„Голдман Сакс“ неодамна предвиде дека еврозоната ќе расте со побрзо темпо за разлика од САД во 2022 година, проектирајќи стапка од 4,4 отсто за валутната зона на Европската Унија и само 3,5 отсто за американскиот БДП. Иако допрва годинава ќе се види кој ќе го надмине економскиот раст, сепак постојат и други показатели што веќе ги прикажуваат растечката економска моќ и меѓународната важност на еврозоната. Вредноста на светските платежни трансакции во евра речиси се доближува до онаа на доларот, како што покажуваат податоците од меѓународната платежна мрежа СВИФТ. Јазот меѓу двете валути на светската сцена стана значително помал од почетокот на пандемијата на коронавирусот. Можните причини за ова ги вклучуваат координираните напори на Европската Унија (ЕУ) да ја поддржи својата економија во актуелната криза и нејзината континуирана фискална политика со нула камата. Во меѓувреме, вербата во американската економија и раст е несигурна, според „Си-ен-би-си“, бидејќи продолжува неизвесноста околу економскиот пакет за поддршка на американскиот претседател Џо Бајден.
Гледајќи стриктно на плаќањата помеѓу двата актера од различни валутни зони, со тоа исклучувајќи ги меѓународните плаќања меѓу различни земји од еврозоната, доларот сè уште ја задржува предноста како светска трговска валута. Јазот во однос на еврото беше на околу три процентни поени од вредноста на трансакциите во ноември 2021 година. Сепак, економистите беа изненадени од општиот меѓународен успех на еврото како втор силен играч откако доларот долго време се сметаше за единствена меѓународна трговска валута.
Подготвиле: Марјан Велевски; Билјана Здравковска