Книгата „Македонски визуелен идентитет: дизајнот како можност за еволуција на традициите од визуелното културно наследство“ од македонската уметница, дизајнерка и професорка Гордана Вренцоска беше промовирана на страницата на Фејсбук на издавачката куќа „Арс ламина“. Реализирана со поддршка на Министерството за култура и Општина Виница, книгата што произлезе од истоимената докторска дисертација на авторката, се занимава со македонската визуелна „генетика“ и ги истражува македонските визуелни културни традиции во ерата на брзите и драматични општествени промени.
Вековната борба за македонски идентитет, како и барањето на тој идентитетот и културен „генетски“ код, станува видлива со бурните општествени промени и револуционерните движења кон крајот на 19 и во почетокот на 20 век, а се зајакнува со сувереноста, самостојноста и независноста на Република Македонија од 1991 година и потребата за определување на нејзината културна различност и идентитет во светски рамки.

Во постмодерната ера, во која царуваат глобализацијата, интернетот, социјалните медиуми и визуелните комуникации, овој културен „генетски“ код е студиран во рамките на визуелната култура, низ призмата на народната култура и фолклорот (традиционален и урбан) од една страна и високата култура и уметност од друга страна, но и преку полето на поткултурите што се инхерентни за популарната културa и медиумите, и меѓусебното испреплетување на сите овие форми во современите визуелни комуникации. Во книгата се вклучени и три студии на случаи од Шкотска, Норвешка и Русија.
Гордана Вренцоска дипломирала на Факултетот за ликовни уметности при УКИМ, на Отсекот сликарство со модно креирање. Интердисциплинарните магистерски студии по дизајн ги завршила на колеџот за уметност и дизајн „Централ Сент Мартинс“ во Лондон, како стипендистка на британската програма „Чивнинг“. Докторирала на Институтот за фолклор во Скопје.

Вренцоска досега реализирала 14 самостојни и учествувала во многубројни групни изложби во Македонија, Полска, Велика Британија, Италија и др. земји. Победила на натпреварот „Твинингс“ за дизајн на шапка во Велика Британија и е добитничка на престижниот грант за уметници на фондацијата „Полок-Краснер“ од Њујорк. Членка е на здруженијата на уметници УМ, на ДЛУМ и на Македонскиот совет за дизајн. Работи како професорка по визуелна уметност и дизајн на Факултетот за арт и дизајн при Европскиот универзитет во Скопје.