Во галеријата „Остен“ е поставена самостојна изложба на слики (карбон на платно) од реномираниот македонски уметник Мице Јанкуловски со наслов „Најцрната црна“. Мице Јанкуловски веќе подолго време работи слики во големи формати со црна боја (2012 – 2022 / форма 3), а од 2022 година почна да слика со карбон црна боја (најцрната црна) и на изложбите во Њујорк се претставува премиерно со сликите од оваа најнова фаза.
– Станува збор за користење боја што ја апсорбира речиси сета светлина. Во декември 2022 г., како целосен контраст со новогодишното шаренило, црните слики од циклусот „Најцрно црно“ на Јанкуловски беа премиерно поставени во галериите „Артефактс“ и „МЦ галерија“ во Њујорк и станаа дел од светската уметничка сцена, одразувајќи ги сите контроверзии и дубиози, но и сета привлечност, заводливост и убавина на фасцинантниот спектакл што се вика современа ликовна уметност денес – соопштуваат од „Остен“.
Сликите на Јанкуловски се црни. Тука станува збор за процес во нашето око предизвикан од прелевањето на црните тонови и нивна интеракција, а не за нешто што може да се наслика и што постои пред самиот чин на сликање.
Во неговите слики се случува драма.
– На нивната површина се судираат сили што оставаат видлива трага. Овие траги создаваат движење што се шири во бесконечноста и линии што ја разделуваат и разградуваат темната материја на сликата. Тука владее светлосен распад. Светлината доаѓа од заднината, од внатрешноста на сликата – во еден простор, но во безброј рамништа. Пред овие слики имате впечаток дека стоите пред бескрајната и бесконечна вселена од чија длабока темнина допира до вас светлината на одамна мртвите ѕвезди. Чувството е возвишено и застрашувачко – пишува во објаснувањето на изложбата.
Како што информираат, воопшто не се случајни премиерното претставување и големиот интерес на овој циклус слики на Мице Јанкуловски токму во Њујорк. Овие слики ѝ припаѓаат на американската њујоршка школа и можат да се поврзат со црните слики на некои од најзначајните американски уметници како што се Роберт Раушенберг (1925-2008), Ед Рајнхард (1913-1967), Марк Ротко (1903-1970) и Френк Стела (1936) и на сѐ уште актуелната традиција на американскиот апстрактен експресионизам од педесеттите и шеесеттите години од минатиот век кога Њујорк го победи Париз како светско средиште на модерната уметност. Презентирајќи го своето најново творештво, Мице Јанкуловски успешно го афирмира и современото македонско сликарство. (Емил Алексиев)
Мицко Мице Јанкуловски (р.1954 г.) како уметник, со децении е јавно присутен преку повеќе уметнички дисциплини (карикатури, сликање на стакло, анимирани филм, палиндроми…), додека постојано е посветен на истражувањето и создавањето во областа на сликарството и цртежот.
Неговата биографија содржи повеќе од шеесет самостојни изложби во земјата и во странство и забележителни претставувања на значајни меѓународни изложби и биенални манифестации, како во Фиренца, Санкт Петербург, Солун, Венеција, Торино, Ларнака, Варна… Добитник е на многу награди. Покрај многубројните написи, книги и каталози за неговата професионална работа, објавени се и неколку монографии за творештвото на Јанкуловски, со текстови од домашни и од странски ликовни критичари и меѓународно познати историчари на уметноста како Александар Боровски, Русија; Енцо ди Мартино, Италија; проф. Манос Стефанидис, Грција; д-р Мелани Зеферино, Италија; д-р Жолт Петрани, Унгарија; д-р Деница Јанева, Бугарија, како и колеги уметници Мати Грунберг, Израел; Олга Тобрелуц, Русија; дипломатот, писател и поет Милан Јазбец, Словенија,… Јанкуловски е вклучен во антологијата „Македонска карикатура“ од Владимир Величковски (1994) и во антологијата „Визуелните уметности во Македонија – 20 век“, Книга II – Мултимедијална уметност од Соња Абаџиева (2017).