Глетката како тренер станува од клупата за да раководи со рутините при корнер или слободен удар станува сѐ почеста, Брентфорд веројатно е прв, а другите го следеа. Жовер од Арсенал, Георгсон од Манчестер Ј., Куева од Челси и Вилсон од Вулверхемптон, сите дојдоа од клубот. Тренерот за прекини ја нагласува важноста на деталите што клубовите сега ги бараат за да напредуваат
Тоа не е уникатна работа на Брентфорд, тоа е нешто што го спроведуваат и најголемите клубови, тоа е нешто што повеќето луѓе го гледаат и велат, всушност, дека ова е најпрепознатлив дел од играта, вели директорот на фудбалот на Брентфорд, Фил Џајлс, кој за „Би-би-си“ зборува за подемот на тренери специјалисти за изведување прекини, а Брентфорд е во првите редови цела деценија. Глетката како тренер станува од клупата за да раководи со рутините при корнер или слободен удар станува сѐ почеста, Брентфорд веројатно е прв, а другите го следеа. Николас Жовер од Арсенал, Андреас Георгсон од Манчестер јунајтед, Бернардо Куева од Челси и Џек Вилсон од Вулверхемптон, сите дојдоа од клубот. Тренерот за прекини ја нагласува важноста на деталите што клубовите сега ги бараат за да напредуваат, пишува „Би-би-си“.
– Тоа е уште едно оружје што го имаме. Имаме одлични играчи и во моментов многу физички силен тим, кој може да се бори за топката. Работиме на тоа многу, голема заслуга има кај тренерите, а потоа и кај играчите што го прифатија тоа и разбраа дека овие работи ја менуваат играта – рече тренерот на Арсенал, Микел Артета.
Во минатата сезона 247 од 1.246 гола (19,8 отсто) во англиската Премиер-лига беа постигнати од прекини (без пеналите). Тоа, всушност, е помалку од највисокото ниво од 28,5 проценти во сезоната 2010/2011 (сезонава 19,4 отсто, 39 од 201 гол досега).
Почетокот на мечот, прекин сам по себе, исто така има потенцијал, а Брентфорд трипати постигна гол во првата минута, во последователни натпревари со Манчестер сити, Тотенхем и со Вест хем, откако го имаше почетниот удар. Иако може да биде аномалија во текот на сезоната, тоа не е случајност.
– Секоја таква ситуација каде што знаете каде можат да бидат вашите играчи и каде може да биде нивното место, ви дава шанса да создадете нешто. Топката е на вашата половина или на средината на теренот, малку е понезгодно, така што е малку невообичаено да се прави тоа трипати по ред, но тоа е ситуација што можете да ја испланирате и да ја контролирате. Не е среќа, но во исто време не е лесно да се репродуцира. Исто така примивме седум гола во тие три меча и ниту еднаш не постигнавме гол по изведувањето од центар – вели Џајлс.
Победничка предност
Местото за производство специјализирани тренери во Брентфорд не е намерно дизајнирано, туку ги покажува импресивните резултати што тимот ги остварил со нивната работа. Италијанецот Џани Вио стана нивниот прв стручњак за прекини во сезоната 2015/2016, пред да го освои Европското првенство во 2021 година со својата земја. Георгсон замина во Арсенал и се пресели во Саутемптон пред да му се приклучи на Манчестер јунајтед годинава, откако беше главен тренер во норвешкиот Лилестром. Тој беше заменет со Жовер, кој сега има контрола над прекините кај Арсенал откако беше во Манчестер сити, а Челси го ангажира Куева летово. Поранешниот репрезентативец на Република Ирска, Кит Ендрјус, му се приклучи на Брентфорд од Шефилд јунајтед во јули како негова замена. Дури и Вилсон, кој беше назначен за прв тренер на Вулверхемптон од Манчестер сити летово, беше аналитичар во Брентфорд, пишува „Би-би-си“.
– Без тоа да биде нужно амбиција или наша цел, се покажа дека некои од момците што дојдоа и ја завршија таа одредена улога тука, навистина добро се снајдоа во некои големи клубови. Тоа не е како што сакавме, но се надеваме дека тоа е добар одраз на средината што ја имаме, што им овозможува на тренерите да бидат успешни – вели Џајлс.
Иновации и подобрување
Остин Мекфи беше еден од единствените вработени кога Унаи Емери го замени Стивен Џерард во Астон вила пред две години. Мекфи е заслужен за подобрените поставувања на Астон вила и во минатата сезона таа стана првиот тим во Европа што постигнал 20 гола од прекини. Поранешниот селектор на Северна Ирска, Иан Бараклоф, работеше со Мекфи за репрезентацијата од 2020 до 2021 година.
– Остин беше иновативен. Му дадов слободно владеење и тоа беше добра врска. Тој беше многу силен во своите верувања. Во поголемиот дел од времето можевте да видите како работите функционираат. Станува збор само за тоа дали имате доволно време да работите на тоа, но не сум изненаден што е во Астон вила и добро се снаоѓа – рече Бараклоф.
Иако Бараклоф со право истакнува дека прекините не станале наеднаш важни, туку отсекогаш се работело на нив, но станале поинвентивни. Како што тимовите сѐ повеќе се фокусираат на деталите, поранешниот напаѓач на Блекбурн и на Англија, Крис Сатон нагласува дека фокусирањето на прекините не е ништо ново.
– Разликата во минатото беше во тоа што тренерите што сакаа да работат на нив сами го правеа тоа. Разбирам дека играта еволуира оттогаш со новата технологија што е достапна, но како овие работи и идеи да не постоеле во времето кога дефинитивно постоеле – вели Сатон.
„Магичен“ аут
Фокусот на уфрлањата од аут исто така се зголеми, бидејќи клубовите бараат каква било можна предност. Томас Гронемарк беше ангажиран од Јирген Клоп во 2018 година и Данецот му помогна на Ливерпул да ги освои Премиер-лигата и Лигата на шампионите во рок од две години. Тој ја подобри статистиката на поседот на „црвените“ од изведување аут од 45,4 проценти на 68,4 отсто, отиде од 18-то на првото место во лигата според таа метрика, пишува „Би-би-си“. Сега работи како консултант во Брентфорд и во Митјиланд, откако беше и во Ајакс и во Борусија Дортмунд.
– Имате од 40 до 60 аути на натпревар, користејќи приближно 20 минути при уфрлања и такви ситуации, така што тие се огромна работа. Работам со долгата, брза и паметна филозофија за аути и кога имаме аут, тоа треба да биде возбудливо, треба да ви даде шанса да постигнете гол. Тоа треба да биде дел од фудбалот, што е магично – рече Гронемарк. Н.М.