Фото: Пиксабеј

За разлика од идеите за (западна) хегемонија или униполаризам или дури и за прифаќање на непроменливо статус кво на Втора студена војна (заедно со серија
замрзнати конфликти што произлегуваат од неа, што е идеја за „добро сценарио“ според Џон Мершајмер), овде се нуди сеопфатен предлог што отвора простор и создава позитивни можности за целиот свет и за човештвото

Билјана Ванковска:

Дури и врвните експерти од областа на меѓународните односи се соочуваат со еден нов вокабулар (или дури и вокабулари, во множина), како и со терминологија чие значење е амбивалентно и во сферата на истражувањата и на практиката. Семантиката станува особено значајна во анализата и дешифрирањето на нашиот свет, затоа што само преку неа можеме да го откриеме вистинското (или посакуваното) значење на зборовите и на односите меѓу нив. Во таа смисла е важно однапред да се знае што некој/некои подразбира/ат кога испраќаат пораки до својата или до глобалната јавност. Ова е особено случај во ситуација во која светот страда од длабоки промени и судири што можат да му нанесат непоправливи штети на човештвото. Се чини дека живееме во време одамна опишано од славниот марксистички мислител Антонио Грамши: „Стариот свет умира, новиот се напрега да се роди – ова е време на чудовишта“.
Имајќи го сето ова на ум, најпрво треба да појасниме некои работи. Прво, полето на меѓународните односи е целосно под доминација на западната академска заедница, но и на центрите на моќ. Ноам Чомски дури и се сомнева дека постои некаква теорија на меѓународните односи. Еден друг претставник на критичката школа на меѓународните односи, Роберт Кокс кажа друга многу важна работа: „теоријата е секогаш за некого и со некаква цел“. Според ова мислење, сите теории (дури и кога тврдат дека се објективни) имаат вредносна димензија и служат за некаква цел; оттука, нема и не може да постои апсолутно објективна теорија. Во вакви услови, би се осмелила да прашам: зошто научните работници се толку исплашени дека ќе бидат видени како „субјективни“, односно зошто избегнуваат да покажат некоја вредносна преференца кога станува збор за редизајнирање на светскиот поредок (особено сега кога стариот се покажува неодржлив)? Лажната „објективност“ всушност помага во одржување на сегашното статус кво, а од сите нас прави набљудувачи што само го анализираат и гледаат пасивно апокалиптичниот тек на настаните. Освен тоа, таквата позиција на научната заедница обезбедува легитимациска основа за погубните политики.

Во оваа пригода, како добар совет може да послужи славната (и за мене омилена) мисла на Карл Маркс од „Тезите за Фоербах“: „Досега филозофите само го толкуваа светот на различни начини; но суштината е како тој да се промени“. Затоа, не случајно името на новата истражувачка единица на Филозофскиот факултет, која ја раководам, го носи името Центар за глобални промени. Акцентот е на „глобални“ (т.е. на разбирање на светот во сета негова комплексност и во сите страни на компасот) и на „промени“ (нешто што се случува и што треба да биде можност, а не само закана).
Како што веќе беше кажано, промените не се само на „терен“ туку веќе продираат и во реториката што се користи на академски и политички план. Неретко утврдената реторика, која се смета за политички коректна и единствено исправна, има за цел спречување на промените во стварноста или ставање „обланда“ за да се скрие суштината на веќе испразнетите концепти. Зарем со години не ја користиме бесмислената флоскула за „меѓународна заедница“ и покрај тоа што таква воопшто не постои и што оние што си го земаат тој назив се всушност западните сили (т.е. помалиот дел од светот)?
Последниве неколку години концептот (ако тоа може и да се нарече така) на „меѓународен поредок заснован на правила“ почнува да ја заменува класичната идеја за меѓународно општество и меѓународно право. Прашањето е зошто е тоа така. Од која причина одеднаш влезе во употреба оваа нова фраза, небаре досега немало меѓународни правила и поредок? Што значи новата фраза? Во практиката може да се забележат повеќе значења и контексти во кои се употребува називот за „меѓународен поредок заснован на правила“. Но, познатата активистка и мислителка Филис Бенис луцидно укажува дека на овој начин де факто се избегнува повикувањето на важечкото меѓународно право. Таа вели: „За меѓународно право веќе не се слуша многу, но затоа слушаме насекаде за аморфното нешто наречено ’поредок заснован на правила’. Никој не кажува кои се тие правила. Кој ги создава тие правила? Кој треба да ги почитува тие правила? Но, се разбира, ние добро знаеме дека правилата се оние што ќе ги утврдат САД“. Како и во физиката, така и во општествената стварност постои законот на акција и реакција.

Дури и кога Западот (или колективниот Запад, како што сега се самонарекува) ја користи традиционалната терминологија, секому му е јасно дека меѓународното право и правда беа она што САД сакаа да го прикажат како легално и правично (особено низ своите интервенционистички потфати). Денес многу нации од т.н. Глобален Југ отворено порачуваат: сега е доста! Во април 2023 година, Џефри Сакс, еден од најкритичките интелектуалци во ваквото критично време, со право го истакна кинеското историско поместување кон мултиполарен свет во кој ќе ѝ се стави крај на американската доминација.
И токму во последниов период се соочуваме со еден конкретен предлог за иднината на светот поддржан од Кина. За разлика од идеите за (западна) хегемонија или униполаризам, или дури и за прифаќање непроменливо статус кво на Втора студена војна (заедно со серија замрзнати конфликти, кои произлегуваат од неа, што е идеја за „добро сценарио“ според Џон Мершајмер), овде се нуди сеопфатен предлог, кој отвора простор и создава позитивни можности за целиот свет и за човештвото. Имено, неодамна Кина поднесе т.н. бел документ (white paper), кој осмислува една глобална заедница за заедничка иднина, како визија за текот на развојот на човештвото. Документот не е некаков изум што падна од небо и кој треба да изненади. Напротив, тој беше граден десетици години, а делумно практикуван и преку иницијативата за појасот и патот. Во документот се наведува: „Да се изгради глобална заедница за споделена/заедничка иднина значи да се негуваат отвореност, инклузивност, заемна добивка, еднаквост и правда“. Целта на проектот не е замена на еден систем или цивилизација со друга (уште помалку замена на хегемонот). Напротив, станува збор за прагматичен пристап кон земји со различни општествени и политички системи, идеологии, истории, заеднички права и споделени одговорности во глобалните работи“. Накратко, ова е идеја за глобален систем на управување, кој во себе опфаќа глобална безбедносна димензија, глобална развојна димензија и глобална цивилизациска иницијатива.

Каде сме ние во овој историски миг, како држава и како регион? Од една страна, земјите на т.н. Западен Балкан (кованица што постои само во плановите на бриселските и западните политички лидери) се во потрага по безбедност и благосостојба во свет што е поделен, а во кој тие му „припаѓаат“ на Западот. Поточно, барајќи безбедност (во сите аспекти на концептот), тие се наоѓаат во свет во кој најголемата надеж е дека ќе застане на работа на апокалипсата, односно на состојба на траен „замрзнат конфликт“ (избегнување нуклеарен холокауст), да го парафразираме Мершајмер. Од друга страна, постои отворен повик за глобална заедница заснована на некои базични принципи што ќе гарантираат заедничка (човечка) иднина. Од една страна, ја вративме од мртвите идејата за студена војна и студен мир, а му го вртиме грбот на она што значи нов, поправеден и поинклузивен свет. Ова лимбо во кое се наоѓаме одговара за старата филмска реплика за она дека Западот не нè запишува, а Истокот нè отпиша – ама сега во обратен редослед. Воопшто не е тајна дека балканските политички елити едвај се способни да ја сфатат идејата за државен суверенитет или за водење сопствена надворешна политика. Во недостиг од некое достигнување или конкретна перспектива за подобар живот на граѓаните, сите тие ја проповедаат идеологијата за НАТО и ЕУ (едните ќе нè бранат, а другите наводно ќе нè хранат). Притоа, сосема се игнорира состојбата во која НАТО е фактички во војна со Русија, а ЕУ се трансформира во негово политичко и економско крило.
Целиот наратив за ЕУтопијата е заснован на премисата за „единство во различностите“ и „за економска, социјална и политичка интеграција“ – преку соработка! Тоа е накратко суштината на она што се нарекува безбедносна заедница – соработката носи мир. Но, кога ќе се спомне иницијативата за свилениот пат и кога се аргументира со многу слични аргументи, се вклучува алармот за опасност. Очигледно овде станува збор или за слепило или за хипокризија. Ако различноста и инклузивноста низ соработката во различните полиња се еднакво принципи на кои почива ЕУ (или барем така гласи официјалната теза), тогаш зошто отпор кон примена на сличен пристап применет на глобален план? Парадоксално, но оригиналната (или романтизираната) идеја за толку посакуваната ЕУ не е во спротивност со кинескиот поглед на мултиполарниот свет. Во еден нормален, разумен и незабеган свет овие две стратегии би биле комплементарни.
Земјите на т.н. Западен Балкан се на крстосница, и тоа на две нивоа: едното е она на политичките елити и нивните амбиции, а другото на она што го очекуваат и бараат граѓаните (од кои првите се отуѓиле). Дали треба акцентот да се стави на националната и регионалната (европската) безбедност или можеби треба да се погледнат сите сценарија што им се закануваат на светот и човештвото? Зошто би избирале меѓу себичен (и краткорочен) интерес и глобален (на планетата и човештвото)? Вистината е дека сите сме на ист брод, во турбулентни времиња и разбранувано море, а заедничката судбина ни е детерминирана од тоа како ќе одговориме на воените, еколошките, социјалните, здравствените или образовните потреби на нашите деца. Останува надежта дека чудовиштата (на Грамши) нема да победат во ова време на болна транзиција. Ако се точни некои шепотења дека земјите на Балканот ќе ја напуштат Иницијативата на појасот и патот, тоа ќе биде сигнал дека нивните водства се подготвени на нерационални и штетни потези заради задоволување туѓи интереси, а не тие на нивните граѓани од кои црпат легитимитет.