Независниот театар „Штрих“ ја одигра премиерата на новата претстава „Снег“ од Максанс Фермин, во режија на Зоја Бузалковска. Претставата ќе биде одиграна и вечерва, во 20 часот, во денсинг-салата во Младинскиот културен центар.
– За јапонската култура, македонската публика знае многу малку, а јапонските прозни и драмски дела ретко се поставувани на македонската театарска сцена. Иако прекрасната новела „Снег“ е дело на францускиот автор Максанс Фермин, таа во себе ја содржи срцевината на јапонската култура во најширока општествена и историска смисла. Освен тоа, таа е новела-мост помеѓу двете култури, онаа на Далечниот Исток и онаа на Западот. Во таа смисла, работата на еден ваков материјал е огромна провокација за целиот креативен и актерски тим, зашто подразбира истражување и учење на култура што е тотално различна од нашата, како и усвојување низа вештини потребни за да се раскаже оваа толку необична бајковидна приказна – вели режисерката.
„Снег“ зборува за себепотрагата и за љубовта. Таа го следи патот на младиот поет Јуко Акита до себеси и до боите во неговите снежнобели хаику-стихови. На тоа необично патување до разгатнувањето на тајните на уметничката креација, Јуко открива прекрасна љубовна историја, нежна и суптилна, која засекогаш ќе го промени неговиот живот.