Последниот во серијата концерти во рамките на 13. фестивал на класична гитара „Тремоло“ на класичниот гитарист Горан Кривокапиќ од Црна Гора, во Македонската филхармонија, ќе се одржи денеска, во 19.30 часот.
Горан Кривокапиќ е еден од најуспешните гитаристи од помладата генерација, победник на многубројни меѓународни натпревари и ексклузивец на дискографската куќа „Наксос“. На четиринаесетгодишна возраст првпат стана лауреат на меѓународен натпревар, а следната победи на вкупно 18 меѓународни натпревари. Неговиот пробив е во 2004 година кога триумфира на најпрестижниот натпревар за гитара на Американската гитарска фондација во Монтреал. По добивањето на ова признание, настапува во најпрестижните сали во светот, „Концертгебау“ во Амстердам, „Чајковски“ во Москва, палатата „Лубковиц“ во Виена… Често е и член жири на меѓународни натпревари и фестивали. Кривокапиќ настапува и со голем број оркестри, меѓу кои Црногорскиот симфониски оркестар, Руската филхармонија, симфонискиот оркестар „Нова Русија“, Филхармонијата на Торино, Рајнската филхармонија, Оркестарот на градот Фолкванг, Оркестарот на државното радио на Букурешт… Кривокапиќ се концентрира на развој на нови дела за гитара преку пишување транскрипции, но и на соработка со композитори што пишуваат дела специјално за него. Предава гитара на Меѓународната академија за гитара во Кобленц, Германија, а од 2012 година е гостин доцент на Музичката академија во Сараево.
Дружбата со гитарата ја започнал во музичката школа во Херцег Нови, за во 2000 да дипломира на Факултетот за музичка уметност во Белград. По завршувањето на студиите, продолжил на Музичката академија во Келн, каде што ги завршил постдипломските студии во 2006 година. Магистрирал на Конзерваториумот во Мастрихт. Добитник е на први награди на 17 меѓународни натпревари по гитара, од кои некои се меѓу најпрестижните во светот. Професор е во уметничката школа „Лука“ во Лувен, Белгија.