Многу ултрадесничарски партии што забележаа подем напаѓајќи ја ЕУ, сега се вртат кон Европа. Ваквиот пресврт има стратегиска компонента бидејќи употребата на Европа ги прави нивните радикални барања поприфатливи

Авторитаризмот, популизмот и национализмот доминираат во медиумите во изминатите години. Од Индија до САД и целиот европски континент, ова тројство го загрозува доминантниот либерален демократски поредок. Сите три се тесно испреплетени. Националистите и популистите тврдат дека ја знаат автентичната волја на народот, која ја користат за да ги креираат своите кампањи врз основа на упростени наративи што создаваат судир меѓу „народот“ (честопати етничко дефинирани староседелци) против глобалистичката елита.

Но фразите како „волја на народот“ се тесно дефинирани и се судираат со многу пошироката јавна перспектива, поттикнувајќи ги популистичките и националистичките политичари да прифатат авторитарни методи за дојдат и да се одржат на власт. Десничарските партии и повеќето популисти традиционално се евроскептични, отфрлајќи ја ЕУ и подлабоката институционална интеграција. Национализмот, популизмот и авторитаризмот не се нови феномени, но нивните современи приврзаници имаат подем зашто усвоија поширок цивилизациски поглед, кој, иронично, ја централизира важноста на европската култура. Новите етнонационалистички популисти открија две цели за напад, наводните космополитски елити и муслиманските имигранти, и тие често се поврзуваат.

Во моментот има две доминантни либерални гледишта во Европа. Првите сакаат да ги интегрираат независните европски држави во една силна, заеднички контролирана конфедерација, додека вторите бараат ЕУ да се интегрира до толкав степен што ќе може да се однесува како обединета држава. Двете групи ја сметаат европската интеграција за највисок идеал. Либералните Европејци, исто така, ги споделуваат основните вредности, дефинирани во членот 2 од Договорот за ЕУ, како човечко достоинство, слобода, демократија, еднаквост, владеење на правото и почитување на човековите права и правата на малцинствата.

Националистите се вртат кон Европа заснована на вредности, но не ги истакнуваат универзалните права, туку се фокусираат на различни поими за цивилизација, обично дефинирани преку раса, етницитет и религија.

Европскиот пресврт на националистите има стратегиска компонента зашто употребата на Европа ги прави радикалните барања поприфатливи. Ова особено важи за Германија, каде што одобрувањето на национализмот долго време беше контроверзно поради поврзаноста со нацизмот. Предизвиците од брегзит нудат уште еден прагматичен аргумент. Резултатот од референдумот беше голем триумф на евроскептичниот популизам над интернационализмот на ЕУ, но преговорите на британската влада за повлекувањето од Унијата само покажуваат за колкави ризици станува збор. Поради тоа, фрегзит, грегзит и другите варијанти на повлекување од ЕУ ја изгубија популарноста. Во анкета на Евробарометар од јуни, ниту една земја, освен Полска, немаше мнозинство граѓани, кои сметаат дека на нивната држава би ѝ било подобро надвор од ЕУ.

Поради таквите предизвици, екстремната десница на Европа ја оддалечи реториката од критиките за постоењето на ЕУ и наместо тоа се залага за нејзино трансформирање. Но многу националисти повикуваат на напуштање на ЕУ. Овие повици водат кон паневропски национален идентитет, кој се мобилизира против зголемената мигрантска популација.

Во 2016 и 2017 година, водечките ултрадесничарски партии во Европа одржаа две средби во Австрија и во Германија, за да најават почеток на европската пролет. Тие останаа евроскептични, но се обидоа да не бидат само национални евроскептици, туку и европски евроскептици. По европските избори во 2019 година, новата европарламентарна група Идентитет и демократија ја замени групата Европа на нации и слобода со 73 европратеници (двојно повеќе).

Политичкиот прагматизам диктира нагласување на сеопфатната културолошка важност на Европа. Идеолошкото јадро на европеизмот ги вклучува националните идентитети и е силно втемелено во цивилизациското разбирање на Европа како континент на бели христијани со заедничка историја и културни вредности. Ова разбирање нужно ги исклучува оние што не се Европејци по потекло, и иако има варијации низ целиот континент и самиот концепт не се фокусира само на имиграцијата, муслиманските имигранти најчесто се идентификуваат како „другите“ затоа што тие се видно неевропски.

Поимот паневропски национализам изминатите години се прошири и сега не е само маргинална политика. Во 2014 година, се појави протестно движење во градовите во Источна Германија, кое до крајот на 2015 година стекна десетици илјади приврзаници. Движењето е наречено Патриотски Европејци против исламизацијата на Западот (ПЕГИДА) и негова главна цел е отфрлање на муслиманската имиграција и исламот, нагласено со силното чувство на антиелитизам и на авторитарните карактеристики. ПЕГИДА не се фокусираше само на Германија, туку ја искористи Европа како цел на закана од исламот. Ова му овозможи на движењето да се прошири надвор од Германија, иако имаше ограничен успех во други земји. Сепак, ПЕГИДА обезбеди идеолошка рамка што ултрадесничарските националисти ја искористија за свои цели.

Одбраната на Европа е особено актуелна во Австрија и во Југоисточна Европа, каде што историските војни против османлиите се толкуваат како постојана борба против исламска закана. Западните ултрадесничарски партии одново го открија Балканот. Австриската ултрадесница прва ја отфрли независноста на Косово и се залагаше за распаѓање на Босна. Таа развиваше блиски врски со екстремните националистички партии во Србија и во Босна. Германската ултрадесница гради врски и со хрватската и со српската екстремна десница.

Сè додека реалните и перципираните надворешни закани доминираат во нивниот светоглед, националистите и популистите од екстремната десница секогаш ќе бидат привлекувани од европеизмот. Сепак, разликите околу територијата, идентитетот и другите прашања во политиката ќе бидат значајни бариери за нивна целосна интеграција, а тие веројатно ќе создадат конфликти меѓу националните држави, дури и во европски рамки. Европеизмот е основна одлика на идеологијата на ултрадесницата, која разви покохерентна агенда и создаде простор за поголема паневропска соработка. Националистичкиот европеизам е спротивен на либералната интернационалистичка концепција за европска интеграција, а неговиот поим за цивилизација е само фасада за бела и хомогена Европа и затоа во суштина е комбинација на расизам и национализам, односно идеологија што одново може да ја заглави Европа во ќор-сокак.

Лидери на европските крајно десничарски партии се сретнаа во Милано пред изборите за Европскиот парламент во мај 2019 година