Медицински совет

Студија на американски научници покажа дека мажите што страдаат од агресивен облик на рак на простата имаат значително пониско ниво на витамин Д од нормалното. Имено, истражувањето спроведено на универзитетот „Нортвестерн“ во американската сојузна држава Илиноис, кое беше објавено во „Џрнал оф клиникал онколоџи“, откри корисни информации, особено за случаите во кои пациентите се договориле со својот лекар дека болеста треба строго да се следи и под постојан медицински надзор пред да се започне со процедурата за отстранување на простатата или која било друга медицинска процедура. Тоа првенствено се однесува на замена на овој важен витамин за организмот.
Адам Марфи, уролог и водач на ова истражување, вели дека луѓето со темна кожа, мажите што не добиваат доволно витамин Д преку нивната исхрана или не се изложуваат доволно на сонце, треба да се тестираат за недостиг од витамин Д во моментот кога им е дијагностициран рак на простата. Недостигот треба да се надомести со земање витамин Д во форма на додатоци во исхраната.
Во претходните истражувања, д-р Марфи и неговите колеги откриле дека оние што не се изложувале доволно на сонце имаат до 1,5 пати поголема веројатност да имаат недостиг од витамин Д. Работата во затворени простории и долгите студени зими без сончева светлина, исто така, негативно влијаат на стабилното ниво на овој витамин. Мажите на кои им била дијагностицирана агресивна форма на рак на простата имале нивоа на витамин Д од околу 22,7 нг/мл, што е значително помалку од 30 нг/мл, кои се сметаат за нормални. Оние што немале агресивен рак на простата имале просечно ниво од околу 27 нг/мл.