Немирко

Разбранувано
И немирно е морето
Ранко застанат на брегот
„Кој може да го смири?“ –
прашува.
„Тоа грижа е
На природа мајка.“ –
му одговара татко му.
Тогаш зошто ти ме караш
И строго бараш
Да се смирам
Кога немирен ќе бидам

Сон
„Тато веруваш ли
Дека сонот може
Да се оствари?“
„Се разбира дека
верувам!“ –
му одговара татко му
„Тогаш подготви се
Ќе одиме на плажа!“
„На плажа?“ –
се чуди татко му
„Сношти сонив
Како морето дошло
Во нашиот двор.“

Кога би бил море

„Кога јас би бил море
Никогаш нема
Да им забранам
На децата
Да си играат на брегот.“
„А што ќе правиш
со рибите
Кога би бил море?“ –
го прашува татко му.
„Е, нив ќе ги чувам
во аквариум
Редовно ќе ги хранам
И редовно ќе им
ја менувам водата!“