Од творештвото на писателот Ефтим Клетников
Септември на гости ја викна
Малечката Принцеза. Таа
од радост ко поток бликнат
низ ливадите што сјаат
како јаспис тргна, вјаса
следена од птичје јато.
Беше во пурпур и злато
сè кај него кога стаса.
На балконот тој под стреа
неа ја седна на столот.
Блескав му е ореолот.
Сите нешта тука греат
како во легенда да се.
Полн е бокалот со небо.
Како злато свети лебот
на маса под сводот јасен
и румено искри, сјае
в бокал виното ко пламен.
Како бесценет е камен
тука секој миг што трае
и на вечноста е печат.
Како добитокот рогат
Септември е убав, богат,
и изворите го влечат
кон него со моќна рака
просторот, и сем во домот
негов ита в гости. Громот
музикален исто така.
И ветерот што се смирил
кај Септември пред праг чука
неколку сонати тука
сака в занес да отсвири.
Беше Принцезата в гости
кај Септември сè до зори.
Рој од ѕвезди, метеори
виде, и на замин „Прости“
рече со насмевка сина,
ко самата да е Тајна.
А Септември: „Баш си сјајна“,
и од бавчата ѝ скина
една бела хризантема.
Таа стана и се чуди
додека од сон се буди.
Гледа, некој ѝ ја земал
неа. Ама знае, смајна,
Јавето е тоа грубо
тоа, кое нема љубов
за сè што е Сон и Тајна.