Економистите предупредуваат дека најновиот пораст, иако е добра вест за американските бизниси и домаќинства на краток рок, е неодржлив на долг рок и може да го зголеми ризикот закрепнувањето едноставно „да изгори“ во годините што претстојат

Американското министерство за трговија соопшти дека БДП на САД се зголемил за 4,1 отсто во второто тримесечје од годинава. Потрошувачите го предводат патот, игнорирајќи ги повисоките цени на бензинот и бавниот пораст на платите, за да го зголемат нивното трошење на најразлични работи – од автомобили до облека и вечери во ресторани. Претседателот Доналд Трамп ги велича податоците, како доказ дека функционираат неговите политики за трговијата, даноците и другите прашања. Големиот економски пораст е добра вест за републиканците, кои очекуваат економијата да им помогне на изборите за Конгресот претстојната есен, оценува „Њујорк тајмс“.

– И повторно, ние предизвикуваме економска завист за целиот свет – порача Трамп.
Економистите предупредуваат дека најновиот пораст, иако е добра вест за американските бизниси и домаќинства на краток рок, е неодржлив на долг рок и може да го зголеми ризикот закрепнувањето едноставно „да изгори“ во годините што претстојат. Кварталните податоци се надуени од најразлични еднократни фактори, за кои има многу мала веројатност повторно да се појават. Поголемиот дел од економистите очекуваат порастот да забави во втората половина од годината, дури и без да се земе предвид опасноста од трговска војна, која корпоративните директори во изминатите недели ја посочија како извор на неизвесност, која може да ги принуди да ги изменат плановите за вработувања и за инвестиции.

Сепак, не се доведува во прашање фактот, кој говори дека оваа пролет беше кулминацијата во закрепнувањето од рецесијата, која се појави пред една деценија. Стапката на невработеност, која достигна десет отсто, падна на четири проценти. Американските фабрики вработуваат како никогаш порано во изминатите дваесет години. Според економистите, се очекува порастот на БДП на годишно ниво за 2018 година да достигне три отсто, и тоа првпат во речиси десетгодишното економско закрепнување.
 
Боб Гроте, директорот на фабриката за производство на опрема за обработка на храна „Гроте компани“, оценува дека бизнисот се одвива фантастично. Гроте истакнува дека има корист од повеќе трендови. Потрошувачите јадат сѐ повеќе по ресторани, што предизвика поголема побарувачка за најразлични уреди за обработка на храна. Тесниот пазар на трудот им отежнува на бизнисите со храна да најмуваат работници што, пак, ја зголемува побарувачката за автоматизирана опрема. А даночните олеснувања, кои беа воведени лани, ги охрабрија потрошувачите да инвестираат во опрема, и го поттикнаа Гроте да го стори истото тоа.

– Годинава трошиме повеќе на капитална опрема отколку што вкупно потрошивме во изминатите пет години. Ќе ги видиме придобивките многу порано – додава Гроте.
Токму таков вид инвестиции требаше да бидат охрабрени со Законот за даноците. Сепак, досега има мали докази дека компаниите ги реинвестираат нивните даночни заштеди.

– Потрошувачката на бизнисите не се одвива со темпото, на кое се надеваа приврзаниците за намалување на даноците – оценува Мајкл Гапен, главен економист за САД при „Барклис“.
Наместо тоа, по сѐ изгледа намалувањето на даноците ја охрабрува личната потрошувачка, која порасна за четири отсто во пролетниот квартал, што е најголемо зголемување по 2014 година. Зголеменото федерално трошење исто така ѝ дава поттик на економијата, овозможувајќи пораст на БДП од два до два и пол отсто, колку што изнесуваше во поголемиот дел од закрепнувањето.

Дали ваквите политики се добра идеја е друго прашање. Многумина економисти се сомневаат во исправноста на одлуката за стимулативен пакет, финансиран од дефицитот, кога невработеноста е ниска, а економијата е силна. Малкумина надвор од Белата куќа сметаат дека стапката на пораст од четири отсто е одржлива на долг рок, делумно и поради фактот дека стареењето на беби-бум генерацијата значи и намалување на делот од американското население што работи.

– Вообичаено економско правило е дека во времиња како сегашните треба да се подготвите за иднината и да се среди фискалниот дел, а ние навистина го правиме токму спротивното – истакнува Мајкл Питерсон, директор на фондацијата „Питер Г. Питерсон“, кој одамна заговара намалување на федералниот дефицит.

За американската економија, според „Њујорк тајмс“, подиректен ризик претставува опасноста од трговска војна. Трамп воведе тарифи на увозот од Кина, ЕУ и други земји, вреден десетици милијарди долари. Тензиите со Европа по сѐ изгледа пред две недели се намалија, кога Трамп и Жан Клод Јункер, шефот на Европската комисија, се договорија да работат на постигнување трговски договор. Но траењето на примирјето е нејасно, а односите со Кина и натаму остануваат затеганати.

– Не сакаме да ја преувеличиме јачината на економијата, ако се земат предвид реалните ризици што се појавуваат од политичките одлуки. Сепак, не може да се негира дека работите на економски план се подобри – оценува Џо Бруселас, директор на сметководствената фирма РСМ УСА.