Во рамките на поетскиот фестивал „Стихот во регионот“, во живописното хрватско гратче Врбовец, се одржаа разговор и поетско читање на македонските автори учесници на фестивалот. На средбата учествуваа младите македонски поети Павлина Атанасова, Андреј Медиќ Лазаревски и Ивана Јовановска, а настанот го модерираа директорот на фестивалот Иван Херцег и Славомира Рибарова.
На настанот се разговараше за тековите во македонската современа поезија, за институционалната и вонинституционалната поддршка на младите поети, за здружувањето на младите и нивното креирање разни платформи за промоција на нивната поезија, како и за улогата на книжевните списанија во промоцијата на новите гласови.
„Стихот во регионот“ е еден од најзначајните поетски фестивали во регионот, а настаните се одржаа во Загреб, во Вараждин и во Врбовец и, покрај македонските и хрватските, настапија и поети од: Велика Британија, БиХ, Бугарија, Италија, Србија, Украина и Словенија. Гостувањето на македонски поети е дел од соработката за книжевна размена помеѓу издавачката куќа „ПНВ публикации“ од Скопје и Хрватското друштво на писатели (ХДП) од Загреб, а беше помогнато од Министерството за култура.