Рецензија

Годинашната биенална изложба на Друштвото на ликовните уметници на Македонија – Зимскиот салон, е конципирана со насловеноста „Интимност и интерконекција“, зададена од украинската кураторка Оксана Карповец. Селекцијата за оваа изложба опфати триесет и три дела на македонски уметници и три украински, со концепциски интерес околу релациите на темата во однос на различните ликовни медиуми.
Поставена во просториите на „Чифте-амам“, се чини дека изложбата го бара својот континуитет во 32-годишната традиција на оваа манифестација, претставувајќи ги хронолошки податоците за нејзиниот организациско-административен содржател: имињата на претседателите на друштвото, авторите на текстовите, имињата на странските куратори, и местата и датумите на одржување. Она што недостига во ова таксативно набројување, а се потврдува и со визуелниот впечаток од изложеното – е континуитетот на авторството, и уште повеќе – континуитетот на промените во уметноста што ги донеле ликовните дела претставувани во рамките на оваа манифестација.
Зимскиот салон во појдовната концепциска структура на дејствување бил конципиран како контекст во кој се здружувале „дострелите на македонскиот ликовен простор“ како што забележува во својот текст за првата изложба во 1992, историчарката на уметноста Викторија Васева Димеска. Во континуитет на истиот текст се наведува дека Зимскиот салон е „репортажа на она што во ликовното живеење на овој простор се случува“ со изразени „резерви и сомневање кај творците, што самото време ќе ги оправда или не“. Доколку се потсетиме на првиот Зимски салон, неминовно ќе потврдиме дека неизбришливи се антологиските творби: „Човек и простор LXXIV“ (1986); „Иницијатор“ (1991); „Си отиде ’90“ (1990); „Сандак III“ (1990); „Симултана многузвучност“ (1987); „Ахитектони-обредни II, Времемер“ (1991); „Предел X-1“ (1988); „Капачка“ (1990); „Треперење“ (1991); „Композиција-сегменти“ (1991); „Неомусандра“ (1991), и без да ги набројуваме имињата на авторите што ја сочинуваа „вистинската слика на македонскиот ликовен простор“ – како што наведува Васева Димеска во тоа време.
Според изложеното на овој салон, се наметнува прашањето дали ќе го најдеме историскиот континуитетот со некогашниот Зимски салон, не само од естетска или, пак, вредносна смисла, туку и од аспект на самоевалуација и авторефлексија кај сегашниве уметници. Имајќи ги предвид активностите, претставувањата, сигурноста и самоувереноста во настапите на друштвото веќе подолго време, не само изминативе неколку години, се потврдува дека тоа не се ни обидува да ги помести границите на автомаргинализирачката естетика негувана преку херметичките насловености и концепциски автоизолирачки проекции на изложбите – далеку од прогресивни, дури и ако се земе предвид т.н. селекција.

Поголемиот дел од застапените дела на оваа изложба, нивниот уметнички сензибилитет само бегло и сосема контурно го допира можниот распон на темата, која покрај „интимноста“ на која се задржале голем дел од уметниците, ги посочува „амнезијата на глобалната заемна поврзаност“, „сцените од масовните злосторства“, „природните катастрофи“ итн. Голем дел од приложените дела аморфно и едвај совпадливо со темата, евидентно припаѓаат на други и минати контексти: феминистички, интимни и лични теми изолирани од глобалната реалност, естетика поврзана со автономните светови на уметниците, кои се чини дека не ги чувствуваат глобалните процеси ниту пак предизвиците на сегашното време, паралелни и изолирани светови во кои не се поместуваат ниту имагинативноста ниту креативноста.
Во сликарството претежно владее лоша фигурација, немушта игра со сликарскиот формат, аматерски цртеж, недоречености во насловите, придавки и именки – наместо опис на медиумот или техниката, чудно раздвоени дела што композициски припаѓаат на единството диптих, триптих, скулпторски дела во чист формализам, дела на помлади уметници од кои се очекува посвежа и контекстуална продукција, творби што не остваруваат никаква релација со темата, дизајнерски и комерцијалистички решенија, давање приоритет на поставка на дела на одредени уметници, изобилство од херметички третирани ликовни медиуми, несигурни визуелни референци и цитати, нејасно артикулирани подни поставки и недобмислена завршница на графички и сликарски дела. Во легендите кај видеата ќе сретнете описи како „медиумски уметности“, „нови медиуми“, непреведени наслови – можеби подготвени за интернационалната сцена или, пак, преводи што не соодветствуваат со описите во легендите, ниту пак со изложеното, а впрочем и видеото не е нов медиум.
Неколку уметнички предлози се исклучок и тие евидентно се издвојуваат според ликовната конзистентност и уметниковото искуство, на: Паскали, Томиќ Радевска; според досетливоста на медиумската игра: Ајваз и Тонкин; според пречистениот израз: Спасова, Мехмети, Мицова Гацова и неколку други со провејувачка нота на креативност и задржана наративност. Тројцата украински уметници, растоварени од длумовиот „историски континуитет“, ангажирано, смело и опипливо ѝ пристапиле на темата.

Од приложените текстови го согледуваме императивот на организацискиот одбор: „професионален пиетет“ – веројатно се подразбира, а и не е ништо ново „соработката со куратори“, „современи и концептуални ликовни формати“ – првото е под сериозен прашалник, а второто остава нејаснотија – какви концептуални формати – контрадикторен императив сам по себе. Се настојува на „квалитетни дела“, на „најквалитетна визуелна продукција“, но имајќи ги пред нас изложените дела, нејасно е што се подразбира под квалитет во овој избор, уметничкото дело како „производ“, кој се мери според скалилото – на каков квалитет? Доколку се мисли на реализација во определен медиум, дел од творбите не ја содржат таа посакувана завршница и се далеку од зрели авторски достигнувања. Дел од уметниците се чини дека се занимаваат или, пак, тешко ги совладуваат чисто академските проблематики, како што е решавање на композицијата, структурата на делото, техниката, а истите тие, пак, најмногу настојуваат на видливост, на често излагање и застапеност на ликовната сцена. Не може да се забележат прогрес, еволуција или поместување во ликовниот вокабулар кај уметниците што подолго изложуваат на длумовите ревии. Поставката на делата, нивните пропорции, не соодветствуваат со пространоста на „Чифте-амамот“, не остваруваат комуникација со просторот.
Според биографијата на Карповец, таа е специјализирана за современа и модерна уметност од Источна Европа, со фокус на украинската видеоуметност. Длумовиот контекст со кој таа се соочила не може да се подведе под некоја општа состојба на креативна летаргија, бидејќи и да не гледаме подалеку, доволно е да погледнеме со какви ликовни предизвици се занимава српското, а со какви македонското друштво? Тука се настојува на „современи концепти“ што ќе се презентираат на „меѓународната сцена“, па ако овие дела се најдобрите, тогаш какви се оние што отпаднале при селекцијата. Оттука, па и каква задача ѝ задале длумовци на поканетата кураторка што имала можност да се обучува во светските и во њујоршките музеи. Изложбите на кои се претставува современа уметност, вообичаено наложуваат подолга и поангажирана средба со делата, поголемо внимание и повторно навраќање, а ова, за жал, е една од ретките изложби што не остава простор за подлабока контемплација. Оттука, единствениот историски континуитет со некогашниот Зимски салон е во називот што го носи изложбата и селекцијата од надворешен куратор.

Натали Рајчиновска-Павлеска