Фото: ЕПА

БЕЗБЕДНОСНА АНАЛИЗА

  • Киев моментално е растргнат на два фронта. Едниот е добро познатиот фронт со Русија, а вториот фронт е помалку или воопшто не е познат, внатре во сопствениот безбедносен апарат на Украина каде што се води беспоштедна битка за контрола над внатрешната безбедност, а тоа во моментов ја прави Украина исклучително ранлива од безбедносен аспект…

Токму пред една недела, на 2 септември 2026 година, во Киев се случи нешто што во една функционална држава е незамисливо – во Украина, вооружени припадници на две државни безбедносни структури – Службата за безбедност на Украина (СБУ) и Военото разузнавање на Украина (ХУР), се најдоа на две спротивни страни на оружен конфликт. Во судирот тројца припадници на Военото разузнавање (ХУР) беа повредени. Што всушност се случува во безбедносната заедница на Украина?!

Безбедносен раскол

Лично, украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече инцидентот „срамен“ и побара целосна истрага. Подоцна беа преземени и кадровски мерки во безбедносниот апарат. Сам по себе, инцидентот би можел да се објасни како „оперативна грешка“. Но контекстот покажува нешто многу посериозно.
Имено, во центарот на судирот е Степан Каплунов, заменик-командант на доброволниот корпус, формација составена од руски борци што војуваат на украинска страна и која е поврзана со ХУР.
Службата за безбедност на Украина (СБУ) тврди дека открила „руска разузнавачка операција и спречила заговор за атентат врз руски антикремљски активист“.
На другата страна, Каплунов и луѓето околу него тврдат дека бил незаконски приведен и принуден со сила „да признае соработка со руската безбедносна служба – ФСБ“.
Двете верзии се радикално спротивставени. И токму затоа случајот е многу поголем од едно меѓусебно огнострелно пукање. Тоа е прозорец во еден од најзатворените и најмоќни делови на современата украинска држава, односно светот на военото разузнавање, контраразузнавањето, специјалните единици и тајните операции. А во тој свет веќе не станува збор само за Украина против Русија или обратно, туку за многу повеќе. Внатрешниот судир во безбедносната заедница на Украина има многу подлабока рефлексија врз самата Украина, нејзините институции и хиерархијата, вклучително и улогата на украинскиот претседател Зеленски.

Две Украини во еден безбедносен систем

Украинскиот безбедносен апарат денес не е единствен организам. На формално ниво, на хартија, командната структура е мошне јасна. Но на оперативно ниво, во реални услови, таа е многу покомплексна. Како што веќе споменавме погоре, СБУ е домашната безбедносно-контраразузнавачка служба. Нејзината улога опфаќа контраразузнавање, борба против тероризам, заштита на државните тајни. Но во текот на војната, СБУ се трансформираше во многу повеќе од класична контраразузнавачка служба. Нејзините специјални единици учествуваат во борбени операции, саботажи и во далекосежни напади. На пример, „Ројтерс“ ја опишува СБУ како една од најмоќните украински безбедносни институции во украинската безбедносна заедница, со драматично проширени способности во текот на војната.
ХУР, пак, е институција на военото разузнавање на Украина. Неговата примарна задача е собирање воени разузнавачки информации. Но во војната по 2022 година, ХУР разви нешто многу пошироко, како што се специјални сили, диверзантски операции, мрежи зад руските линии, сајбер-планирања и операции, потоа операции со беспилотни летала и односи со специјални „руски вооружени групи против Путин“.
Тука се појавува првата фундаментална разлика. СБУ има предмет на интерес во Украина однатре. Од друга страна, делокругот на работа на ХУР е со тежиште надвор од границите на Украина, односно, со операции во Русија. Поедноставно кажано, едната служба „го бара непријателот на украинска територија, а втората се фокусира на безбедносни операции длабоко на руска територија“. Во војна, овие две функции треба да се дополнуваат. Но во долга војна тие можат да станат конкуренти, што всушност и се случи…

Двајца генерали со две различни доктрини?!

Во една ваква ситуација на отворен конфликт, дури и оружен, ќе се осврнеме на првите луѓе на споменатите безбедносни служби.
1. Олександр Поклад е носител на контраразузнавачкиот модел. Но тој денес не е само „носител на контраразузнавачкиот модел“ – од јули 2026 година е вршител на должноста шеф на Службата за безбедност на Украина (СБУ). Пред тоа беше прв заменик на шефот на СБУ, а од 2021 до 2023 година го раководеше Департманот за контраразузнавање. Поклад е генерал-мајор, правник и долгогодишен контраразузнавач. Во СБУ влегол во 2015 година, прво како раководител на Петтата управа на Департманот за контраразузнавање, а во ноември 2021 година станал негов шеф. Токму тој период е клучен за разбирање на неговиот пристап, односно агресивна контраразузнавачка работа, откривање руски агенти и пенетрација на руските мрежи, комбинирана со специјални операции. Под негово раководство, контраразузнавањето на СБУ доби многу пооперативен и офанзивен карактер. Затоа Поклад често се опишува како еден од луѓето што ја претворија СБУ од класична постсоветска безбедносна институција во воена контраразузнавачка служба фокусирана директно на руската закана. Сепак, околу неговото име постојат и сериозни контроверзии и конфликти со други украински безбедносни структури, особено со воената разузнавачка служба ГУР.
2. Кирило Буданов е симбол на офанзивниот разузнавачки модел. Буданов со години го водеше Военото разузнавање на Украина (ХУР) и стана една од најпознатите украински фигури во разузнавачкиот свет. Во јануари 2026 година, тој ја напушти функцијата шеф на ХУР и премина во политичкиот центар, како шеф на кабинетот на претседателот. Но тоа создаде необична ситуација. Човекот што ја изгради модерната офанзивна украинска разузнавачка архитектура повеќе не е формално шеф на службата. Но тој останува во непосредна близина на претседателот. Затоа неговото влијание не може да се мери само преку формалната функција. Тука мора да се прави разлика меѓу командна хиерархија и власт и неформална институционална моќ. Тоа се две различни работи. Една служба може да има нов директор, а во неа да останат генерации офицери, оперативни контакти и командни структури формирани во времето на претходниот шеф. Токму затоа украинските медиуми во последните месеци пишуваат за растечкото влијание на Буданов во политичкиот систем и за неговите односи со различни центри на моќ, а постојат некои показатели за неформална „Будановова фракција“ што дејствува како организирана политичко-безбедносна група. Имено, сѐ повеќе се зборува за мрежа на луѓе, институционални интереси и оперативни врски создадени во неговиот период.

Хур: Од разузнавање до оперативна моќ

ХУР е една од најинтересните институции што ги произведе украинската војна. Имено, војната си го прави своето, па зајакнувањето на безбедносните служби доаѓа некако како „природна работа“. Но дали тоа создава безбедносно-институционални „мутанти“?
– Класичното разузнавање собира информации. Украинскиот модел оди чекор понатаму. Разузнавачката служба собира информации, регрутира луѓе, подготвува операции, работи со специјални единици и, во одредени случаи, директно влијае врз физичката реалност на теренот. Тоа е огромна моќ. И таа моќ станува уште поголема кога разузнавачката служба има пристап до странски партнери. Украина со години гради блиска соработка со западните разузнавачки служби. Документи и истражувања објавени во 2026 година повторно ја потврдуваат важноста на американската разузнавачка помош во развојот на украинските способности по 2014 година. Но западната помош создава и еден парадокс. Колку подобра станува украинската разузнавачка машина, толку повеќе прашањето на контрола над таа машина станува критично. Ако една служба може да регрутира извори; да спроведува тајни операции; да работи со странски разузнавачки партнери; да располага со специјални единици; да извршува операции надвор од државната територија и да има сопствена мрежа на доверливи оперативци; тогаш таа повеќе не е само „служба“. Таа станува центар на стратегиска моќ, ни велат наши соговорници, безбедносни експерти и професори на Факултетот за безбедност од Скопје.

Случајот „Каплунов“: Кој ја контролира вистината?

Актуелниот случај со Степан Каплунов е дека тој всушност стана центар на сериозен судир меѓу две украински безбедносни структури – СБУ и ХУР (военото разузнавање). Каплунов е заменик-командант на борбената работа во Рускиот доброволен корпус (РДК), единица поврзана со специјалната единица „Тимур“ на ГУР. СБУ тврди дека открила негови контакти со руската ФСБ и дека тој бил поврзан со подготовка на атентати, па кон крајот на август го привела и започнала истрага. За потсетување, на почетокот на оваа анализа споменавме дека токму на 2 септември, при обид на СБУ да изврши претрес во неговиот стан во Киев, припадници на ХУР се вмешале и дошло до оружена пресметка меѓу украински безбедносни сили, при што биле ранети тројца припадници на ХУР. Каплунов ја отфрла верзијата на СБУ и тврди дека бил незаконски киднапиран и подложен на физички и психолошки притисок. Тој директно го обвинува Олександр Поклад дека лично работел со него во првите денови и дека целта била преку него да се компромитира раководството на ГУР и Кирило Буданов. Тоа се тврдења на Каплунов. Затоа, поедноставено кажано, случајот „Каплунов“ не е само безбедносно-разузнавачки случај. Тој во моментов изгледа и како метафора – огледало на длабокиот конфликт и недовербата меѓу СБУ на Поклад и делови од ХУР, со потенцијално многу сериозни политички последици. Францускиот „Ле монд“ забележува дека конфликтот ги открил длабоките поделби меѓу украинските безбедносни структури и дека токму спротивставените верзии на случајот го прават настанот особено чувствителен, велат нашите соговорници, универзитетски професори од областа на безбедноста.
Тука постои нешто што читателите на оваа анализа мора внимателно да го разберат. Во разузнавачкиот свет, вистината не е само прашање на факти. Таа е и прашање на тоа кој има пристап до фактите; кој ги собира; кој ги толкува; кој ги доставува до претседателот; и кој ја контролира јавната верзија. Затоа конфликтот меѓу СБУ и ХУР е истовремено и борба за контрола над информацијата.
– Руските доброволци што се борат на украинска страна претставуваат една од најконтроверзните алатки на Киев. Од воена перспектива, тие имаат вредност. Тие ги познаваат рускиот јазик, културата, теренот и руските безбедносни структури. Некои имаат борбено искуство. Но од контраразузнавачка перспектива, тие се кошмар. Како да бидете сигурни дека човек што вчера бил руски државјанин, денес се бори против Русија, а утре нема повторно да стане руски извор? Тоа е фундаментален проблем. Затоа случајот „Каплунов“ е толку чувствителен. Ако СБУ е во право, тоа би значело дека руската разузнавачка машина успеала да навлезе во една од најчувствителните украински оперативни структури. Ако неговите тврдења се покажат како точни, тогаш проблемот е уште посериозен: контраразузнавачката служба би можела да ја употреби својата моќ против луѓе што друга украинска служба ги смета за свои оперативни партнери. Во првиот случај имаме руска пенетрација. Во вториот имаме внатрешна безбедносна репресија. Во третиот – најопасниот – можеби имаме комбинација од двете – истакнуваат нашите соговорници, безбедносни експерти, при анализа на безбедносно-разузнавачката афера што изби во јавноста токму пред една недела во Украина.

Потсетување на аферата „Денис Киреев“: Старата рана не е затворена

За да се разбере зошто сегашниот конфликт е толку чувствителен, треба да се погледне наназад. Во 2022 година, украинскиот банкар и разузнавачки посредник Денис Киреев беше убиен во Киев. Тогаш се појавија спротивставени верзии за неговата улога. Од едната страна, беше претставуван како човек осомничен за предавство. Од другата, како човек што работел за украинското разузнавање и бил важен во раните преговори со Русија. И самиот Буданов во тоа време остро ја критикуваше верзијата дека Киреев бил руски агент. Случајот остана еден од најсимболичните примери за недовербата меѓу украинските безбедносни структури.
Украинскиот конфликт на двете гореспоменати безбедносно-разузнавачки доктрини не започна на почетокот на септември 2026 година. Тоа сега стана видливо на улиците на Киев. Така, според нашите соговорници, се откри дека во Украина постои сценарио на „држава во држава“.
– Постои ли навистина во Украина „држава во држава“? Формулацијата е привлечна. Но аналитички е премногу едноставна. Украина не е класичен пример на држава во која безбедносните служби целосно ја презеле власта. Зеленски сè уште е политички центар. Парламентот функционира. Владата функционира. Армијата има сопствен команден систем. Но постои друг феномен, а тоа е фрагментација на државниот монопол врз тајното насилство.
Тоа е посуптилен и посериозен проблем. Кога различни служби имаат сопствени оперативци; специјални единици; извори; странски контакти; буџети; разузнавачки информации; медиумски канали; и политички покровители; државата формално останува една. Но безбедносната држава почнува да има повеќе центри на гравитација, а штом е така, безбедносниот систем се дели, а со тоа и прерогативите на една држава на која Уставот треба да ѝ биде темел, а тој е со безбедносната афера, разнишан во својот фундамент – велат нашите соговорници.

ЦИА, МИ6 и Западот: Третиот невидлив играч

Ова е аспект што често недостига во јавните анализи. Украинскиот разузнавачки систем не е изолиран. По 2014 година, а особено по 2022 година, Украина стана дел од една огромна западна разузнавачка архитектура. Американските, британските и другите западни служби соработуваат со украинските структури. Тоа не значи дека Вашингтон или Лондон „ги контролираат“ украинските служби. Таквата теза би била конспиративна и недокажана. Но значи нешто друго: западните партнери имаат директен интерес кои украински институции се сметаат за доверливи. Разузнавачката доверба е многу посензитивна од политичката. Можно е две држави да бидат сојузници, а нивните разузнавачки служби да имаат различни нивоа на доверба. Затоа секој сигнал за внатрешна борба меѓу СБУ и ХУР е важен и за Вашингтон и Лондон. Ако украинските служби меѓусебно не си веруваат, странските партнери мора да бидат повнимателни во тоа: кому му даваат информации; што споделуваат; со кого спроведуваат заеднички операции; и како ги штитат изворите. Тука се крие еден од најголемите стратешки ризици на сегашната криза.

Што треба да се следи во наредните месеци?

Постојат неколку индикатори што ќе покажат дали кризата се смирува или се продлабочува, велат нашите соговорници, безбедносни експерти, универзитетски професори и безбедносни аналитичари.
– Прво: кадровските промени… Ако следуваат масовни смени во ХУР или во СБУ, тоа ќе значи дека политичкиот центар се определил за структурна интервенција. Второ: случајот „Каплунов“… Ако обвиненијата на СБУ бидат поткрепени со независно проверливи докази, приказната ќе се промени. Ако се појават докази за незаконско приведување или за присила, последиците ќе бидат уште посериозни. Трето: Буданов… Најважно ќе биде дали неговата политичка позиција дополнително ќе се засили. Ако остане во центарот на претседателскиот апарат и истовремено задржи силно влијание врз безбедносните структури, ќе се појави нов центар на моќ. Четврто: новото раководство на ХУР… Клучно е дали новото раководство ќе успее да воспостави сопствена командна вертикала независна од старите мрежи. Петто: западната реакција… Ако западните партнери почнат јавно да инсистираат на институционална реформа, тоа ќе биде сигнал дека кризата е сфатена како системски проблем, а не како локален инцидент – анализираат нашите соговорници, додавајќи дека целата ситуација е и „лекција за НАТО“.
– Украинската криза има и поширока стратешка димензија. НАТО не се соочува само со прашањето како да ја вооружува Украина и дали да продолжи во истата насока? Се соочува со прашањето како да соработува со безбедносен систем во услови на тотална војна. Тоа е сосема различна задача. Во мир, контролата е релативно лесна. Во војна, успешната тајна операција може да биде поважна од институционалната процедура. Но кога војната трае четири или пет години, исклучоците постепено стануваат правила. Токму тука лежи опасноста. Вонредната безбедносна држава има тенденција да стане трајно безбедносно-сензитивна држава, а тоа е далеку од она што треба да го посакува секој сериозен политичар – заклучуваат нашите соговорници. Р.С.


Можни сценарија за развој на разузнавачката афера во Украина

Во продолжение следуваат размислувањата на нашите соговорници, безбедносни експерти, за тоа во која насока би се движела разузнавачката афера и какви последици би предизвикала во украинската држава.

Сценарио 1: Зеленски ја враќа дисциплината

– Најповолниот исход за Украина. Претседателот спроведува истрага, казнува одговорни лица и ги дефинира границите меѓу СБУ и ХУР. Службите продолжуваат да работат паралелно, но со јасни процедури. Ова е институционално најодржливото решение и со најмали штетни последици.

Сценарио 2: Нов баланс на моќта

– Можно е Зеленски да дозволи одреден степен на конкуренција. ХУР да продолжи со офанзивните операции. СБУ да ја консолидира домашната контраразузнавачка моќ. Буданов да остане важен политички посредник. Поклад да ја зајакне својата позиција во СБУ. Тоа може да функционира. Но би значело задолжително создавање некаков траен баланс (и формално-правен и практичен-оперативен) меѓу два безбедносни центри.

Сценарио 3: Голема чистка

– Ако истрагата открие сериозни прекршувања, може да следува поширока кадровска реорганизација. Тоа би било политички болно, но институционално можеби неопходно.

Сценарио 4: Продлабочување на фракционерството

– Најопасната е оваа варијанта. Секое апсење се чита како напад. Секое протекување се чита како предавство. Секој оперативец станува потенцијален агент. Службите почнуваат да се контраразузнаваат една со друга. Тогаш Украина би имала нешто многу опасно, а тоа е „безбедносна војна во рамките на безбедносниот апарат“, по што следува распад на безбедносниот систем, а со тоа и на државата каква што ја познаваме досега – велат нашите соговорници. Р.С.


Зеленски меѓу чеканот и наковалната

Историјата на разузнавачките служби покажува една едноставна закономерност. Државите создаваат безбедносни структури затоа што сметаат дека „имаат непријатели и имаат закани…“ Но со текот на времето, тие структури акумулираат информации, контакти, луѓе и оперативни способности. И тогаш се појавува ново прашање: Кој го надгледува оној што ги надгледува сите други? Украина денес е на таа точка на перипетија.
– За Зеленски ова е можеби најтешката институционална задача од почетокот на целосната руска инвазија. Тој не смее да ги ослаби службите. Украина е во војна. Без СБУ и ХУР, Украина би била многу поранлива. Но истовремено не смее да дозволи тие служби да развијат сопствени правила. Затоа реакцијата на претседателот по престрелката беше важна. Имено, пораката беше дека украинското оружје не смее да се употребува меѓу Украинци. Тоа е обид повторно да се воспостави основниот принцип: државата има една командна вертикала – велат нашите соговорници.
Р.С.


Има ли воопшто некакви допирни точки оваа афера со Македонија?

Нашите соговорници, професори и безбедносни експерти, имаат многу интересен одговор на ова прашање.
– За македонскиот читател, ова не е само украинска приказна. Има и еден дел на кој треба да се обрне внимание. Тоа е како една безбедносна заедница треба да се направи функционална, а внатрешниот безбедносен систем и безбедносните компоненти компатибилни, законски устроени, хиерархиски поставени, додека нивните аутпути (она што го произведуваат) да бидат во таква кондиција за да можат корисниците (државните функционери што треба да донесат одлука) да располагаат со веродостојни информации за да носат правилни политички, државнички одлуки.
Македонија е мала држава. Не располага со огромен безбедносен апарат. Но токму затоа лекцијата од Украина е можеби уште поважна. Во ситуација кога се најавува дека безбедносниот систем кај нас треба да се реформира, можеби примерот на Украина е еден тас што на безбедносната терезија ќе натежне на една страна, бидејќи токму примерот со Украина е најсвеж и се тестира во реална ситуација, за да се видат сите предности и недостатоци од тој концепт. Се разбира дека украинскиот пример покажува дека безбедносните институции мора да бидат: силни – но контролирани; оперативни – но законски ограничени; доверливи – но проверливи; патриотски – но не партиски; тајни во операциите – но не над законот. За почеток, тоа е една од најважните лекции за секоја држава, па нека е и членка на НАТО, како што е Македонија, малку во дипломатски манир – одговараат нашите соговорници, професори по безбедност. Р.С.