Фото: Принт-скрин

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска ја обвини Москва дека игра „игри со глад“ со светот, бидејќи го блокира извозот на жито од украинските пристаништа на Црното Море.

На маргините на самитот на Асоцијацијата на земјите од Југоисточна Азија (АСЕАН), Кулеба ги повика земјите од тој регион политички и материјално да ја поддржат Украина.

Тој рече дека светот треба да изврши притисок врз Русија да не се откаже од договорот за извоз на храна, „бидејќи украинските земјоделски производи се клучни во Африка и Азија“. Исто така ги обвини и руските инспектори за „тивка саботажа“, односно намерно одложување на испораките.

По потпишувањето на договорот со посредство на Обединетите нации и Турција, беше формиран тим од руски, украински, турски и инспектори на ОН за следење на извозот на храна.

– Русија треба, односно мора, да престане да игра игри со глад со светот – рече Кулеба.

Украина првпат беше поканета на самитот на АСЕАН, кој го сочинуваат Камбоџа, Филипини, Малезија, Индонезија, Лаос, Сингапур, Тајланд, Виетнам, Брунеи и Мјанмар. Сепак, на лидерите на Мјанмар не им е дозволено да учествуваат поради моменталната ситуација во земјата.

Неколку земји-членки на АСЕАН досега беа резервирани по прашањето за инвазијата, тие ја осудуваат војната, но исто така се обидуваат да избегнат осуда на руската страна.

Осум од 10-те земји на АСЕАН гласаа за резолуцијата на Генералното собрание на ОН за осуда на руската агресија, а Виетнам и Лаос беа воздржани.

Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган денеска изјави дека продолжувањето на договорот за извоз на жито од украинските пристаништа на Црното Море ќе биде правилна одлука. Постојниот договор истекува на 19 ноември.

– Мислам дека би било погрешно таму да се постави временско ограничување – изјави Ердоган.

Турција, Обединетите нации, Русија и Украина на 22 јули потпишаа договор во Истанбул за продолжување на извозот на жито од три украински пристаништа на Црното Море, кој беше прекинат поради руската инвазија на Украина.

Сите страни во моментов преговараат за можно продолжување и проширување по истекот на претходниот договор, а Ердоган рече дека Турција е решена да транспортира руско жито и ѓубриво во помалку развиените земји.

Тој додаде дека најважно за Турција е спроведувањето на договорот за коридорот за жито и посредувањето меѓу Русија и Украина во насока на воспоставување мир.

– Се разбира, целта на рускиот претседател Владимир Путин е да го насочи транспортот кон сиромашните африкански земји, особено Мали, Сомалија и Судан. Тој ми понуди бесплатно да им испратиме жито. Штом се направи таков чекор, можеме и ние да покажете ист вид сензибилитет – рече турскиот претседател.

Нагласувајќи дека не би било фер да се остави Африка настрана и да се испраќа жито само во Европа, Ердоган рече дека е важно да се обезбеди интензивен транспорт на жито, ѓубрива и амонијак во сиромашните земји.