Фото: Пиксабеј

Автор: Д-р Елма Абдула Хасанаговски, гинеколог-акушер

Интраутерина инсеминација многу едноставна метода со која спермата на партнерот се става директно во матката, со што здравите сперматозоиди се приближуваат до јајце клетката.

Како делува инсеминацијата?

Инсеминацијата, или како уште се нарекува артефициелна инсеминација, е постапка со која подготвената сперма се пласира во внатрешноста на матката во период на овулација, со што сперматозоидите побрзо стигнуваат до јајце-клетката. На овој начин се намалува времето и дистанцата кои сперматозоидите треба да ги поминат додека стигнат до јајце-клетката. Грлото на матката нормално пропушта лимитиран број на сперматозоиди кои би влегле во матката. Тоа значи дека само мал процент од сперматозоидите патуваат до јајце клетката, до утерините туби. Со инсеминацијата се зголемува и бројот на сперматозоиди кои би ја опколиле јајце клетката и така се зголемува шансата таа да биде оплодена.
Пред да ја направите инсеминацијата, можно е докторот да ви препише лекови или инјекции за контролирана овулација. Спермата од партнерот или донорот се подготвува со метода која се нарекува „sperm washing” со што се издвојува концентрирана количина од здрави сперматозоиди. Потоа докторот ја става спермата преку канила и шприц директно во матката. Бременоста ќе се случи доколку сператозоид ја оплоди јајце-клетката и така оплодената јајце-клетка се всади во ендометриумот (внатрешниот ѕид на матката).
Инсеминацијата е едноставна процедура, која не бара многу скапа и комлексна опрема. Исто така е поевтина од другите процедури кои се користат при третман на неплодност. Таа ја зголемува шансата за бременост, но не ја гарантира бременоста.

Што да очекувате кога ќе правите инсеминација

Пред да ја направите инсеминацијата, можно е да бидете подложени на медицински третман кој ќе овозможи раст и созревање на јајце клетката. Инсеминацијата се врши во деновите на овулација (кога јајце клетката се одвојува од јајникот). Често се дава хормон кој е тригер на овулацијата.
Вашиот парнер или донор истиот ден ја дава семената течност за подготовка. Семената течност потоа се обработва, со што се издвојуваат најздравите сперматозоиди. Доколку користите семенски материјал од непознат донор, од банките за донација на семенски материјал, тогаш спермата доаѓа подготвена.
Во тек на постапката докторот нежно со тенка туба-канила преку грлото на матката ја пласира спермата во матката.
Самата постапка трае многу кратко, неколку минути, вклучително и подготовка на пациентката. Најчесто инсеминацијата се следи преку ултразвучна контрола па така и пациентката може да го види внесот и движењето на спермата во матката. Не е потребна анестезија и не е болна процедура. Но, некои жени можно е да почуствуваат грчеви.

Кога се користи оваа метода?

Како една од базичните методи на лекување на неплодност оваа метода се користи кај пациентки кои немаат овулација, кај паровите со необјаснета неплодност (парови кај кои после сите иследувања и тестови не е најдена причина за неплодност), кога партнерот има проблем со ерекција и ејакулација, или кога жена сака да забремени со донорски семенски материјал, а притоа ин витро не е опција.

Кои лекови се користат

Инсеминацијата може да се направи или во спонтан циклус, или во циклус во кој овулацијата ќе се индуцира со лекови. Важно е да се истакне дека и витаминската терапија како суплементација, а тоа се фолната киселина и алфа липолеинската киселина, за кои со научни трудови е докажано дека помагаат во формирање на зрав ембрион, ја намалуваат воспалителната реакција и со тоа ја зголемиваат шансата и успехот за забременување.