Фото: Игор Бансколиев

На крајот на месецот се одбележуваат два значајни празници што најмногу се поврзуваат со екологијата – доаѓањето на пролетта и Денот на водата. На 20-ти дојде пролетта, а на 22 март беше одбележан Светскиот ден на водата. Двата сегмента се некако тесно поврзани со екологијата и животната средина, бидејќи пролетта секогаш значи излез од сивилото, почист воздух, реализација на голем број еколошки активности, а за здрава и чиста, незагадена вода за пиење голем број држави во светот водат сериозни битки

МАРТ Е МЕСЕЦ НА ЖИВНУВАЊЕ НА ПРИРОДАТА И НА ЖИВОТНАТА СРЕДИНА

Март секогаш е месец кога сите активности во општеството се раздвижуваат, месец кога се одбележуваат доаѓањето на пролетта и Светскиот ден на водата, се организираат голем број еколошки акции, се разубавуваат парковите, се садат нови садници, се реализираат генералки низ општините, се чистат депонии… Како сите да се будат од зимскиот сон. Раздвиженоста на граѓаните е зголемена, поголемото присуство на сонце ги вади жителите на метрополата во парковите, децата во игралиштата…

ПРОЛЕТНО БУДЕЊЕ

На крајот на месецот се одбележуваат два значајни празници што најмногу се поврзуваат со екологијата – доаѓањето на пролетта и Денот на водата.
На 20-ти дојде пролетта, а на 22 март беше одбележан Светскиот ден на водата. Двата сегмента се некако тесно поврзани со екологијата и животната средина, бидејќи пролетта секогаш значи излез од сивилото, почист воздух, реализација на голем број еколошки активности, а за здрава и чиста, незагадена вода за пиење голем број држави во светот водат сериозни битки.
Само неколку дена откако официјално пристигна пролетта, насекаде беа почнати голем број акции за чистење. Па, така, во општината Бутел, пролетта започна со раззеленување и уредување на училишниот двор на основното општинско училиште „Ацо Шопов“.
Градоначалникот на Бутел, Дарко Костовски, заедно со учениците го уредуваше училишниот двор. Засадени беа цвеќиња и дрвја, а беа поставени и нови павер-елементи, со што дополнително се уредија зелените површини во училишниот двор.
Во истата општина беше реализирана и еколошка акција, во која беше исчистена голема депонија покрај реката Серава во Бутел 1.
– Поставивме и информативни табли, со кои укажуваме на забрана за фрлање шут и ѓубре на веќе исчистените депонии. На влезот на кејот се поставени и столпчиња, со што ќе спречиме влегување на возила што ја загадуваат околината – информира Костовски на својот фејсбук-профил.
Во општината Центар, пак, децата учеа дека правилната селекција на отпадот носи нови производи, но и дека ја штити животната средина, вклучувајќи го и живиот свет во реките, езерата и океаните, дури и оној што живее во шумите.
Голема пролетна акција почна и во општината Гази Баба. Акцијата започна од местото Коцка во Автокоманда, каде што екипите на ЈКП „Гази Баба“ почнаа со поставување нова урбана опрема.
– Со оваа акција го најавуваме и почетокот на пролетната градежна офанзива. Следува период на реализација на голем број проекти. Во рамките на оваа акција ќе бидат поставени нови форми на клупи, нови канти за отпадоци, ќе се менуваат штафни на постојните клупи, ќе се расчистуваат парковите и детските игралишта, ќе се одржуваат и подигаат нови зелени површини – нагласи градоначалникот на Гази Баба, Бобан Стефковски.
Пролетна генералка почна и во Кисела Вода, каде што беше најавена пролетна работна акција за сите општини во соработка со Град Скопје.
Во рамките на акцијата во Кисела Вода, почнаа чистење на градските булевари, собирање кабаст отпад, садење нови садници и уредување на зеленилото.
Во општината Чаир, пак, во градинката „Снежана“, беше реализирана едукативна работилница, преку која директно се едуцираат најмладите за чувањето на животната средина.
Околу сто дечиња беа вклучени во едукативните активности што се одвиваа во матичниот објект на оваа детска градинка и имаа можност да научат на кој начин да постапуваат со отпадот и колку е значајна неговата примарна селекција.

ВОДАТА ЗНАЧИ ЖИВОТ

На 22 март беше Светскиот ден на водата. На овој ден се слави водата, се издигнува свеста за оние 2,2 билиони лица што живеат без вода и без пристап до вода. Веќе многу години живееме во време на временски (не)погоди, во услови на драстични промени на временските услови, кои негативно влијаат на водоснабдувањето. Некои цивилизации никогаш не ни имале можност да дојдат до чиста и пивка вода, па токму затоа и од огромна важност е да сме свесни дека мора да ја користиме водата совесно и рационално. Ние сме еден од ретките градови во светот чии жители уживаат во природна вода, па затоа и од огромна важност е многу претпазливо да се однесуваме кон природата за истата таа да продолжи да ни ја дава водата од изворите. Бидејќи факт е дека без вода нема живот.
По повод Светскиот ден на водата беше одржана и прес-конференција од страна на јавното претпријатие „Водовод и канализација“, кое е одговорно и заслужно за тоа што Скопје има чиста и пивка вода за пиење.
– Повеќе од сто години, невидливото го правиме видливо. Подземната вода, за нас како претпријатие, за нас како граѓани на град Скопје е од огромно и непроценливо значење. Секоја наша активност е во насока на зачувување токму на ова природно богатство, негова заштита од сите фактори што може да дејствуваат негативно, негова рационализација во употребата, одржливост и наоѓање алтернативни извори на водоснабдување, како одговор на брзиот раст на градот, урбанизацијата и, секако, климатските промени – истакна Златко Перински, директор на водоводното претпријатие.
Тој додаде дека со слоганот „Водата е живот, квалитет што трае“ се испраќа порака за важноста на ресурсот, кој е од непроценливо значење за скопјани, како и дека „Водовод и канализација“ – Скопје останува посветено на обезбедувањето квалитетна вода, истакнувајќи дека од сите нас зависи колку ќе ја зачуваме.

[email protected]