Трка за европските милијарди

Во следниот седумгодишен период, Европската комисија соопшти дека над девет милијарди евра се ставени на маса преку ЕУ-фондовите за земјите од регионот – пари што меѓу другото може да се искористат за зајакнување и раст на економиите погодени од ковид-кризата. Средствата може да достигнат до 30 милијарди за сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија

Искористувањето на сите извори на финансирање од Европската Унија треба да биде врвен приоритет за нашата земја. Железници, патишта, гасификација, обновливи извори на енергија, земјоделство… Широк е фокусот за искористување на дел од финансискиот колач што го предвидува ЕУ за инвестиции во Западен Балкан. Но какви се планот и капацитетите на македонските надлежни органи и компании за поделба на овој колач? Ќе се задоволиме ли само со ситни трошки или може да се дограбиме до поголемо парче од големиот финансиски колач предвиден за регионот? Она што изминативе години се провлекуваше како наша константна слабост беше слаба реализација на капитални проекти, лошо планирање и слаб менаџмент на јавните инвестиции.
Дека македонските институции половично ги користат парите од европските фондови покажуваат и извештаите од ЕУ. Податоците од Секретаријатот за европски прашања (СЕП) покажуваат дека од алоцирани 360 милиони евра од програмата ИПА 2, која важеше од 2014 до 2020 година, се реализирани само 110 милиони евра. Од нив, пак, исплатени се само половина, односно 55 милиони евра. Ова е значително послаб резултат отколку реализацијата на претходната седумгодишна програма ИПА 1, од 2007 до 2013, кога износот на финансирани проекти со европски пари достигнува 326 милиони евра од вкупно алоцирани 615 милиони евра. По одделни програми, искористеноста варира од максимално повлекување на парите во годишните програми од 2015 до 2018 година, додека, пак, најслаба искористеност има во делот на проектите од животната средина и финансирањето на земјоделството и руралниот развој, како и транспортот.

Во следниот седумгодишен период, Европската комисија соопшти дека над девет милијарди евра се ставени на маса преку ЕУ-фондовите за земјите од регионот – пари што меѓу другото може да се искористат за зајакнување и раст на економиите погодени од ковид-кризата. Средствата може да достигнат до 30 милијарди за сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи ја и Македонија. Но прашањето е дали и овие средства од европските фондови ќе бидат со слаба искористеност.
Потребно е поголемо искористување на фондовите што ни се нудат од европските земји, за кои, навистина, треба голем труд, но и сериозен пристап до ваквите извори на приходи.
Проекти постојат, ама како да нема доволна кадарност за брз развој и искористување на потенцијалите и достапните финансии. Потребни се поголема сериозност и ангажираност во менаџирањето и реализацијата.
Главниот проблем што го имаме е недостигот од административен капацитет за реализација на она што е на хартија, домашни, но и меѓународни проекти, како и искористување на финансиските извори. Но ако ги засукаме ракавите, можеме да бидеме со предност во регионот.

Можности постојат, државата треба да генерира проекти и да ги вклучи приватниот сектор и сите расположливи капацитети. Но проблем се, секако, и капацитетот и кадарот што заминува во странство. Неможноста да се задржат кадрите, бидејќи има голема стапка на напуштање на работните места на луѓето што се обучени и не се преземаат мерки за тоа. Сето тоа ги доведува во прашање перформансите на целата ИПА-структура како надлежните се поставени кон имплементирањето на овие програми.
За реализација на проектите е потребен капацитет – и кај државните институции и кај компаниите. Институциите мора да се зајакнат, но тука најкритична точка е човековиот капитал, кој е на многу ниско ниво. Клучниот одговор за досегашните слаби резултати е апсорпцискиот капацитет на нашите институции.
Нашиот фокус мора да биде кон зајакнување на апсорпциските капацитети на државава и нејзините институции, на макроекономско, на програмско и проектно ниво. Потребно ни е добро стратегиско планирање, издржани макроекономски проекции, но пред сѐ технички добро и целосно подготвени проекти.

ЕУ-фондовите се можност за економски раст, затоа се потребни кадар и проекти. Тие се особено важни за динамизирање на економскиот раст и дејствуваат мултиплицирачки на растот на економијата во целина

Новиот економски и инвестициски план на ЕУ и новата програма ИПА 3 се базираат на натпревар меѓу државите со квалитетни проекти, како и на систем на награди за успешност на реформите, така што предизвикот, но и ризикот за загуба на пари ќе биде уште поголем. ЕУ-фондовите се можност за економски раст, затоа се потребни кадар и проекти. Македонските институции треба да креираат проекти и во нив да ги вклучат фирмите што ќе отвораат работни места и ќе ја одржуваат нивната ликвидност.
Императив на надлежните органи треба да биде што е можно поефикасно искористување на таквите извори и реализација на капиталните проекти во наредниот период. Тие се особено важни за динамизирање на економскиот раст и дејствуваат мултиплицирачки на растот на економијата во целина. Но овозможуваат и полесно економско интегрирање на земјата, кон што се стремиме.