Овие нови генерации нѐ обврзуваат да им отвориме патишта кон современиот свет, па затоа сето ова што се случува е мала тула во зградата што ја правиме и се вика наше општество, вели писателот Васил Мукаетов

„Колибри“ во посета на „Саемот на книгата 2022“

Од 3 до 9 мај, во арената „Борис Трајковски“ во Скопје, се славеше нејзиното височество – книгата. И покрај напливот на новите технологии, интересот за читањето книги сѐ уште е голем меѓу нашите сограѓани, а особено радува фактот што секојдневно голем број основци беа дел од оваа манифестација, која и овој пат понуди голем избор на литературни дела од разни области.

Разбирливо, при нашата посета најпрво се упативме на штандовите на издавачките куќи што издаваат книги за најмладите читатели и на наше големо задоволство таму сретнавме тројца автори, долгогодишни соработници на „Колибри“. Тоа се писателите Перо Миленкоски, Васил Мукаетов и Мишо Китаноски.
И се разбира, прво што ги прашавме беше зошто посетата на Саемот на книгата е важно и незаборавно доживување за децата.
Според писателот Перо Миленкоски, и овој саем, како и сите претходни, претставува големо задоволство за децата.

– Ова е незаменливо училиште, тука децата првпат на ваков интересен и впечатлив начин се среќаваат со книгите, кои можат да се допрат, да се читаат и да им подарат нови знаења, нови искуства. Да ги поттикнат на имагинација, да ги инспирираат на творештво. За среќа, нашите деца сѐ повеќе ги сакаат книгите, а тоа за нас авторите што создаваме за нив е доказ дека напишаното допира до својата публика – ни рече Миленкоски.

За Мишо Китаноски, писател и публицист, Саемот на книгата е афирмирање и продолжување на македонскиот литературен јазик, зашто тука сите наслови од македонската издавачка продукција не прават чекор од една туку од илјада милји.
– Целата таа литература ставена во корици покажува и докажува дека виталноста на овој народ, посебно на писателите за деца, не е само информативна и репрезентативна туку дека може да се споредува со литературата за деца во Европа, па и во светот – вели Китаноски.

Токму затоа, тој апелира да се преведуваат делата на нашите автори на други јазици, а тоа треба да го поддржи Министерството за култура, пред сѐ, за децата на Македонците во дијаспората.
– Кога ќе читаат таму во некои други земји, нека се доближат преку напишаното во книгите од домашни автори до македонското небо, исполнето со добрина, љубов и емпатија – порачува Китаноски.

Васил Мукаетов се сретна со свои идни читатели

На наше големо задоволство, на штандот на издавачката куќа „Арс ламина“ присуствуваме и на средбата на писателот Васил Мукаетов со дечињата од детската градинка „Кул кидс“ од Скопје. А за сѐ да тече како што треба се погрижи Тања Димовска, уредничка во „Арс ламина“ и водителка на саемската презентација на книгите на овој издавач.

– Оваа средба со дечињата за мене беше многу пријатна. Уште еднаш се потврди дека секогаш кога сум со децата, основци или овие што треба да тргнат на училиште, како што е случајот денеска, сфаќам колку тие имаат повеќе познавање од поранешните деца. Инаку, разговаравме за многу интересни теми, на пример кој што чита во нивните домови, па потоа тие одговараа на прашања, а им прочитав и некои мои песни. Децата сакаат динамика во стиховите, ведри теми, но и блага доза иронија што поттикнува, но не навредува. На пример, денеска констатиравме дека дечињата ги мијат рацете пред, а мачките по јадење, но зборувавме и за другарството. Заклучивме дека од есен ги чекаат многу нови работи, од кои покрај ранчето и букварот, тоа ќе биде и другарчето до кое ќе седат во клупа. Исто така откривме и како големата црна табла со текот на времето ќе стане помала, се разбира причина за тоа е нивното растење. Мене, како автор, не ме напушта оптимизмот. Убеден сум дека треба сите ние што учествуваме во нивното секојдневие и формирање во добри личности да им помогнеме преку вакви манифестации, работилници, средби… На тој начин негуваме и нова читателска публика. Овие нови генерации нѐ обврзуваат да им отвориме патишта кон современиот свет, па затоа сето ова што се случува е мала тула во зградата што ја правиме и се вика наше општество – ни рече Васил Мукаетов.

За писателот Мишо Китаноски, вакви средби на учениците со писателите треба често да се организираат, бидејќи се траен спомен за децата. Исто така, средбата со она што тие го пишуваат е чекор напред кон збогатување на вокабуларот на ученикот што ќе го прочита тоа и добра насока да се засакаат и негуваат мајчиниот јазик и творештвото напишано на него.

Александра Велинова ја претстави новата книга „Стефан во Дино парк“

„Дете што чита е човек што мисли“ – потсети на старата поговорка авторката Александра Велинова на средбата со читателите на Саемот на книгата (на штандот на „Едука мак“), по повод излегувањето од печат на новата сликовница „Стефан во Дино парк“, како продолжение на едицијата патувања, за која илустрациите ги изработи Игор Јовчевски.

– Како и сите навики, па и навиката за читање се стекнува од мали нозе, а за тоа големо влијание имаат воспитувачите, наставниците, но пред сѐ родителите. Во време кога сѐ почесто децата се оставаат да бидат анимирани од телефоните и компјутерите повеќе од неопходни се вакви средби, каде што ќе им се доближи книгата и ќе дознаат дека и книгите раскажуваат интересни приказни. Диносаурусите се мошне актуелна тема, популарна помеѓу децата, па изненадувачки е колку се информирани децата за нив, но секогаш има простор да се дознае нешто ново што го нуди и оваа сликовница преку незаборавната авантура на Стефан во еден голем Дино парк – ни рече Александра.

Во својата нова книга, Велинова на хумористичен начин ги едуцира децата, создавајќи им чувство како да се таму. Меѓу дечињата со кои таа се сретна беа момчињата и девојчињата од градинката „Бубамара“ од Скопје, кои имаат само две-три години и за првпат го посетија Саемот за книга, со нивните учителки Царе и Ирена и буквално уживаа во книжевното царство.

„Шила“ од Калиопи Трпчева и од Јана Мишо е за децата поразлични од другите

Во весела атмосфера, со многубројни деца и нивните родители, на штандот на „Арс ламина“ и „Литература.мк“ беше промовирана новата несекојдневна сликовница „Шила“ од авторката Јана Мишо и од илустраторката Калиопи Трпчева. Книгата ја промовираше уредничката Оливера Ќорвезироска, а пред присутните (покрај авторскиот тандем) се обрати и дизајнерката Ангела Чучкова од „Арс ламина“, која зборуваше за финалното графичко обликување на делото.

Ќорвезироска истакна дека „Шила“ е топла сликовница за патот до среќата на едно срамежливо девојче, „сошиена“ од лирската приказна на Јана Мишо и колоритните илустрации на Калиопи Трпчева. Играта со ткаенините, со машината за шиење, со копчињата и со конците е впечатлив, личен начин за изразување, но и за справување со емоциите кај децата, различни и поинакви во однос на другите околу нив. Волшебниот свет на Шила преку шиењето на сите попатни емоции низ растењето, нè води до зрелост и целосна исполнетост. Правејќи кукли, Шила го крои и го шие светот по мера на среќата кон која сите се стремиме. Кругот на животот се свртува со безименото девојче на кое веќе возрасната Шила му помага побрзо и полесно да стане тоа што сака.

„Шила“ е книжевно-ликовен свет, напишан, нацртан и сошиен како поддршка за истрајноста, стрпливоста и самодовербата кај децата. Истовремено го реактуализира чудесниот подзаборавен свет на рачната работа.