Отворена изложба на Тања Балаќ во „Мала станица“
Проектот насловен „Тие не ги отвораат очите“, кој се состои од видеото „Следната генерација“, придружено од инсталација, на уметницата Тања Балаќ, од петокот е изложен во објектот „Мала станица“, во организација на Националната галерија на Македонија.
– Секогаш е задоволство да се претстави најновото истражување на нескротливата, инвентивна и креативна Тања Балаќ. По одбележувањето на 30 години творештво, нејзиниот ликовен порив нѐ води во друг правец, но Националната галерија секогаш силно застанува зад авторки со личен ликовен кредибилитет изграден низ годините. Балаќ секојпат се претставува пред публиката со еден нов процес на соединување на визуелните квалитети, исполнети со емоции и сенс на повторно ново навлегување во авторската духовна сфера. Овие особености ја карактеризираат Балаќ како уметница со нескротлив темпераментен и немирен дух, но и со спонтано изразување и медитативна опсесија во својот визуелен дискурс. Пред нас е воочлив еден импозантен зрел оформен визуелен јазик, кој со помош на својот оригинален експериментален и истражувачки дух останува секогаш доследен на себеси – рече на отворањето директорката на Национална галерија, Дита Старова Ќерими.
Според кураторката Маја Чанкуловска, Тања Балаќ е неуморна авторка, бидејќи нејзините авторски проекти се развиваат и доследно прогресираат без застој, односно таа е изразено присутна во полето на сликарството, но и на новите медиуми, вклучувајќи инсталација, експериментален филм и видеоуметност.
– Мултимедиумот и филмот (експериментален и документарен) за Тања Балаќ се еднакво важни како и сликарството. Сега Тања Балаќ се претставува со мултимедиумскиот проект „Следната генерација“, кој поаѓа од длабоките етички размислувања за дигиталната еволуција, која ни ги измени начинот на размислување и нашето разбирање за поимот време, при што интернетот ни го овозможува она лажно чувство на виртуелна леснотија… Овој проект, кој е уште една силна критика на реалноста, поставувајќи го прашањето за суштината на реалноста во дигиталниот свет, изобилува со нагласена симболика за еден хаотичен свет преку говорот во прво лице во очите на едно дете, мултиплицирано, клонирано, со затворени очи во една заднинска хаотична мрежа на поврзувања, Маклуановски шум на информации, црно-бела подвоеност, пикселизација, срцебиење… Замижаноста на очите на едно дете говори многу за невиноста на следната генерација, неизвесноста, очекувањата, индивидуалноста, но и опомената, односно критиката за последиците од минатите кон сегашните генерации и со мноштво прашања за вредносните системи што им ги оставаме во наследство на идните генерации – рече Маја Чанкуловска.
Тања Балаќ (Скопје, р. 1968) во 1991 г. дипломирала на Факултетот за ликовни уметности во Скопје, на одделот сликарство. Градејќи ги својот уметнички и професионален пат, во 2008 г. магистрира на истиот факултет. Членка е на Друштвото на ликовните уметници од 1991 година, а во периодот од 2006 до 2013 година е и негова претседателка. Од многубројните професионални посети надвор од границите на својата земја, значајно е да се издвои студиската посета во Париз, во 2003 година. Своето професионално и уметничко искуство го збогатува и надградува со учество на многубројни меѓународни фестивали и изложби (Србија, Словенија, Шведска, Бугарија, Германија, Романија, Англија, Австрија, Франција…), на кои повеќепати има добиено меѓународни признанија и награди. Покрај сликарството, последната деценија активно истражува и на полето на новите медиуми. Активно се занимава со сликарство, како и со инсталации и експериментални и документарни филмови (видеоарт). Живее и работи во Скопје.