета. На крајот спиев по еден час на еден лет, бидејќи едноставно морав да станувам и да јадам кикиритки, чипс и чоколадо, само тоа го имаше во авионот. Сега се враќам во нормален живот, ќе ми треба некое време мускулите да се вратат во нормала, по што повторно ќе продолжам со трчањето – вели Гил, директорка за комуникации и корпоративни работи во британската коњичка асоцијација.

Победник во машка конкуренција е Американецот Мајк Вардијан (44), кој финалниот маратон во Мајами го истрча за 2:53,03 часа, или седумте за 20:49,30 часа. Помалку од 200 луѓе досега успеале да го завршат исцрпувачкиот предизвик „777“, по сер Ранулф Фајнс, кој беше првиот кому му успеа тоа во 2003 година. Натпреварувачите за седумте дена, освен тоа што трчаат, летаат и повеќе од 63 часа и поминуваат речиси 90.000 км низ светот.