Фото: Приватна архива

Низ маглата наѕиравме колони, колони партизани што се спуштаа од висините на Горно Водно, како мравки од мравјалници се слеваа од сите страни на планината, и тоа пеејќи ја „Во борба, македонски народе“, која првпат ја чувме тогаш и која нѐ следеше низ целата младост. Излеговме да ги пречекаме. Меѓу нив имаше речиси деца. Им се воодушевував! На едно од партизанчињата му паднаа куршумите, мајка ми сакаше да му помогне, рачињата му беа премрзнати, таа заплака, а тоа отиде кон неизвесноста, но ја убедуваше да не плаче и да не се плаши, ѝ велеше: „Ќе биде, ќе биде – ќе победиме“, раскажува нашата соговорничка Радица Бојаџиев Николовска

УШТЕ ЕДНО ЖИВО СЕЌАВАЊЕ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕТО НА СКОПЈЕ

Да се биде слободен значи до последен здив да се бориш за слободата што сакаш да ја живееш. Да се живее во слободен град, значи да бидеш подготвен да умреш за таа цел. Се чини дека постојано се бориме за слобода. Денес можеби малку поинаква слобода од онаа што на 13 ноември 1944 година, пред 78 години, ја извојуваа нашите предци, развиорувајќи ги знамињата низ слободните улици во Скопје. Поинакви се борбите… Македонците тогаш се бореле против германските, бугарските, албанските фашистички окупатори… А денес? Денес небаре повторно ја чувствуваме агресијата, но е со различна форма, делумно и од истите окупатори и со иста подјармувачка и асимилаторска тенденција, каде што се настојува да се деноминираат македонскиот народ, јазик и историја.

СПОМЕНИ ЖИВИ КАКО ДА СЕ СЛУЧИЛЕ ВЧЕРА

Денес нема повеќе живи ослободители на Скопје, но има такви што во тоа време биле многу млади, но секој миг од ослободувањето им се врежал и го паметат како да било неодамна. Таква е приказната на скопјанката Радица Бојаџиев Николовска, која својата приказна ја раскажа за „Нова Македонија“. Денес таа живее во Франција, но љубовта за Скопје и Македонија не ја крие. Со посебна страст ни раскажа дека живеела во скопски Центар, денес местото познато „кај бикот“, во населбата на ковачите.
Кога се случувало ослободувањето на Скопје, Николовска имала околу осум години. Својата приказна ја раскажа почнувајќи уште од подготовките за ослободувањето, кои се интензивирале како што доаѓал конечниот ден.
– Тој ден беше еден обичен есенски ден, пријатен, со блага магла, повремено пробиена од есенското сонце. Во градот некое чудно движење, а во воздухот една атмосфера на неизвесност, очекување, страв, надеж и збунетост. Нешто се „шушкаше“ помеѓу народот, нешто се очекуваше веќе подолго време. По капитулацијата на Бугарија, сѐ почесто се спомнуваше за слобода, која ние децата ја разбиравме дека ќе се вратиме по своите домови и ќе треба да одиме пак на училиште, кое со бомбардирањата одамна престана да работи. Голем дел скопски семејства беа веќе евакуирани надвор од градот, каде што останаа главно „татковците“. Моето семејство, со стрина ми, вујна ми и некои наши пријатели, се „спасуваше“ во куќата на прекрасното семејство Мицкови, кое се наоѓаше највисоко над селото Долно Водно. Кај нив бевме примени како да сме им најблиски: спиевме сите групно со нив, во истите простории. Никогаш немаше кавги или расправии, дури имаше повремени веселби и шегувања – се присетува таа.

Радица Бојаџиев Николовска вели дека од куќата каде што била сместена, долината на Скопје се гледала како на тепсија.
– Долу во селото, вилите на неколку скопски семејства беа „реквизиционирани“ од германските окупатори. Во вилата на семејството Мацура (мислам) им беше командата. Последните денови пред денот Д ги слушавме нашите мајки гледајќи од чардаците кон градот како зборуваат сѐ повеќе за можното скорешно ослободување. Тоа беше магичниот збор, кој сите го сакавме. Ослободувањето на Скопје се „готвеше“ со денови и денови, лебдеше во воздухот и пред очите на секого и насекаде… Најубава вест беше кога „заклучија“ дека штом се палат огнови во вилата кај што беше командата и горат некои работи, веројатно документи, значи дека нешто многу важно се подготвува – бегање! Тоа беше радост, но и опасност како ќе се изведе. Се зборуваше за минирани мостови, станица, банка, кои требаше да се спасат… Полиција или војници веќе не доаѓаа низ нашиот крај како некогаш. Дури се случуваше да видиме доаѓање на некое „дискретно“ лице, веројатно партизан или некоја „врска“ да се види со некој од „станарите“, за да исчезне на брза рака, а овој другиот да замине исто така негде кон градот. Татко ми и железничарите штрајкувачи по заминување на Бугарите од Македонија ги „украдоа“ и ги скрија во нашиот стан во Скопје сите инструменти на познатиот „Железнички оркестар“.

Татко ми повремено доаѓаше да нѐ види, „шушкаше“ нешто со мајка ми и заминуваше некаде. На 12 ноември дојде и настојуваше да ме земе и мене со него, за да ме „прошета“. Мајка ми не дозволуваше, но, сепак, попушти на моето настојување. Отидовме на плоштадот, каде што нѐ дочека еден млад човек, прозборе нешто со татко ми, по што татко ми замина да заврши некоја работа и ми рече да го чекам тука, со човекот. За да ме забавува, тој ми направи фотографија, која за мене беше многу важна, бидејќи во тие времиња се немаше дома фотоапарати за сликање како денес. Вечерта, татко ми остана да спие во селото, но долго, многу долго шушкаше со мајка ми, за моја голема тага пушташе и понекоја солза и потврдуваше со главата. Се разбудив уште во темница, пак од тоа шушкање. Татко ми се зборуваше со мајка ми и со мене и, заедно со еден железничар, замина некаде далеку од Скопје, со задача да го спречат влегувањето на бугарската армија во градот пред тој да биде ослободен. Затоа било одењето во Скопје претходниот ден, на некоја средба во црквата „Цар Константин и царица Елена“, каде што отец Киро Стојанов им помагал во плановите. Подоцна разбрав дека стигнале само до селото Трубарево, бидејќи биле спречени од германската армија и останале таму некаде. Сѐ до ослободувањето на градот, бугарската војска не била пуштена да влезе во Скопје, а по ослободувањето стигнале до некогашната Трошарина, потоа, директно на Кале во касарните. Така, бугарскиот сон, и покрај фалбата на Радио Софија дека го ослободиле Скопје, тврдам дека е тотално лажен – се присетува таа.
Радица вели дека денот Д започнал како за инает, со студ, мислиш камен пука, сѐ заледено, а започнал да паѓа и првиот снег.
– Низ маглата наѕиравме колони, колони партизани што се спуштаа од висините на Горно Водно, како мравјалници се слеваа од сите страни на планината, и тоа пеејќи ја „Во борба смела, македонски народе“, која првпат ја чувме и која нѐ следеше низ целата младост. Излеговме да ги пречекаме. Меѓу нив имаше речиси деца. Им се воодушевував! На едно од партизанчињата му паднаа куршумите, мајка ми сакаше да му помогне, рачињата му беа премрзнати, таа заплака, а тоа отиде кон „пеколот“ на неизвесноста, но ја убедуваше да не плаче и да не се плаши, ѝ велеше: „Ќе биде, ќе биде – ќе победиме“. Пукотници имаше, негде посилни, од негде помалку се слушаа. Голем момент бил кај железничката станица во центарот, кога германскиот командант морал да се предаде пред нашиот „испарталавен“ партизан, во опинци наместо кожени чизми, а и тој веќе смрзнат.
Откако го потпишал предавањето, Германецот се самоубил! Нашиот беше народен херој, кумановец, мислам дека се викаше Бурзо или нешто слично. Со тоа веќе на Германците им било јасно каков им е крајот, но давале отпор, остро и тврдоглаво. Најмногу околу Учителската школа, каде што загинаа повеќе наши скопјанчиња и други, кои, познавајќи го градот, сами се пријавиле за таму – раскажува Радица.

Фото: Приватна архива

ИТАЛИЈАНСКИ ВОЈНИК ГО СПАСИЛ СКОПЈЕ ОД ПОПЛАВА

Окупаторите добро знаеле каде да удрат доколку им згусти. Па, така, целиот град го ставиле во опасност со тоа што поставиле мина на браната Матка, од која постоела опасност вода да го проголта целиот град. Како што се сеќава Николовска, најголем страв било да не се поплави Скопје.
– Сите се плашеа од поплава поради минираната централа Матка. Таму се воделе пожестоки борби, а за да ја спасат, помеѓу сите се жртвувал италијански војник партизан, кој се затрчал да отфрли некоја бомба во кутија или нешто слично и бил смртно погоден, но успеал во намерата. Се викал Никол, но од милост го викале Николче. Тој сигурно заслужува споменик кај Матка. Последно отпориште на Германците беше кај Камен мост, за кој сите се плашевме дека ќе биде миниран. Но беше спасен, а цената ја платија седуммина чесни граѓани што беа собрани од дома од страна на окупаторот, како последно злосторство на окупаторот, стрелани на самиот мост, кој како да е наменет за одмазда. Многу години тоа место имаше „спомен-чешмичка“, која беше заборавена и без почит, па ја немаше и сега слушам дека е преместена. До утредента пукотниците горе-долу, завршија и Скопје дејствуваше слободно, иако продолжуваше да се бори за својата слобода. Татко ми се врати следниот ден од железничката ложилница, каде што останал да види каква е состојбата. За мајките беше важно дека децата се живи. Брат ми се врати негде од Врановци, со една геокарта на Македонија, која сите ја гледавме со восхит и која наскоро мораше да ја врати некаде. Ние децата се радувавме заедно со сите. Ќе одиме на училиште, каде што ќе учиме на јазик што го зборуваме дома, што беше тешко опислива среќа и новост. И така ни започна животот во ослободено Скопје – го завршува своето сеќавање нашата соговорничка.
На крајот од разговорот таа имаше само една порака за младите – да се интересираат и да пишуваат за историјата на Скопје. Да раскажуваат и да не дозволат други да ни ја раскажуваат историјата.


ПРОГЛАСОТ ЗА ОСЛОБОДУВАЊЕТО ОБЈАВЕН ВО „НОВА МАКЕДОНИЈА“

На 14 ноември 1944 година, „Нова Македонија“ на своите страници го објавува прогласот на Градскиот народноослободителен одбор, во кој било истакнато: „Скопје, престолнината на Македонија, е ослободено. Крвавиот германски фашистички окупатор е истеран од нашиот град“. Скопјани исто така биле информирани дека Градскиот народноослободителен одбор како орган на народната власт и единствен толкувач на народната волја ја презема власта во свои раце. На 15 ноември, штабот на Првата корпусна зона го информира Главниот штаб на НОВ на Македонија со следните зборови: „Вашата наредба за ослободување на историскиот град, престолнината на Македонија, нашето убаво Скопје, ја извршивме“.
На 15 ноември, во 12 часот, сите бригади биле построени на плоштадот. Командантот на Главниот штаб на НОВ на Македонија, генерал-лајтнант Михаил Апостолски извршил смотра на построените борци. По извршената смотра, Апостолски одржал говор и им оддал признание и благодарност што учествувале во борбите за ослободување на Македонија и на Скопје.