Серијата на презентации, во рамките на новиот проект „Артс хаб“, заврши со презентацијата на проектот „Лета, лета Локубија“ на Елена Чемерска.
Преку оваа серија од шест презентации и разговори, домашните уметници и автори што во контекст на програмата на културниот центар „Јадро“ во изминативе две години беа поддржани да реализираат свои проекти на партиципативна/социјално ангажирана уметност (Кристина Божурска, Културно Ехо, Елена Чемерска, Ивана Мирчевска, Симона Манчева, Лидија Пајевиќ и Крунислав Стојановски) ги претставуваат своите веќе реализирани проекти и ги споделуваат искуствата и научените лекции од практиката во специфичниот локален контекст.
Проследени со прашања и одговори, овие презентации и разговори меѓу другото ги пренесуваат искуствата и ќе помогнат во освестување на битните аспекти поврзани со подготовката и реализацијата на проекти и акции базирани на социјално ангажираната уметност.
„Лета, лета Локубија“ претставува продолжување на долгогодишните активности во рамките на интердисциплинарниот документарен уметнички проект во организација на визуелната уметница Елена Чемерска, чија цел е физичка и значенска ревитализација на Споменикот на слободата во Кочани и неговата утописка програма.
Во рамките на овој проект беше реализирана дводневна работилница во период од еден месец, за изработка на летала од рециклирани материјали од градската депонија во Кочани, врз основа на цртежи на децата учесници во работилницата, инспирирани од мозаичните фризови на Споменикот на слободата.
Поттикната од приказните на членови на различни генерации од локалната заедница, поврзани со неформалната традиција на летање змејови на Споменикот на слободата, а имајќи ја предвид неговата географска позиција во однос на градот, оваа работилница беше наменета за сите деца што живеат во подрачјето на ридот Локубија, Кочани, и пошироко, на возраст од шест до дванаесет години, љубопитни за летањето, летачките објекти и нивното создавање.