Од набавка на основни производи до затоплување на домовите, трошоците за живот нагло растат не само во Велика Британија туку и насекаде, велат Бет Тиминс и Даниел Томас од „Би-би-си“
Инфлацијата го зема својот данок
Инфлацијата во светот, односно стапката со која растат цените, е на највисоко ниво од 2008 година. Постојат неколку причини зошто се случува токму тоа.
Раст на цената на енергентите и бензинот
Цените на нафтата нагло паднаа на почетокот на пандемијата, но побарувачката оттогаш се зголеми и достигна највисоко ниво во последните седум години. Во САД, бензинот поскапи во однос на лани, а слично и е во Велика Британија и во Европската Унија. Цената на бензинот исто така порасна, што се одрази со високи сметки за централно греење насекаде во светот. Побарувачката во Азија ги зголеми цените заедно со студената зима во Европа лани, која ги исцрпи резервите на гас.
Недостиг од стоки
Цената на секојдневните производи за широка потрошувачка скокна за време на пандемијата. Производителите во места како што е Азија оттогаш се борат да останат во чекор со побарувачката. Тоа доведе до недостиг од материјали како пластика, бетон и челик, што ги зголемува цените. Во Велика Британија цената на дрвото се зголеми за 80 отсто лани, а речиси двојно во САД. Главните американски трговци на мало ги зголемија своите цени поради повисоките трошоци за синџирот на снабдување. Се јави и недостиг од микрочипови, кои се клучни компоненти во автомобилите, компјутерите и другите производи за домаќинството.
Трошоци за испорака
Светските транспортни компании се преоптоварени со зголемената побарувачка по пандемијата. Тоа значи дека трговците на мало мораа да платат многу повеќе за да ги донесат стоките во продавниците. Како резултат на тоа, цените се одразија на купувачите. Испраќањето еден контејнер од Азија до Европа сега чини 17.000 долари, што поскапи десет пати во однос на претходната година, кога чинеше 1.500 долари. Тоа е придружено со порастот на таксите за авионски превоз и е влошено од недостигот од возачи на камиони во Европа. Во декември се чинеше дека се ослободуваат транспортните тесни грла. Но појавата на омикрон и идните мутации на коронавирусот може да го променат овој тек.
Зголемување на платите
Многу луѓе ги напуштија или променија работните места за време на пандемијата. Во САД во април, повеќе од четири милиони луѓе ги напуштија своите работни места, според тамошното министерство за труд, што е најголем скок во историјата. Како резултат на тоа, фирмите имаат проблем со регрутирање персонал како возачи, преработувачи на храна и келнери. Истражувањето на 50 големи американски трговци на мало покажа дека 94 отсто имаат проблем да ги пополнат празните работни места. Така, компаниите мора да ги зголемат платите или да понудат бонуси за да го привлечат или задржат кадарот, со што повторно ваквите дополнителни трошоци се одразија на потрошувачите.
Климатско влијание
Екстремните временски услови во многу делови од светот придонесоа за инфлацијата. Светските резерви на нафта беа погодени од ураганите и ѝ нанесоа штета на американската нафтена инфраструктура. Проблемите со задоволувањето на побарувачката за микрочипови се влошија по силната зимска бура што ги затвори големите фабрики во Тексас лани. Цената на кафето исто така скокна откако Бразил имаше лоша жетва во најтешката суша во последниот век.
Трговски бариери
За повисоките цени придонесе и поскапиот увоз. Се проценува дека новите правила за тргување по брегзит го намалија увозот од ЕУ во Велика Британија за околу една четвртина во првата половина на 2021 година. Од друга страна, американските увозни царини за кинески стоки речиси целосно се пренесоа на американските потрошувачи во форма на повисоки цени.
Крај на пандемиската поддршка
Владите низ светот ја намалуваат поддршката за бизнисите за ублажување на ефектите од пандемијата. Јавните трошоци и кредитите се зголемија насекаде, што доведе до зголемување на даноците и животните трошоци, додека повеќето плати останаа непроменети. Многу развиени земји воведоа политики за заштита на работниците, како платено отсуство или политики за социјална заштита на најниско платените. Некои економисти сметаат дека овие политики дополнително би можеле да ја зголемат инфлацијата како што полека се укинуваат мерките за поддршка.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска