Заминувањето на Кристијан Шмит од функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина како повод
- Со заминувањето на Кристијан Шмит од функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина по речиси петгодишен мандат, Босна и
Херцеговина (БиХ) не стана ниту пофункционална, ниту постабилна, ниту поблиску до европска интеграција. Напротив, државата денес е уште поподелена, со целосно парализирани институции, отворени закани за раздружување од Бања Лука и со драматично намалена доверба во самиот концепт на меѓународен надзор. А кој сака да ја дознае вистинската приказна за Босна, нека ги прочита нобеловецот Иво Андриќ
и неговото кусо дело „Писмо од 1920 година“, во кое тој визионерски ја отсликува судбината на БиХ, велат нашите соговорници
Заминувањето на Кристијан Шмит од функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина не е само дипломатска ротација. Тоа е политички сигнал дека меѓународната заедница повторно ја остава Босна и Херцеговина во состојба на полууправуван хаос, токму во момент кога државата се наоѓа во најдлабоката институционална и безбедносна криза по Дејтон. Шмит си заминува по речиси петгодишен мандат, во кој БиХ не стана ниту пофункционална, ниту постабилна, ниту поблиску до европска интеграција. Напротив, државата денес е уште поподелена, со целосно парализирани институции, отворени закани за раздружување од Бања Лука и со драматично намалена доверба во самиот концепт на меѓународен надзор. Иронијата е што човекот што требаше да биде чувар на Дејтонскиот договор заминува, оставајќи зад себе чувство дека токму Дејтон никогаш не бил понестабилен.
МАНДАТ БЕЗ ПОЛИТИЧКА ТЕЖИНА?!
Од самиот почеток, велат експертите за меѓународно право, „мандатот на Шмит беше проблематичен“. Неговото именување никогаш не беше потврдено со резолуција на Советот за безбедност на Обединетите нации. Тоа не беше само формален недостаток туку суштински политички проблем што ја отвори вратата за постојано оспорување на неговиот легитимитет. Во такви околности, Шмит наместо да ја зајакне довербата во државните институции, често изгледаше како технократ без реална политичка моќ, кој реагираше со административни мерки на криза што одамна прерасна во борба за иднината на самата држава. Тој наметнуваше измени на изборниот закон, зборуваше за интегритет на изборниот процес и повремено користеше бонски овластувања, но суштински не успеа да реши ниту еден клучен конфликт во БиХ. Ниту односите меѓу ентитетите се подобрија, ниту државните институции станаа посилни, ниту етничките поделби беа надминати.
НЕОДГОВОРНО ЗАМИНУВАЊЕ ВО НАЈЛОШ МОЖЕН МОМЕНТ
Особено загрижува фактот што Шмит сам бара процедура за избор на наследник токму во момент кога БиХ влегува во една од најсензитивните фази од постдејтонската ера. Според нашите соговорници, тоа отвора опасен политички вакуум.
– Ако големите сили повторно не можат да постигнат согласност околу нов висок претставник, ОХР ќе влезе во период на ослабен авторитет. А во Босна, секое слабеење на меѓународниот надзор веднаш се чита како простор за ново политичко прекројување на државата. Со ова заминување, Шмит практично остава впечаток дека ниту самиот повеќе не верува во функционалноста на системот што требаше да го брани. Тоа е крајно неодговорно. Не само кон БиХ туку и кон целиот регион – тврдат наши соговорници, дипломати од кариера и познавачи на состојбите во регионот.
Тие напоменуваат дека секоја криза во БиХ се прелева во регионот.
– Босна и Херцеговина никогаш не е изолирано прашање. Секоја криза во Сараево автоматски се прелева кон Србија, Хрватска, Црна Гора, Косово… Затоа вакуумот што сега се отвора има многу пошироки последици од една кадровска промена. Во време кога Европа се соочува со војната во Украина и сериозна криза на европската безбедносна архитектура, заминувањето на висок претставник без јасна транзиција изгледа како опасен експеримент со регионалната стабилност. Уште полошо, тоа испраќа порака дека меѓународната заедница е уморна од Босна и дека повеќе нема ниту стратегија ниту политичка волја да ја одржи земјата функционална – тврдат соговорниците.
ДЕЈТОНСКИОТ СИСТЕМ Е ПРЕД ИСТОРИСКИ ТЕСТ
По три децении од Дејтон, суштинското прашање останува исто. Имено, дали БиХ е држава што може сама да функционира или проект што преживува само под меѓународен надзор?
– Мандатот на Шмит не даде одговор на тоа прашање. Напротив, го направи уште подраматично. Неговото заминување денес не изгледа како крај на успешна мисија, туку како признавање дека сегашниот модел е исцрпен. А кога еден висок претставник си заминува во момент на најголема криза, без решени конфликти и без стабилен политички поредок, тогаш тоа не е дипломатска транзиција, тоа е сигнал за опасна неизвесност. Босна и Херцеговина повторно останува сама меѓу недовршениот мир, етничките поделби и геополитичките интереси на големите сили. А Балканот уште еднаш плаќа цена за меѓународна политика што со години управуваше со кризата, но никогаш вистински не ја реши – поентираат на крајот дипломатите со кои го водевме разговорот на оваа тема. Р.С.
Заминувањето на Шмит може да стане опасен сигнал дека повторно се отвора прашањето за границите во БиХ, а со тоа и во целиот регион
Кога меѓународната заедница се повлекува, на Балканот секогаш се враќаат „ножиците и мапите“
- Кога Балканот ќе почувствува слабеење на меѓународниот надзор, тогаш на политичката сцена повторно се враќаат старите идеи за етнички граници, територијални корекции и „довршување на националните прашања“
Повлекувањето на Кристијан Шмит не е само кадровска промена во Сараево. Во балкански контекст, тоа може да се чита како многу поопасен сигнал и тоа дека меѓународната заедница постепено ја губи волјата активно да го брани постдејтонскиот поредок во Босна и Херцеговина. А кога Балканот ќе почувствува слабеење на меѓународниот надзор, тогаш на политичката сцена повторно се враќаат старите идеи за етнички граници, територијални корекции и „довршување на националните прашања“. Токму затоа заминувањето на Шмит во ваков момент не е само неодговорно туку и потенцијално опасно.
ОПАСНОТО ВРАЌАЊЕ НА ИДЕИТЕ ЗА ПРЕКРОЈУВАЊЕ НА ГРАНИЦИТЕ
Последните години сè почесто, иако внимателно и индиректно, во делови од регионот повторно се отвораат дебати за „нефункционалноста“ на БиХ и можноста за нејзино редефинирање. На пример, неодамна пишувавме дека во Хрватска имаше јавни презентации и академски трибини на кои се разговараше за иднината на БиХ, федерализација, етничка репрезентација и можни територијални реорганизации, при што на дел од тие настани присуствуваа и луѓе блиски до официјалните структури во Загреб. Иако тоа формално не претставува официјална државна политика, самото отворање такви теми покажува дека прашањето за границите и уставната архитектура на БиХ повторно кружи низ политичките и интелектуалните центри на регионот. Во исто време, Милорад Додик со години систематски ја турка тезата дека БиХ е „неодржлива држава“ и дека Република Српска има право на самоопределување. Додека меѓународната заедница е инертна и поделена, ваквите идеи постепено престануваат да бидат политичко табу. А токму тоа е најопасниот момент за Балканот.
ДОМИНО-ЕФЕКТОТ ШТО ЕВРОПА ГО ПОТЦЕНУВА
Експертите сметаат дека секое отворање на прашањето за границите во БиХ неизбежно би предизвикало поширок регионален потрес.
– Балканот не функционира како изолирани национални приказни. Секоја територијална промена во една држава автоматски станува аргумент за радикални структури во соседните земји. Ако некогаш се отвори можност за редефинирање на БиХ, тогаш веднаш би се активирале различни историски, етнички и сепаратистички агенди низ регионот. На пример, во Србија би се засилиле барањата поврзани со статусот на Република Српска и концептот на „српски политички простор“. Во Косово повторно би се актуализирале идеи за обединување со Албанија или за нови етнички разграничувања. Во Грција, иако државата е стабилна членка на ЕУ и НАТО, секоја поширока балканска нестабилност би можела повторно да ги радикализира националистичките кругови околу прашањата за малцинства, миграции и регионален суверенитет. Во Црна Гора повторно би се продлабочиле поделбите меѓу прозападниот и просрпскиот блок, со можни барања за ново редефинирање на идентитетските и државните рамки. Па и во Македонија неизбежно би се отвориле чувствителни прашања поврзани со меѓуетничките односи, федерализацијата и старите концепти за редефинирање на карактерот на унитарниот државниот модел, кои и денес постојат на маргините на политичката сцена – велат нашите соговорници, додавајќи дека Балканот има историски проблем, а тоа е дека „ниту една промена на граници никогаш не останала локална“.
НАЈГОЛЕМАТА ГРЕШКА НА МЕЃУНАРОДНАТА ЗАЕДНИЦА
Проблемот е што западните центри на моќ често веруваат дека ваквите идеи можат да се контролираат административно и дипломатски. Но балканската историја го покажува спротивното. Штом еднаш се отвори прашањето „кој каде треба да живее“, тогаш целиот регион влегува во спирала на стравови, историски претензии и етничка мобилизација. Токму затоа инертноста околу БиХ денес е толку опасна.
– Заминувањето на Шмит, без јасен план, без политички авторитетен наследник и без силна стратегија на Западот за иднината на БиХ, испраќа порака дека меѓународната заедница повеќе нема јасна визија што да прави со државата создадена во Дејтон. А на Балканот, секој вакуум брзо се полни со национализам – велат соговорниците.
БОСНА ПОВТОРНО СТАНУВА ТЕСТ ЗА БАЛКАНОТ
Најопасното сценарио не е формален распад на БиХ преку еден драматичен настан. Најопасно е постепеното слабеење на државата, институција по институција, додека паралелно растат приказните дека „мирен развод“ е единствено решение. Токму во таква атмосфера заминува Шмит.
– Човекот што требаше да биде гарант на дејтонскиот поредок си оди во момент кога тој поредок повторно се доведува во прашање. Тоа не изгледа како успешен крај на мисија, туку како повлекување од политички фронт што меѓународната заедница повеќе не сака целосно да го брани. А кога големите сили ќе почнат да се повлекуваат од Балканот, тогаш повторно почнуваат да се цртаат мапи. Историјата на овој регион покажува дека тоа никогаш не завршува мирно – потсетуваат во добра намера нашите соговорници. Р.С.
Редакциски коментар
Заминувањето на Шмит не е крај на еден мандат, туку симптом на немање лидерство и визија на актуелен Брисел
Постојат моменти во балканската историја кога една навидум административна одлука станува сигнал за многу подлабоки геополитички поместувања. Повлекувањето на Кристијан Шмит од функцијата висок претставник во Босна и Херцеговина е токму таков момент. На прв поглед, станува збор за очекуван крај на еден тежок и контроверзен мандат. Но во реалноста, заминувањето на Шмит отвора многу посериозно прашање: дали Западот постепено се повлекува од проектот наречен постдејтонска Босна? Тоа прашање денес не е само босанско. Тоа повторно станува централно балканско и европско безбедносно прашање.
Од потпишувањето на Дејтонски мировен договор наваму, БиХ никогаш не беше вистински стабилизирана држава. Таа беше одржувана преку комбинација од меѓународен надзор, американска воена моќ, европски финансиски механизми и внимателно контролиран баланс меѓу трите етнополитички блока. Дејтон го запре воениот конфликт, но не создаде функционална политичка заедница. Наместо тоа, конструираше сложен систем на блокади, ентитетски вета, етничка територијализација и постојана зависност од надворешен арбитер. Токму затоа функцијата висок претставник стана суштински столб на поствоената архитектура. Без ОХР, дејтонскиот систем никогаш немаше капацитет сам да се одржува. Но денес, речиси три децении подоцна, меѓународната заедница изгледа уморно од сопствениот проект.
Мандатот на Шмит во суштина ја отслика кризата на западната политика кон Балканот. Тој дојде во Сараево во време кога Европска Унија веќе немаше вистинска стратегија за проширување, кога НАТО беше преокупирано со источниот фронт, а САД постепено го губеа фокусот од Балканот во корист на Индопацификот и се остреа кон Кина. Во таков амбиент, Шмит не беше силен меѓународен гувернер, туку повеќе кризен администратор на систем што веќе покажува знаци на политичко распаѓање. Дополнителен проблем беше фактот што неговиот мандат никогаш не доби формална потврда од Советот за безбедност на ОН, поради противењето на Русија и Кина. Тоа драматично го ослаби неговиот легитимитет и му овозможи на Милорад Додик постојано да бомбардира во јавноста со аргументот дека Шмит претставува „нелегален странец“ без вистински мандат.
На крајот, Шмит остана заробен меѓу западната неодлучност и растечката самодоверба на локалните национализми.
Сега, по оставката на Шмит, најзагрижувачкиот елемент денес не е само кризата во БиХ, туку атмосферата што постепено почнува да потсетува на раните 1990-ти. И тогаш, како и сега, меѓународната заедница долго време веруваше дека југословенската криза може да се контролира со дипломатски формули, конференции и привремени компромиси. Европа во 1991 година тврдеше дека има „час на европската дипломатија“, но без американска интервенција и НАТО-сила, континентот не успеа да ја запре војната. Денес повторно постои опасна илузија дека балканските тензии можат бесконечно да се замрзнуваат без суштинско политичко решение. Но историјата на Балканот покажува дека замрзнатите конфликти никогаш не остануваат навистина замрзнати.
Кризата во БиХ повеќе не е само локален спор. Таа станува дел од поширокото геополитичко натпреварување меѓу големите сили. Русија гледа низ своја диоптрија на Балканот како и секогаш. Турција, пак, сè поотворено се позиционира како заштитник на бошњачките интереси и наследник на историското османлиско влијание во регионот. За Анкара, Босна е и емотивно и геополитички важно прашање. Во меѓувреме, САД и ЕУ дејствуваат без единствена стратегија. Вашингтон повеќе нема апетит за длабок ангажман како во 1995 година, а Брисел е поделен, бавен и често парализиран од сопствените внатрешни кризи. Токму во таков вакуум растат радикалните идеи. Така, во последните години сè почесто, и тоа не само во маргинални националистички кругови, повторно се отвора прашањето дали БиХ е „одржлива држава“. За потсетување, во делови од Хрватска веќе се организираат академски и политички дебати за федерализација, етничко редефинирање и нова уставна архитектура на БиХ. Во Србија сè поотворено се зборува за правото на Република Српска на самоопределување. Ова можеби сè уште не е официјална политика на државите, но самиот факт што темата повторно циркулира низ институционални и интелектуални кругови е сериозен аларм. Балканот има историско правило: кога еднаш ќе почнат разговорите за граници, тие ретко остануваат само академски.
Евентуално отворање на прашањето за територијално редефинирање на БиХ би имало далекосежни последици. Во Косово повторно би се актуализирале идеи за национално обединување со Албанија. Во Црна Гора би се засилиле внатрешните идентитетски поделби. Во Македонија повторно би оживеале старите дебати за федерализација, етнички баланс и редефинирање на државниот модел. Дури и во Грција, која е стабилна членка на ЕУ и НАТО, секоја поширока балканска дестабилизација би создала нов простор за националистички радикализам и безбедносни стравови. На Балканот, ниту една промена на граници никогаш не останува локална.
Најголемиот проблем не е самиот Шмит. Проблемот е што неговото заминување симболично покажува дека Западот повеќе нема јасна визија што да прави со БиХ. А токму тоа е најопасната порака што може да се испрати во овој регион. Во 1990-тите, Балканот експлодираше кога големите сили предоцна сфатија дека распаѓањето на политичките системи создава безбедносен вакуум што брзо се полни со национализам, ревизионизам и конфликти. Денес постои ризик истата грешка повторно да се повтори, само во поинаква геополитичка форма. Шмит можеби заминува како контроверзен висок претставник. Но неговото повлекување ќе остане запаметено како момент кога меѓународната заедница почна да изгледа уморно од одбраната на сопствениот мировен проект во Босна. А кога Западот се двоуми на Балканот, историјата речиси секогаш почнува повторно да се движи во опасна насока. Р.Н.М.
































