На годинашната манифестација учествуваа 162 ученици од целата земја, кои пишуваа и цртаа на годинашната тема „Белите мугри, во светлината на денот“. На литературниот конкурс Софија Ичкова од Богданци освои гран при, а Елена Ивчева од Велес имаше најдобро ликовно дело

На 5 и 6 ноември во Велес, по педесет и втори пат се одржа манифестацијата „Детски Рацинови средби“, која ја организираат општината Велес и клубот на писателите „Кочо Рацин“ од овој град.

Манифестацијата започна со доделување награди за најдобрите автори од литературниот и од ликовниот конкурс. Пристигнале 126 поетски и 36 ликовни творби, а годинешната тема беше: „Белите мугри, во светлината на денот“.
Организаторката и претседателка на клубот на писателите ,,Коста Солев-Рацин“, Лила Арсова, кажа дека се пријатно изненадени од масовноста и квалитетот на пристигнатите творби.

На литературниот конкурс гран при освои Софија Ичкова, од СОУ „Богданци“ од Богданци, под менторство на професорката Ивана Димовска, додека гран при за ликовно дело понесе Елена Ивчева од гимназијата „Кочо Рацин“ од Велес, под менторство на професорот Кристијан Тодоров.

Наградени се и учениците: Нина Ламева, Ангела Костовска, Марија Филипова, Јована Иванова, Кристина Спиркоска и Сашка Билбиловска.
Жири-комисијата за литературниот конкурс ја сочинуваа: Лила Арсова, Игор Крајчев и Нада Алексоска, а Илко Стојановски, Росана Теовска и Васко Гаврилов беа членови на жири-комисијата за ликовниот конкурс.

– „Детските Рацинови средби“ се посебен празник на душата, како време кога е неопходно да се посветиме на поезијата и на Рациновата мисла. Создаденото ќе патува низ времето, засекогаш врзано на лист бела хартија – кажа градоначалникот Аце Коцевски, отворајќи ги 52-те „Детски Рацинови средби“.
Годинава учествуваа ученици и ментори од Охрид, Битола, Гевгелија, Струмица, Богданци, Скопје, Крива Паланка, Делчево, Берово, Прилеп, Виница, Подареш, Куманово, Гостивар, Брвеница.

По свеченото отворање во Сокачето на поезијата кај куќата на Кочо Рацин се одржа поетско читање на кое настапија писателите: Ванчо Полазаревски, Вера Андон и Ксенија Маказлиева Трајчева, по што следуваше читање на наградените творби од литературниот конкурс и посета на ликовната изложба и на грнчарската работилница.

Уметникот Љупчо Данов ја нацрта родната куќа на Коста Рацин во Велес, во туш-техника

Вториот ден од „Детските Рацинови средби“ продолжија со карван на писателите Васил Тоциновски, Игор Крајчев, Филип Димкоски, Лила Арсова, Мирјана Стојанова, Јадранка Клисарова, Ксенија Маказлиева Трајчева, Нада Алексоска, Веле Алексоски, Божидар Јовиќ, Гордана Мирчевска, Ирена Христова, Родна Јанчева, Славјанка Љуткова, Марина Стојанова и Атанас Крлевски, кои имаа средби во градинката, основните и во средните училишта во Велес и во училиштата во населените места во околината на Велес.

Педесет и второто издание на средбите заврши со промоција на книгата за деца „Приказни од мојот крај“ од Лила Арсова, која се случи во Ликовниот салон. Промоторка беше проф. д-р Ана Витанова Рингачева, а приказните ги читаше поетот Филип Димкоски.

На ова педесет и второ издание на „Детските Рацинови средби“, исто толку години наполни и организаторката, писателка и наставничка Лила Арсова, па затоа промоцијата заврши со роденденска торта, изненадување од нејзината ќерка и од третоодделенците на кои им предава Арсова.