Неодамна излезе од печат романот на големиот театролог Патри Павис, со наслов „Ти си поезија“. Овој исклучително комплексен роман на многу чуден начин ја метаболизира поезијата со прозата и на таков начин Патрис Павис создава многу автентично прозно дело, во кое поезијата е координата врз која се повлекуваат линиите на животните приказни, не само на дечкото што ја изгубил меморијата туку и на другите ликови.
Говорејќи за една животна суштественост, овој роман говори за она што на сите нас овде, на овие простори, ни е толку далечно: поезијата. Романот, кој исто така има мошне двозначен наслов „Ти си поезија“, говори за лечебната моќ на стихот, но тој зборува и за недоразбирањето на човекот со својата друга духовна половина: а тоа е разбирањето. Како голем театролог и промислувач на театарот, Патрис Павис секогаш бил обемен и комплексен во своите есеи и научни согледби. Така е и во романескната структура. Тој ѕирнува во поезијата на многу поети, одвојувајќи ги нивните бесмртни стихови за да ја потенцира моќта на убавиот збор, иако повремено, додека го читате овој роман тоа ќе ви се причини утописки. Но колку и да е утописки, прекрасниот раскажувачки стил на Патрис Павис нè наведува на тоа сепак да поверуваме дека зборот има свое големо влијание во текот на човековиот развој и не само како средство за разбирање, туку и како лек, како момент на пресврт, на одлука и среќа.
Романот е во превод на Катица Гароска Ацевска и во издание на „Перун артис“ од Битола.