Фото: Маја Јаневска Илиева

Со дехуманизацијата е поврзан и концептот културен геноцид. За македонскиот културен геноцид што започна во 2016 година и сѐ уште трае сум пишувал и говорел често, па затоа, тука ќе ве потсетам на зборовите на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан: „Но во моментов најсилен удар во поглед на идентитетските прашања, којшто му се задава на Македонецот, е идејата за непостоење на историски македонски корен, што ќе рече, за непостоење на македонски национален идентитет. Да ни го негираат правото на постоење и да ни ги одземаат историјата и културата, одамна сме научени, и како народ, и како црква… И тажно беше кога однадвор други нè негираа, застапувајќи ги своите интереси. Но неспоредливо потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои“

Терминот „дехуманизација“ се користи за да означи процес во кој една група луѓе перципираат дека друга група луѓе се подредени, инфериорни во споредба со нив. Во најекстремен случај втората група луѓе се подлуѓе – не само во метафорично значења, туку, тие – за првата група, се навистина подлуѓе: нелуѓе во човечки облик.
Дехуманизацијата се среќава од античките цивилизации до денешни дни, оправдувајќи ги, во сите временски периоди, геноцидот, војните, ропството и угнетувањето.
Историјата на човештвото е крвава: постојат голем број примери на дехуманизација. Според пишувањето на Морган Годвин, англикански свештеник од 17 век, кој истрајно се борел за граѓанските права на Африканците и домородните Американци, европските доселеници за Африканците го користеле терминот „неразумни животни“ (термин што се среќава во Библијата: „А овие хулат на она, што не го знаат, а во она, што го знаат во природа како неразумно животно, во него се распаѓаат“ [Јуда 1:10]). Токму ваквата форма на дехуманизацијата ги прекинува врските со хуманоста и емпатијата и служеше да го оправда ропството. Неколку века подоцна, во памфлетот „Потчовек“ („Der Untermensch“) објавен во 1942 година, се користи терминот потчовек за да го оправда постењето концентрациони логори. „Не се сите оние што изгледаат како луѓе всушност такви“, предупредуваат авторите. Евреите (но и другите) не се човечки суштества, туку „ѕверови со човечки изглед“, кои се „пониски на духовна и психолошка скала од кое било животно“. Поимот дехуманизација вклучува, барем имплицитно, хиерархија, што подразбира рангирање вредности што суштествата ги имаат сами по себе, што, е во корелација со нивните морални обврски. Така, човечките животи имаат највисока вредност, што е во спротивност со вредноста, на пример, на животот на лебарките.
За време на геноцидот во Руанда во 1994 година – патем, секој 7 април од страна на ОН се одбележува Денот на сеќавање на жртвите на геноцидот во Руанда – милитантните Хути ги карактеризираа своите соседи Тутси како лебарки. И тоа го направи дозволено, дури и задолжително, нивното колење. Во период од стотина дена речиси еден милион луѓе учествуваа директно, а околу 200.000 вршеа убиства: во домовите и канцелариите, во училишните дворови и црквите, во болниците и на улица: соседите убиваа соседи, наставниците убиваа ученици, лекарите убиваа пациенти…

Неодамнешните истражувања во дисциплината психологија на дехуманизацијата покажуваат дека дехуманизацијата може да се појави во многу форми, вклучувајќи и суптилни варијации, кои се протегаат многу подалеку од екстремните феномени: ропство и геноцид. Овие истражувања покажаа дека (1) потенцијалните цели на дехуманизација се разновидни, (2) дехуманизацијата е поврзана со индивидуални разлики (особини на личноста, идеологии, ставови) и со контекстуални фактори (емоции, мотиви, социјални позиции) (но, не е поттикната само од омраза) и (3) последиците од дехуманизацијата се различни: тие вклучуваат многу варијанти на агресија, но се протегаат до форми на социјално исклучување, морално расудување, па дури и потенцијални придобивки.
Со дехуманизацијата е поврзан и концептот културен геноцид. За македонскиот културен геноцид што започна во 2016 година и сѐ уште трае сум пишувал и говорел често, па затоа, тука ќе ве потсетам на зборовите на архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан: „Но во моментов најсилен удар во поглед на идентитетските прашања, којшто му се задава на Македонецот, е идејата за непостоење на историски македонски корен, што ќе рече, за непостоење на македонски национален идентитет. Да ни го негираат правото на постоење и да ни ги одземаат историјата и културата, одамна сме научени, и како народ, и како црква… И тажно беше кога однадвор други нè негираа, застапувајќи ги своите интереси. Но неспоредливо потажно е кога самите одвнатре се негираме, застапувајќи туѓи интереси како свои“.
Дали треба да има лична и колективна одговорност за потпишувањето на договорите со Грција и со Бугарија и за прифаќањето на Преговарачката рамка со ЕУ. И ако да, од кого? Пред да одговорам на двете прашања, ќе ги потсетам нашите политичари и правници на членот 8 од Декларацијата на Обединетите нации за правата на домородните народи, којшто гласи: „(Став 1) Домородните народи и поединци имаат право да не бидат подложени на присилна асимилација или уништување на нивната култура. (Став 2) Државите ќе обезбедат ефективни механизми за заштита од и надомест за: (а) Секое дејство што има за цел или ефект да ги лиши од нивниот интегритет како различни народи, или од нивните културни вредности или етнички идентитети; (б) Секое дејство што има за цел или ефект да ги одземе од нивните земји, територии или ресурси; (в) Секоја форма на принуден трансфер на население што има за цел или ефект на кршење или поткопување на некое од нивните права; (г) Каква било форма на присилна асимилација или интеграција; (д) Секоја форма на пропаганда наменета за промовирање или поттикнување расна или етничка дискриминација насочена против нив“.

– Германците се обидоа да ги дехуманизираат, да ги сведат на бројки, да го избришат целото сеќавање за нив во логорите за истребување. Не успеаја – рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер при посетата на Ерусалим на 23 јануари 2020 година. „Одговорноста на Германија не истекува. Сакаме да ја исполниме нашата одговорност. Со тоа, вие треба да не мерите“. Претседателот Штајнмаер не вели „Германија [направи…]“ туку „Германците [направија…]“, така, потенцирајќи дека се работи за поединци, но тој признава колективна одговорност: „Одговорноста на Германија […]“, бидејќи тие дејствуваа во име на германската држава. Така, во својот говор претседателот Штајнмаер прави разлика меѓу лична и колективна одговорност.
Поединци можат да извршат херојски дејствија и ужасни злосторства, но истото тоа го можат и државите и организациите. Седмиот американски претседател Џексон нареди насилно раселување на десетици илјади домородни луѓе, при што беа убиени илјадници, а државата САД изврши геноцид. Претседателот Џексон одамна не е меѓу живите, но САД сè уште постојат, па оттука, колективната одговорност на САД за геноцидот извршен врз домородните луѓе во Америка не застарува.
Треба да се потсетиме на зборовите на Мартин Лутер Кинг во книгата за граѓански права „Зошто не можеме да чекаме“. Тој ќе рече: „Нашата нација е родена од геноцид кога ја прифати доктрината дека оригиналниот Американец, американскиот домородец, е инфериорна раса… Ние сме можеби единствената нација, која се обиде како прашање на национална политика да го избрише своето домородно население. Покрај тоа, ние го издигнавме тоа трагично искуство во благородна крстоносна војна. Навистина, ниту денес не си дозволивме да ја отфрлиме или да се каеме за оваа срамна епизода. Нашата литература, нашите филмови, нашата драми, нашиот фолклор сето тоа го возвишува“.
За личната одговорност на поединците што се одговорни за штетните, неправедните, нелогичните и неуставни договори со Грција и со Бугарија и за прифаќањето на понижувачката Преговарачка рамка со ЕУ – нема да пишувам. Меѓутоа, многу поинтересно е прашањето за носителите на колективната одговорност. Кои се носителите на колективната одговорност? Да се потсетиме, не само поединци туку и држави и државни сојузи можат да извршат злосторства, на пример, културен геноцид. Повторно, за надворешните чинители нема да зборувам, туку ќе се задржам на еден домашни ентитет. Одговорноста на паријата, во чие име беа потпишани договорите и беше прифатена Преговарачката рамка, не исчезнува, таа ќе трае, дури и тогаш кога политичарите веќе заминаа или ќе заминат од владејачките позиции. Ако некогаш партијата се реши да ја признае својата одговорност, по тоа ние – Македонците неа ќе ја цениме. Инаку никогаш во „веки веков“ (1 Петар 5:11).