Силна економија, во комбинација со стабилен демократски систем, би ја направила Турција столб на стабилноста во регионот што изобилува со нестабилност

Внатрешната политика на официјална Анкара пред сериозен тест

На 6 февруари земјотрес со јачина од 7,8 степени по Рихтер ги погоди јужните градови на Турција. Се урнаа илјадници згради и клучна инфраструктура. Земјотресот не можеше да се случи во полошо време. Турската економија е во лоша состојба, а актуелната катастрофа дополнително ја усложнува економската и политичката состојба. Кога турските гласачи ќе излезат на гласање во јуни, претпоставувајќи дека изборите нема да се одложат поради земјотресот, тие ќе имаат задача да ги потврдат или коригираат опсежните економски политики на претседателот Реџеп Таип Ердоган во последните десет години.
Економијата на Турција отстапуваше во однос на случувањата во светот. Откако земјата ги укина пандемиските мерки во јуни 2020 година, владејачката Партија за правда и развој (АКП) воведе опсежни економски реформи за да го стимулира растот по секоја цена. Ова доведе до силни економски показатели, вклучувајќи и 11 отсто економски раст во 2021 година, што вклучуваше раст за девет квартали за време на глобалната рецесија, надминувајќи многу земји од Г20 и ОЕЦД, и очекуван раст од пет отсто лани, што ја прави една од најбрзорастечките економии во светот. Во тоа време, Турција исто така докажа дека економскиот раст не мора да води кон просперитет. Милиони турски граѓани беа погодени од овие политики, што доведе до сериозно ослабена лира и висока инфлација, осиромашена средна класа и голем пад на довербата на потрошувачите.
И покрај неодамнешните економски пречки, Турција сè уште поседува потенцијал да стане регионална и глобална економска сила. Со население од 84 милиони луѓе и силна преработувачка индустрија, Турција е глобален лидер во производите за широка потрошувачка, транспортната опрема, електрониката и земјоделските производи. За да го реализира својот целосен потенцијал, администрацијата на Ердоган или на неговиот наследник мора да прифати поширока дефиниција за економски успех.

Разладување на прегреаната економија

Заклучно со октомври 2022 година, неизбежната инфлација во Турција достигна 85,5 отсто на годишно ниво, со што беше рангирана на седмото највисоко место меѓу која било нација во светот. Иако падна на 64 отсто во декември, стапката на инфлација во Турција сè уште е речиси десет пати поголема од онаа на водечките западни економии. Ердоган има неортодоксно економско верување дека високите каматни стапки генерираат висока инфлација, притискајќи за пониски каматни стапки за да се одржи високата економска активност во замена за поддршка од народот.
Покрај тоа што ја поттикнуваат инфлацијата, интервенционистичките монетарни политики на Ердоган ја загрозуваат независноста на турската централна банка и доведуваат до драматично намалување на довербата кај домашните потрошувачи и странските инвеститори. Во комбинација со широкораспространетите штрајкови во индустријата и граѓанското незадоволство, осиромашувањето на средната класа во земјата и зголемувањето на минималната плата за 55 отсто што се очекува дополнително да ја поттикне инфлацијата и да ги уништи малите бизниси, Турција е на чекор од хиперинфлација, и покрај нејзиниот економски раст, како и неисполнувањето на нејзините платежни обврски.

Изборниот ефект врз интервенционистичката економија

Изборите во Турција во 2023 година многумина ги сметаат за пресвртница. Ердоган сигнализираше дека има намера да го задржи курсот на високиот раст на сметка на припитомување на инфлацијата. Меѓутоа, лошото управување со економијата е главниот извор на широкораспространето незадоволство од Ердоган и од АКП. Стагфлацијата може да се толерира од електоратот доколку другите политички прашања ги надминуваат економските. На последните избори, гласачите го ценеа повеќе пристапот на АКП кон националната безбедност и борбата против тероризмот отколку економското слабеење. Пред неодамнешниот земјотрес, слабоста на турската економија беше најважното прашање меѓу гласачите. Но сега се чини дека земјотресот ќе остане главна тема во политичката агенда и во текот на следната година. Сепак, Ердоган не треба да се потцени.
Извлекувајќи увид од акциите и реториката на Ердоган, Турција може да забележи влошување на економските врски со Европската Унија и Меѓународниот монетарен фонд, што ќе доведе до намалени западни директни странски инвестиции (СДИ) и капацитет за задолжување. Сепак, Ердоган покажа прагматичен пристап за замена на влијанието на западната економска поддршка, вклучувајќи и зајакнување на врските со некогашните регионални ривали Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати.

Турската опозиција

Од другата страна на гласачкото ливче, опозицискиот сојуз собра некои од врвните светски економски умови за да обезбеди алтернативна визија за економски успех. Тие вклучуваат светски познати економисти, како Дарон Аџемоглу, Билге Јилмаз, професор по финансии на „Вартон“, и поранешниот министер за економија на АКП и поранешен сојузник на Ердоган, Али Бабаџан. Ако овие технократи постигнат консензус, тие би можеле да го променат текот на изборите и да помогнат да се врати довербата на странските инвеститори и меѓународните донатори.
Сепак, за новата турска влада ќе биде предизвик да му даде приоритет на долгорочното економско здравје на државата со краткорочна неопходна болка. Враќањето кон конвенционалните економски политики значи и разоткривање дел од вештачкиот економски раст во последните неколку години. Потранспарентна и поодговорна влада можеби би создала попредвидлива и постабилна деловна средина, а со тоа би се поттикнале претприемаштвото, инвестициите и растот во земјата.

Акционерски капитализам за надминување на нееднаквоста во приходите

Во новата турска економија секој треба да има место на масата – модел што најчесто се нарекува акционерски капитализам. Секој, вклучувајќи ги инвеститорите, сопствениците на бизниси, работниците, клиентите и пошироката јавност, треба да искуси долгорочна економска добивка од растот. Лошото креирање политики доведе до сегашната парадигма што влијаеше врз голем дел од економијата. Сепак, одредени сектори покажуваат отпорност на економските ветрови. Развојот воден од технологијата е поважен за иднината на Турција, обезбедувајќи големо вработување и раст на платите.
Доколку победникот на следните избори прифати логично економско управување, Турција може да стане попредвидливо место за СДИ и инвестиции од секаков вид. Доколку се променат постојните политики, стартапите ќе имаат поголем пристап до капиталот, кој ќе можат да го искористат за да се развиваат во Турција. Меѓутоа, ако сегашните трендови останат исти, тогаш овие стартапи би можеле да заминат од земјата и да го повлечат економскиот просперитет со себе.
Исто така, би било тешко за која било влада да ги координира напорите за помош по толку голема катастрофа како онаа што ја снајде Турција. Справувањето со реконструкцијата на само три месеци пред претстојните избори нема да биде лесно за актуелната влада. Негативните ефекти од земјотресот ќе ја влошат лошата состојба на економијата и може да влијаат на изборите.
На Турција ѝ треба нов почеток. Затоа, следните избори се клучот за ослободување на огромниот економски потенцијал на Турција и создавање светла, правична иднина за нејзините граѓани. Силна економија во комбинација со стабилен демократски систем ќе ја направи Турција столб на стабилност во регион полн со неизвесности.

Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска