Еве, летото е при крај, но се чини дека на летните радости и лудории им нема крај. Секојдневно, од утро до вечер, рој летни радости се леат и постојано се слуша детската смеа. Сѐ што им е потребно на децата да бидат среќни, совршено здрави и, се разбира, весели е: сонце, слобода, игра и дружба.
Деновиве во блиската слаткарница „Палма“ во Скопје сретнав некои од моите ученици – Николина, Алексеј, Ања, Петар, Сара, Ведра… Им се придружив на масата додека го јадевме најубавиот летен десерт – сладолед.
Започна весел, опуштен разговор:
– Каде сте, што сте, што правите, драги деца, бевте ли некаде во текот на летниот распуст?
И почнаа да се редат позитивни мисли искажани со многу радост и ведрина.
Навистина уживав додека слушав за сите нивни летни радости и активности. Еве што ми открија овие креативни момчиња и девојчиња.
Петар: Знаете ли колку многу слободно време имав да се изнаиграм шах, и тоа со татко ми, колку многу радост ни донесоа тие дружби и на двајцата. Се чувствувам исполнето. Ги повикувам на партија шах и моите другари од соседството и од одделението, шахот ќе го земам и за време на мојот престој во Германија.
Сара: Јас, пак, што да ви кажам, преубаво си поминувам секој нов ден, а особено кога го шетам моето милениче, кучето Луна. Е, тогаш наутро и навечер по ладот, најмногу се движам, и по неколку километри. Движењето и смеењето и љубовта кон моето куче најмногу ни значат мене и на мојот брат. Сите тројца сме во една симбиоза, која нѐ држи нонстоп.

Максим: Колку здрави и убави навики слушнав од вас двајца! Одлични идеи како да си поминувам во остатокот од летото! Со дедо ми во Битола ќе учам да играм шах, а со братучедите заедно ќе го шетаме нивно домашен миленик Брандо. Едвај ја чекам таа семејна дружба со роднините. Да не се заборавиме, туку да се викаме едни кај други на гости. Јас на моите братучеди им подготвив весело дружење. Возење ролерки покрај кејот на Вардар! Тоа ќе биде лудо и незаборавно! Урааааа…
Мила: За возење ролерки покрај кејот на Вардар и да се вакцинира целото семејство во Скопје, во соработка во сите области, ќе ме викате и мене. Тоа ми е омилената забава, особено налето. Впечатоците од нив, прекрасните слики утредента си ги ставам на лист хартија. Еден ден ќе ве викнам кај мене на уметничка изложба.
Ангела: Еј, дечки, со вакви убави нешта ќе си поминеме најубаво.

А за крај на летото, се знае, најубавиот шлаг на тортата – лектирите. Низ разговор и интересна дружба кај училишниот библиотекар. Таа ќе ја направи формалната обработка на лектирите без која не се може.
И така, со радост и смеа, нека заврши летото, а за десетина дена повторно нѐ чекаат училиштето и обврските. Ајде да уживаме во деновите што ни останаа!
– Ајде – реков јас, вознесена од детските мисли.
Станав, ги гушнав тие нежни детски главички. Па, и вие, драги другарчиња, бидете дел од нашата заедничка летна среќа.

Роза Василевска, одделенска наставничка во ООУ „Јан Амос Коменски“ во Скопје


Здодевност,што е тоа?

Нешто ми се чини
се повторува редовно.
Еве и ова лето
одвреме-навреме,
здодевно!

Ќе чекаш до осум
да се заладело,
а веќе смрачено.
Само што си разиграл,
треба дома.
И другарите сложни:
– Ова е откачено!

Овие одоколу ќе речат:
На овие деца не им се погодува.
А тие по парковите?
Нема патека
што не се доодува….

Септември,
тоа е порачаното
време.
Сите заедно,
џагорот до небо
ќе се крене.
И ѕвончето,
нема шанса да згреши.
Ќе реши:

Кога со ранчето
доаѓаш и си одиш.
А кога голови даваш
и со другарите
трки водиш.

Кога ова предвид
ќе се земе,
за сѐ си имаш време.

Здодевност?
Стасува
и понекоја домашна.
Се решава без спрема,
здодевност – нема!

Васил Мукаетов
(од книгата „Има ли и страна петта?“)