Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека високите цени на гасот во САД не се „пријателски“ за Европејците

Официјални претставници на Европската Унија го напаѓаат американскиот претседател Џо Бајден поради високите цени на бензинот, продажбата на оружје и трговијата додека конфликтот во Украина се заканува да го уништи единството на Западот

Брисел ги обвинува САД дека профитираат од конфликтот во Украина

Девет месеци по инвазијата на Украина почнуваат да се појавуваат поделбите на Западот. Највисоките европски функционери се бесни на администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден и сега ги обвинуваат Американците дека заработуваат многу од конфликтот, додека земјите од Европската Унија (ЕУ) страдаат. Експлозивните коментари, поддржани јавно и приватно од официјални лица, дипломати и министри од други места, го следат зголемениот гнев во Европа поради американските субвенции што се закануваат да ја уништат европската индустрија. Кремљ, најверојатно, ќе биде задоволен со нарушувањето на атмосферата меѓу западните сојузници.
Високиот функционер на ЕУ тврди дека двојниот удар на трговскиот прекин од американските субвенции и високите цени на енергијата ризикува да го сврти јавното мислење и против воените напори и против трансатлантскиот сојуз. Друг висок функционер, поточно главниот дипломат на ЕУ, Жозеп Борел, го повика Вашингтон да одговори на европската загриженост, меѓутоа САД ги отфрлија жалбите на Европа.

Европа притисната во ќош

Највисоката точка на тензија во изминатиот период беа зелените субвенции и даноци на Бајден за кои Брисел вели дека неправедно ја заобиколуваат трговијата од ЕУ и се закануваат да ги уништат европските индустрии. И покрај формалните приговори од Европа, Вашингтон досега не покажа знаци на повлекување. Во исто време, нарушувањето предизвикано од инвазијата на Путин на Украина ги доведува европските економии во рецесија, инфлацијата драстично расте и се создава силен притисок на енергетското снабдување, кое се заканува со прекини и рационализирање оваа зима.
Додека се обидуваат да ја намалат зависноста од руската енергија, земјите од ЕУ наместо тоа се свртуваат кон гас од САД, но цената што ја плаќаат Европејците е речиси четири пати повисока од истите трошоци за гориво во Америка. Потоа, тука е веројатниот пораст на нарачките за оружје и воена опрема произведени во Америка, бидејќи кај европските армии се јави недостиг откако испратија значајно количество во Украина. Сето тоа е премногу за највисоките функционери во Брисел и другите шефови на земјите од ЕУ. Францускиот претседател Емануел Макрон рече дека високите цени на гасот во САД не се „пријателски“, а германскиот министер за економија го повика Вашингтон да покаже поголема „солидарност“ и да помогне во намалувањето на трошоците за енергија.

Бајден незапознаен со проблемите на Европејците

Министрите и дипломатите од други земји од европскиот блок изразија фрустрација од начинот на кој владата на Бајден едноставно го игнорира влијанието на неговата домашна економска политика врз европските сојузници. Кога лидерите на ЕУ се соочија со Бајден за високите цени на бензинот во САД на состанокот на Г20 во Бали, американскиот претседател едноставно изгледаше несвесен за ова прашање, според високиот функционер цитиран погоре. Други претставници и дипломати на ЕУ се согласија дека американското незнаење за последиците за Европа е голем проблем. Официјалните лица од двете страни на Атлантикот ги препознаваат ризиците што ќе ги има сè потоксичната атмосфера за западната алијанса. Кавгата е токму она што Путин би го посакал, се согласија дипломатите на ЕУ и на САД.

Влијанието на американскиот закон за намалување на инфлацијата (ИРА)

Растечкиот спор околу Законот на Бајден за намалување на инфлацијата (ИРА), кој претставува огромен пакет за даноци, климатска и здравствена заштита, повторно ги стави стравувањата од трансатлантската трговска војна високо на политичката агенда. Холандската министерка за трговија Лиесје Шрајнемахер изрази загриженост за тоа како ќе влијае американскиот закон врз европската економија. Тонино Пицула, водечки човек на Европскиот парламент за трансатлантските односи, истакна дека „САД ја следат домашната агенда, која, за жал, е протекционистичка и ги дискриминира нивните сојузници.
Американски официјален претставник истакна дека поставувањето на цените за европските купувачи на гас ги одразува одлуките на приватниот пазар и не е резултат на каква било политика или акција на американската влада. Во повеќето случаи, додаде официјалниот претставник, разликата помеѓу извозните и увозните цени не оди кај американските извозници на ЛНГ, туку кај компаниите што го препродаваат гасот во ЕУ. На пример, најголемиот европски носител на долгорочни договори за гас од САД е француската „Тотал енерџис“. Поевтината енергија брзо стана огромна конкурентна предност и за американските компании. Бизнисите планираат нови инвестиции во САД или дури и преместување на нивните постојни бизниси подалеку од Европа во американски фабрики.

Сојузници или не?

И покрај енергетските несогласувања, дури кога Вашингтон објави шема за индустриски субвенции од 369 милијарди долари за поддршка на зелените индустрии според Законот за намалување на инфлацијата, Брисел влезе во режим на целосна паника. За Бајден, законот е историско достигнување во борбата со климатските промени. Но ЕУ на тоа гледа поинаку. Официјален претставник на француското министерство за надворешни работи рече дека се работи за „дискриминаторски субвенции што ќе ја нарушат конкуренцијата“. Францускиот министер за економија Бруно Ле Мер дури ги обвини САД дека одат по кинескиот пат, повикувајќи го Брисел да го преиспита таквиот пристап и истакна дека Европа не смее да биде „последниот Мохиканец“. Во меѓувреме, ЕУ ги подготвува своите одговори, како што се поголеми заложби за субвенции за да се спречи европската индустрија да биде збришана од американските ривали.
Зад сцената, исто така, расте незадоволството поради парите што се слеваат во американскиот одбранбен сектор. САД досега беа најголемиот снабдувач на воена помош за Украина, испорачувајќи повеќе од 15,2 милијарди долари оружје и опрема од почетокот на конфликтот. ЕУ досега има обезбедено околу осум милијарди евра воена опрема за Украина, според Борел. Според еден висок функционер од европска престолнина, обновувањето на некои софистицирани оружја може да потрае „години“ поради проблеми во синџирот на снабдување и производството на чипови. Ова ги поттикна стравувањата дека одбранбената индустрија на САД може да профитира уште повеќе од украинскиот конфликт.
Пентагон веќе развива патоказ за забрзување на продажбата на оружје, бидејќи расте притисокот од сојузниците да одговорат на поголемите барања за оружје и воена опрема. Друг европски дипломат тврдеше дека „парите што ги заработуваат од оружје“ може да им помогнат на Американците да разберат дека заработувањето „пари и од продажба на гас“ може да им биде „малку премногу“. Дипломатот тврдеше дека попустот на цените на бензинот може да им помогнат на Европејците во обединување на јавното мислење и да преговараат со трети земји за снабдување со гас.