Роботи со 3Д-печатење би можеле да ги градат живеалиштата на Месечината

Компании нудат услуги за испораки за приватни корисници и за НАСА и ги прават првите чекори кон основање на одржлива месечева економија. Туризмот најверојатно ќе биде друг голем извор за приходи од Месечината. Се проценува вселенскиот туризам до 2030 година да вреди најмалку три милијарди долари

Вниманието не е насочено само на слетувањето на Месечината, а некои луѓе веќе се подготвуваат за месечева економија. Вселенската компанија „Астроботик“ наведува дека гради „железница“ до Месечината. „Астроботик“ е само една од повеќето компании што сакаат да транспортираат работи до месечевата површина.
За почетна цена од 450 долари за мала кутија за чување работи, па сѐ до 1,2 милион долари по килограм за потешки предмети како што се роботските возила, „Астроботик“ ќе испорачува товар по ваш избор на Месечината, користејќи го роботот-слетувач со четири нозе „Перегрин“. Со обезбедувањето на услуги за испорака за приватни корисници и за НАСА, компаниите како „Астроботик“ може да ги направат првите чекори кон основање на одржлива месечева економија.
Туризмот најверојатно ќе биде уште еден извор за приходи од Месечината. Во 2018 година, компанијата „СпејсИкс“ на Илон Маск го претстави првиот приватен патник што планира да го лета околу Месечината во 2023 година. Понатаму во иднината, туристите би можеле да слетуваат на месечевата површина и да престојуваат во живеалиштата. Процените покажуваат дека пазарот за вселенски туризам до 2030 година ќе вреди три милијарди долари.

Сепак, рударството на мраз за вода, што се користи за ракетно гориво, најверојатно ќе биде темел на месечевата економија. Овие наоѓалишта се концентрирани на Северниот и Јужниот Пол, каде што внатрешноста на некои кратери никогаш не е изложена на сончевите зраци. Повторното снабдување со гориво на возилата на Месечината би можело да ја намали цената на вселенските патувања и да ги направи попристапни месечевите станици. Извештај од 2018 година сугерира дека цената на горивото за ракети може да се намали до 500 долари за килограм на месечевата површина. Тоа е дури 20 пати поевтино од цената од 10.000 долари за килограм, колку што чини неговото транспортирање од Земјата до месечевата орбита.

„Астроботик“ сака да транспортира производи до месечевата површина

Месечевото гориво исто така би можело да се користи за погон на сателитите од ниската орбита на Земјата до повисока, геостационарна орбита. Вселенско летало што пренесува гориво од Месечината би можело да се сретне со сателит во ниската орбита и да го искористи горивото за негово лансирање кон конечната орбита. Тоа би можело да заштеди дури 100 милиони долари за секое вселенско летало.
Пол Бирн, професор од универзитетот „Северна Каролина“, сепак смета дека ќе биде потребно време за развој на месечевата економија.
– Може да видиме каде сакаме да одиме. Но ќе бидат потребни повеќе децении пред тоа да стане економски одржливо. Дотогаш тоа ќе биде нешто што владите ќе треба да го платат – истакнува Бирн.

За да се заштитат овие живеалишта од микрометеорски напади и радијација, роботи би можеле да направат цврсти надворешни оклопи, што ќе бидат поставени над живеалиштата. Месечевата „почва“, позната како „реголит“, би можела да биде искористена како материјал за градење.
– Тоа е лесен метод за конструкција и би можело брзо да се направи – вели научникот Филип Метцегер.
Од друга страна, долгорочните месечеви доселеници може да се преселат под земјата, основајќи домови внатре во природните тунели на камењата. На Универзитетот во Аризона веќе е направен прототип на месечева стаклена градина. Таму, под специјални светилки, веќе се одгледани зеленчуци како марула, домати и компири. Станува збор за затворен круг, каде што водата се рециклира. Растенијата придонесуваат за системите за одржување на живот, бидејќи го одземаат јаглерод диоксидот од воздухот и произведуваат кислород.

Еден од постојните проблеми што би можеле да се појават во кратерите во сенка е енергијата. Еден од начините за добивање енергија е преку концентрирање на сончевите зраци, користејќи ги огледалата поставени на рабовите на кратерот.
– На пример, едно од тие огледала ќе го насочите кон вашето возило. Повеќето од водата, добиена од ископувањето, потоа може да се претвори во ракетно гориво, користејќи електрична струја за разделување на водените молекули на нивните основни делови, водород и кислород – наведува Џон Торнтон, извршен директор на „Астроботик“.

Илустрација од пресек на лунарна база