„Рено“ го создаде најдобриот концепт на хиперавтомобил. Aвтомобилот „рено трезор“ е еден од најпопуларните автомобили во светот, постојано се зборува за неговиот изглед наместо за неговите перформанси. Впечатливиот стилски дизајн, совршената каросерија и вниманието што им е посветено на деталите се само дел од работите што се впечатливи во автомобилот. Се разбира, Французите отсекогаш биле совршени во автомобилскиот дизајн. Автомобилот е направен во името на љубовта и романсата, а изреката „од Париз со љубов“ совршено се вклопува. Пофранцуски автомобил од ова не може да се добие.
Невозможно е да се помине покрај него, без да се биде импресиониран од неговиот дизајн. „Трезор“ е долг и низок автомобил, кој е припиен до земјата. Пристапот до него е овозможен преку отворање на целиот автомобил, бидејќи нема вистински врати за отворање. Автомобилските дизајнери за овој автомобил измислиле функционален и иновативен дизајн. Автомобилот поседува впечатлива шестаголна саќе-каросерија.
Дизајнот се одликува со шестаголни клапи со текстура на саќе, кои се наоѓаат на предната хауба од автомобилот. Овие клапи се креваат за да помогнат во ладењето на батериите. Овој хексагонален дизајн се проткајува во гумите, во јаглеродната школка и низ целиот автомобил. Исто така „рено трезор“ има ласерски оптички светла. Тоа значи дека автомобилот нема нормални светла со светилки, туку светлата се изградени од ласерски влакна, кои даваат светлина и се движат. Доминирањето на црвената боја е затоа што симболизира романса и љубов. Автомобилските дизајнери од компанијата тврдат дека обликот е сензуален наместо заканувачки. Контролната табла на „трезор“ е мултипанелски дисплеј, кој се совпаѓа со ретро-футуристичкиот изглед што го евоцира остатокот од автомобилот.
Освен впечатливиот изглед, концептот на „рено“ исто така ја прикажува идната визија на компанијата за начинот на кој ќе се напојуваат автомобилите. „Трезор“ е целосно електричен, со една батерија на предната страна и една батерија на задната страна. Автомобилот претставува луксузен просторен двосед, кој поседува огромен простор за багаж.
– Ова е толку посебен автомобил што се обидувам да го најдам и презентирам автомобилов веќе две години. „Рено трезор“ е еден од најнапредните концепт-автомобили што постојат во светот. Голем дел од концепт-автомобилите вообичаено изгледаат неверојатно, но не можат да се возат. Овој автомобил, за разлика од нив, може да се вози и е тестиран на разни патишта. Автомобилот може да развие од нула до 100 километри за помалку од четири секунди – вели презентерката на суперавтомобили Александра Марија Хирши, или попозната како Суперкар Блонди.
„Рено“ одлучи да биде апсолутист со материјалите што се користат во „трезор“, избирајќи само алуминиум, јаглерод, кожа и дрво. Овој автомобил поседува погон на задни тркала и може да постигне од нула до 100 километри за помалку од четири секунди. Неговиот максимален опсег на патување е некаде помеѓу 160 и 200 километри, се наведува во „Фансајдед“.
Што го извојува „рено трезор“ од другите автомобили? Овој автомобил се издвојува од другите со тоа што неговиот концепт е навистина добро обмислен. Моделот на гумите одговара на шемата на каросеријата, функцијата на саќе-клапите што го разладуваат моторот го одзема здивот. Наместо врати на повлекување, самоубиствени или нормални врати, во него може да се влезе само преку отворање на горниот дел од автомобилската школка. Покривот и околните прозорци се со црвено стакло, за допир на романса. Дел од овие карактеристики се и непрактичните страни на автомобилот. „Трезор“, освен црвеното стакло и несмасен влез и излез, исто така поседува огромен преден крај. Сите овие позитивни или негативни карактеристики го прават уникатен и посакуван овој електричен хиперавтомобил. Поради уникатноста, неговата цена изнесува 3.000.000 долари.