Вечерва, во 20 часот, ќе се одржи промоција на првиот роман на македонската писателка Румена Бужаровска – „Тони“, во локалот „Јавна соба“. Романот е во издание на издавачкиот центар „Три“, а ќе биде промовиран со разговор меѓу Бужаровска, писателот Петар Андоновски и поетесата и главна уредничка на „Медуза“ – Калиа Димитрова. Тие ќе нè запознаат со книжевниот лик, кој ќе сакате да го замразите – подгответе се за дисекција на болката и смеата!
– „Тони“ е роман за машкоста, за градот и за традицијата. Брутално комичен, но и длабоко трагичен, се чита во еден здив. Ова е роман што ќе ве удри од земја и ќе ве натера да ги преиспитате општествените, романтичните и семејните односи од нашето секојдневие – дополнуваат оттаму.
Од „Три“ го опишуваат романот како брутално комичен и длабоко трагичен, посочувајќи дека реалноста е секогаш пошокантна од тоа што го пишува во книгите.
– Тони е средовечен бивш рокер од Скопје, кој живее со мајка си и работи во државна институција. Во текот на пандемијата, ненамерно, но по своја вина, предизвикува неколку настани што засекогаш го менуваат неговиот, а и животот на луѓето околу него. Ставајќи се себеси на прво место, Тони неприкосновено се држи за својата илузорна дефиниција за личната слобода. Тони тоне, удолу го влече товарот на неговиот лежерен став кон животот, недостигот од сопствен интегритет и живеењето на стара слава, која исто така е под знак прашалник – вели издавачот.
„Тони“ е роман напишан на жив, остар и современ јазик, во препознатливиот горчлив и истовремено духовит стил на Бужаровска, која стекна голема популарност со своите раскази и со романизираните есеи „Господ, па Америка“.