Писателот од Хрватска, Свен Поповиќ, моментално е на книжевна резиденција во Скопје. Резиденцијата се реализира во рамките на проектот „Читајќи го Балканот“, кој е поддржан од програмата „Креативна Европа“ на Европската Унија и на европската мрежа за превод и книги „Традуки“.
Во рамките на престојот, Свен Поповиќ ќе се запознае со книжевната сцена во нашата земја и ќе оствари средби со уредници во издавачки куќи. Поради епидемиолошките мерки нема да биде организирана книжевна средба со авторот со присуство на публика, но издавачката куќа „Готен“ ќе подготви видеоразговор со авторот, кој ќе биде достапен на нејзиниот канал на Јутјуб.
Свен Поповиќ е еден од најинтересните гласови од најмладата генерација хрватски писатели. Роден е во 1989 година во Загреб. Дипломирал компаративна книжевност и англиски јазик и книжевност и американистика на Филозофскиот факултет во Загреб. Пишува проза, книжевни и музички критики. Во 2015 година ја објавува својата прва книга, збирката раскази „Небо во кал“, а во 2018 година го објавува романот „Убедливо втор“.
– Прозата на Свен Поповиќ е интензивна комбинација од лирски елементи и интерес за суровата стварност. Според хрватскиот критичар Божидар Алајбеговиќ, Свен Поповиќ е создавач на проза со рокерска страст и џезерска флуидност и мекост, со примеси на Хемингвеј, Бароуз, Штулиќ и Вејтс меѓу редовите, а со Рамонс, Пејвмент, Строукс, Модести Моус и Иги Поп во ушите – велат од „Готен“.