Самостојната изложба „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски-Драшко

Во културниот центар „Јадро“, во соработка со ликовното здружение „Училница 8“, отворена е самостојната изложба на скулптури „Реинкарнација“ на Предраг Јаневски-Драшко. Изложбата претставува селектиран пресек на неговото скулпторско творештво создадено во различни европски средини. Јаневски завршил на Ликовната академија во Нирнберг, Германија, и таму специјализирал скулптура во дрво. Во 1981 г. станува член на Европската скулпторска асоцијација. Од 1983 г. изложувал самостојно скулптури и учествувал на повеќе групни изложби во Германија, Хрватска, Австрија, Италија и во Македонија. Во 1995 г., во Прилеп учествува на „Меѓународниот скулпторски симпозиум за мермер“. Употребата на нови материјали ќе ја одбележи промената во неговото скулпторско творештво. Следува нова иницијатива: Јаневски во Прилеп го формира новото ателје „Пластика во пластика“, како дел од активноста на Центарот за современа уметност.
– Јаневски го одбра дрвото како основен материјал со специфичен начин на обработка. Во време карактеристично со „дифузија на стилови“ или плурализам на струења, Јаневски во согласност со сопствените потреби и можности се определува за традиционалниот концепт на антропоморфизам, внесувајќи лични белези во сензибилна моделација на обликот и интимистичко претставување на мотивот. Дрвото за Јаневски е „живо битие“ што има топлина во себе и можност за понепосредна обработка на мотивот. Тој, како што вели, одбира стебло од благороден вид како што се дрвото од орев, вишна, бука, дрен, круша или јавор. Станува збор за едноставни фигури со сведени форми, кои не претставуваат репродуциран модел во просторот туку статично поставени фигури, поединечни или групирани, некои на темата „Семејство“ – пишува Владимир Величковски во текстот за изложбата.