На онлајн пијано-натпревар во Италија

Тамара Трајческа, ученичка во трето одделение во ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп, во класата на проф. Игор Николоски, деновиве се закити со трета награда на меѓународниот натпревар по пијано, што се одржа во Тоскана, Италија. Иако натпреварот течеше онлајн, сепак малата Тамара го покажа својот талент, свирејќи во друштво со стотина натпреварувачи од 20 земји, меѓу кои и од: Русија, Кина, Јапонија, Италија, Турција, Шпанија, САД… Таа одлично се претстави со дела од Бетовен, Бах, Манус…

Не само што Тамара е среќна туку и нејзиниот професор Игор Николоски, кој вели дека Трајческа е талентирана, многу сака да учи и да свири.
Напоредно Тамара постигнува одлични резултати и во нејзиното основно училиште „Кочо Рацин“ каде што исто така е трето одделение.


Учениците од музичкото училиште во Прилеп успешни на повеќе натпревари

Учениците од ОМУ „Ордан Михајлоски-Оцка“ од Прилеп постигнаа значајни успеси, освојувајќи многу награди на натпреварите: „Полихимнија“ во Скопје, Вториот музички фестивал со натпреварувачки карактер во Штип, „СИМС Бијелина“ во Босна и Херцеговина и „Орбетело“ во Италија.
Анастасија Петреска освои прва награда на натпреварот „СИМЦ Бијелина“ во БиХ, а Дариа Богеска беше најдобра во Штип од класата на проф. Петар Цветаноски. Со прва награда се закити Марко Граороски од класата на проф. Славица Конеска Темелкоска, во Штип. На Штипскиот натпревар прва награда освоија и Теона Ванеска и Марија Николова и втора награда во класата на проф. Илија Иваноски на натпреварот „Полихимнија“.

Илина Наумоска е првонаградена во Штип, а Христијан Узуноски третонаграден и двајцата во класата на проф. Јулијана Златеса. Во Штип првонаграден беше и Гораст Ѓорѓиоски од класата на проф. Денис Најдоски, Бисера Баракоска освои трета награда од класата на проф. Катерина Попоска на „Полихимнија“, а ученичката Магдалена Ковилоска ја освои втората награда на натпреварот „Полихимнија“ од класата на Мартина Пашоска Стојанов.

Марко Солески и Михаил Граороски од класата на проф. Мендо Ташкоски ја освоија првата награда во Штип свирејќи на народни инструменти.