Здрава храна

Бадемите се вистинска ризница на хранливи материи. Богати се со витамини и минерали, а во помали количества и здрави масти. Пред сѐ, тие се многу вкусни! Но пред да посегнете по нив, оставете ги натопени во вода во текот на ноќта.
Постојат неколку причини зошто е добро да ги натопите бадемите во вода во текот на ноќта – од вкус до зголемена хранлива вредност. Натопените бадеми се многу повкусни од сувите, а ќе го забележите тоа доколку ги пробате откако ќе останат во вода само 20 минути.
Главната причина лежи во фактот што оваа практика го намалува количеството полифеноли и киселини во лушпата од бадемот, што може да ја намали апсорпцијата на некои хранливи материи. Особено чувствителните лица може да имаат дури и цревни проблеми поради внесување големи количества полифеноли (кои, меѓу другото, ги има и во чајот).
Од влажните бадеми, телото подобро ќе ги апсорбира сите хранливи материи и тие ќе бидат посварливи од вообичаеното. Освен тоа, кога се натопени, бадемите почнуваат да ’ртат, што значително го зголемува нивното количество хранливи материи.
Бадемите можете да ги чувате во вода 20 минути или неколку часа, но најдобро е 24 часа. Во стаклена тегла со капак ставете приближно 250 грама бадеми и покријте ги со топла вода. По 12 часа сменете ја водата и оставете ги во теглата уште 12 часа. Теглата можете да ја чувате во фрижидер. Пожелно е и да додадете една-две лажички сол по промената на водата.