Во источните територии на Украина, под контрола на бунтовниците, жителите се вакцинираат со руската вакцина „спутник“ уште од почетокот на февруари. Тоа преставува отворено тргување со влијание што личи на војна, но овој пат, наместо со куршуми, таа се прави со вакцини, пренесува Сергеј Кузњецов од „Политико“

Во изминатите неколку месеци властите од сепаратистичките региони во Украина, Грузија и во Молдавија побараа од руските власти да им ја испратат руската вакцина „спутник“, а некои барања веќе се одобрени. Во украинскиот регион Донбас, под контрола на руски поддржаните сепаратистички сили уште од 2014 година, жителите почнаа да се вакцинираат со „спутник“ на почетокот од февруари. Руската вакцина таму беше испратена во конвој за хуманитарна помош. Родион Мирошник, претставник на бунтовниците во мировните преговори меѓу Русија, Украина и ОБСЕ, изјави дека Донецк ќе добие околу 80.000 дози, а за Луганск е наменета првична пратка од 65.000 дози. Тој додаде дека бунтовничките територии склучиле договор со Москва за да добијат доволен број дози за да покријат дел од нивното население, што е „еднакво на руските региони“. На Крим исто така започна масовна имунизација со „спутник“ уште во декември.
Ваквиот развој на настаните го засили алармот во Украина. Во февруари, заменик-премиерот Олексеј Резников изјави дека ако руските власт вршат „некаков вид човечки тестирања со непозната и неодобрена вакцина во државата без владина согласност, тоа претставува кршење на украинските закони“. Имено, вакцината „спутник“ не е одобрена од страна на Европската агенција за лекови (ЕМА), а Киев веднаш ја забрани нејзината регистрација, но вакцината веќе има добиено зелено светло во две европски земји, поточно во Унгарија и во Србија.

Властите во две сепаратистички територии на Грузија, Абхазија и Јужна Осетија, се потпираат на испораката на руската вакцина, како што пренесоа руските државни медиуми. По кратката војна со Тбилиси во 2008 година, двете бунтовнички провинции прогласија независност од Грузија со руска воена поддршка, а Москва и неколку други држави ги признаа како независни држави. Абхазија и Јужна Осетија побараа помош од Русија, а втората земја веќе намени 27.000 долари од својот буџет за набавка на вакцината.
Ваквите случувања се одвиваат во моментот кога руската вакцина добива големо внимание, вклучувајќи од Европската комисија, поради геополитичките мотиви на Москва. Исто така постојат прашања за транспарентноста на податоците за вакцината, која сè уште чека формално одобрување од ЕМА. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, минатиот месец побара објаснување зошто Русија продава милиони дози од вакцината во други земји кога доцни со имунизацијата на своето население. Нејзините коментари остро беа осудени од Москва, која порача дека се „несоодветни за една висока функционерка“, а преку официјалната корисничка сметка на производителот на вакцината „спутник“ на Твитер беше порачано дека „вакцините не треба да се мешаат со политиката“. Дмитриј Песков, портпаролот на Кремљ, влезе во одбрана на нарачаните испораки, истакнувајќи дека, освен Москва, никој друг не сакал да испрати вакцини во тие држави.

Вакцината „спутник“ се пробива на пазарот додека вакцинациските програми токму во овие држави се соочуваат со големи пречки. Украина е меѓу европските земји каде што вакцинацијата многу доцни. Киев доби добри вести неодамна, кога ја започна имунизацијата откако доби 500.000 дози од вакцината на „Оксфорд/Астра Зенека“ произведена од Серумскиот институт во Индија. Државата прво ќе ги вакцинира здравствените работници, центрите за нега и воениот персонал распореден во спорните источни региони под контрола на Киев. Се очекува наскоро во Украина да пристигнат кинеската вакцина „синовак“ и онаа на „Фајзер“, а од април ќе може да се вакцинираат и жителите на бунтовничките територии што ќе влезат на територија под власта на Киев.
Грузија исто така се надева да добие нови дози од вакцините. Во средината на февруари, грузиските здравствени власти порачаа дека очекуваат во март конечно да пристигне првата пратка. Државата очекува во првата фаза да добие 30.000 дози од вакцината на „Фајзер“ преку механизмот „Ковакс“, кој мака мачи да ги натера богатите земји да помогнат во напорите.

Според грузискиот имунолог и владин советник Биџина Кулумбегов, Тбилиси планира да вакцинира околу 60 отсто од вкупното население од 3,7 милиони жители, без сепаратистичките региони. Кулумбегов порача дека „во државата има дефицит од 2,5 милиони дози, иако се очекува преку ’Ковакс’ да има вакцини за 20 отсто од населението“. Тој додаде дека во државата ќе се користат само вакцините одобрени од Светската здравствена организација (СЗО), но дека нема да се набави руски „спутник“ поради непријателскиот став на Русија и истакна дека имунизацијата не смее да претставува алатка за стекнување политичко влијание за време на пандемијата.