Медицински совет

Високиот крвен притисок или хипертензија е еден од најголемите фактори на ризик за кардиоваскуларни и цереброваскуларни заболувања. Истражувањата покажуваат дека речиси 40 отсто од возрасните во светот страдаат од оваа појава, а доколку не се контролира навреме, може да биде опасна по животот. Постојат некои скриени знаци што можат да укажуваат на висок крвен притисок, а многу луѓе ги игнорираат.
Вртоглавица: Ненадејните промени на крвниот притисок може да доведат до многубројни необични несакани ефекти, кои многумина не би ги ни поврзале со тоа, а една од нив е вртоглавицата. Како што објаснуваат лекарите, многу луѓе може да страдаат од вртоглавица долги години без да знаат дека тоа има некаква врска со високиот крвен притисок.
Немир: Покрај вртоглавицата и можните проблеми со рамнотежата, луѓето со висок крвен притисок може да доживеат и необјаснет немир. Имено, наглите промени на нивото на крвниот притисок доведуваат до чувство на вознемиреност или анксиозност.
Главоболка: Главоболката е чест несакан ефект на многу здравствени проблеми, вклучувајќи го и високиот крвен притисок. Доколку забележиме дека главата нѐ боли посилно и почесто од вообичаено, треба да побараме стручна помош, бидејќи, меѓу другото, може да станува збор и за покачен притисок.
Проблеми со спиењето: Најчестите проблеми поврзани со спиењето што ги имаат луѓето вклучуваат несоница, замор во текот на денот и апнеја или ненадеен прекин на дишењето за време на спиењето. Лекарите објаснуваат дека една од причините за овие проблеми може да биде токму покачениот крвен притисок.